50 години од историскиот потег на Вили Брант


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Пред точно педесет години, утрото на 7 декември германскиот канцелар Вили Брант положи венец на споменик во варшавското гето. Споменикот е подигнат во спомен на храброста на илјадници Евреи што ги загубија своите животи во гетото во очајнички напор да се ослободат од германските окупатори.

Брант положи венец, потоа направи неколку чекори назад, па клекна на колена со наведната глава, наведува Дојче веле во написот по повод 50-годишнината од гестот што го отвори патот кон помирувањето.

Кога зборовите не можат да го опишат чувството

„Соочен со бездната на германската историја и товарот на милионите убиени, го направив она што ние луѓето го правиме кога немаме зборови да ги опишеме своите чувства“, напиша Брант во своите мемоари.

Падна на колена како грешник, според христијанскиот обичај. Молеше на Германците да им биде простено.

Вили Брант, социјалдемократот што учествуваше во отпорот против нацистите, се молеше за прошка за својот народ. Дали гестот беше планиран? „Не, не беше“, инсистираше Брант. „Моите најблиски соработници беа исто изненадени како новинарите и фоторепортерите што стоеја до мене.“

Полската влада исто така беше изненадена, вели Кшиштоф Ружниевич, професор по историја на Универзитетот во Вроцлав: „Сѐ до тој момент ние секогаш ги сметавме за ‘злобните Германци’. Ги гледавме како реваншисти и поттикнувачи на војни“, објасни тој. „И тогаш одеднаш имате германски канцелар што клекнува на колена како симбол на спремност за покајување.“

Полската влада сметаше дека гестот е чекор кон помирување. „Сепак, партиската пропаганда се спротивстави на секој потег тој да се прифати како можност за подобрување на негативниот имиџ на Германија“.

Мнозинството не го поддржуваше гестот на Брант

Тешко е да се каже, вели Ружниевич, што мислеа за тоа обичните луѓе во тоа време.

„Многу Полјаци веројатно не ни знаеја што се случува.“ Фотографиите на познатото ‘клекнување’ не беа објавени во полските весници. И дури подоцна дојдоа резултатите од политиката на помирување на Брант.

А во Германија? „Гестот на Брант го скрши табуто“, вели историчарката Кристина Мејер од фондацијата Федерален канцелар Вили Брант. „Можете да го наречете пресвртница во напорите на германското општество да се помири со своето нацистичко минато. Сепак, сѐ уште мнозинството Германци не беа спремни да побараат прошка за злосторствата извршени од нацистите. Едно истражување спроведено во 1970 година покажа дека секој втор Германец од Западна Германија го отфрла гестот на Брант, сметајќи го за претеран.

Пресвртница кон помирувањето

За време на својата посета на германскиот источен сосед во 1970 година, Брант го потпиша и Варшавскиот пакт. Со ова потпишување, западногерманскиот канцелар го прифати губењето на поранешните германски територии во Источна Европа, кои станаа дел од Полска по Втората светска војна. Ова го отфрлија опозициските конзервативни партии во тогашниот главен град на Западна Германија, Бон. Некои десни екстремисти дури го нарекоа Брант „предавник“.

Од денешна перспектива, повеќето историчари се согласни: Брантовата „Остполитик“ – политика на постепено подобрување на односите со Источна Европа – беше клучен чекор кон обединувањето на Германија во 1990 година.

„Де факто признавањето на денешната граница меѓу Германија и Полска обезбеди заедничка основа за политички пристап“, тврди историчарката Мејер. „На овој начин, политиката на Брант кон Источна Европа беше пресвртница на тешкиот пат на помирувањето меѓу Истокот и Западот во Студената војна“. Според неа, ова било почетна точка за развојот на настаните што прво доведоа до мирни револуции во Полска и Источна Германија, а потоа до германско обединување и на крај до вистинско партнерство: „Партнерство меѓу Германија и Полска во обединета Европа“.

Сенките повторно се креваат

Барем такво беше расположението од обете страни на границата сѐ до неодамна. Но по шест години со ултранационалистичката Партија на правото и правдата (ПиС) на власт во Варшава, многумина сега се склони да го гледаат партнерството меѓу Полска и Германија и клекнувањето на Брант на сосема поинаков начин.

Зборовите како недоверба, отуѓување или парализа се дел од многу наслови што ги опишуваат односите Варшава-Берлин. Премногу често се чини дека сенките на минатото повторно се креваат. Најновата тема на горчлива расправија е планираниот меморијален центар во Берлин за германските злосторства против Полска за време на Втората светска војна.

„Од перспектива на последните неколку години, клекнувањето можам да го гледам само како празен гест“, рекол политичарот на ПиС, Аркадиј Муларчик, за ДВ. „Тој не значи ништо. Какво извинување е тоа за извршените злосторства, кога немаше обесштетување за Полска“.

Муларчик, член на полскиот парламент, ја предводи комисијата задолжена за формулирање на барањата за воени репарации што ќе ѝ бидат презентирани на Германија за злосторства извршени за време на Втората светска војна.

„Со години имаше такви германски гестови во односите со Полска. Сепак, што се однесува до мене, сето тоа е измама“, верува Муларчик. „Во Втората светска војна беа убиени скоро ист број Полјаци колку и Евреи. Сепак, Евреите што живеат во САД или Израел имаат право на отштета. Тоа не важи за Полјаците“.

Од вкупно шест милиони полски граѓани убиени за време на Втората светска војна, три милиони беа Евреи. Вкупно шест милиони Евреи беа убиени во холокаустот.

„Германците само сакаат да создадат впечаток дека се подготвени да се извинат. Но тоа нема никакво значење“, тврди Муларчик.

Таквиот наратив стана моќен инструмент во денешната национално-конзервативна Полска, како и широко распространетото мислење дека гестовите на Берлин всушност се насочени кон подобрување на имиџот и позицијата на Берлин во странство, а не меѓу Полјаците.

Во изјава за Дојче веле, полското Министерство за надворешни работи зазема подипломатски став: со спонтаниот гест на Вили Брант во 1970 година, Германија ја прифати одговорноста за воените злосторства извршени во Полска. Меѓутоа, „ако сакаме денес да се сеќаваме на таквите гестови, треба да разговараме и за конкретни потези на обесштетување, кои се неопходни на патот кон вистинско помирување“, се вели во соопштението од Варшава.

Брант како инспирација

„Кога ќе ги погледнам сегашните односи меѓу Германија и Полска, ме потсетуваат на 1970 година“, рече полскиот историчар Ружниевич. „Секако, тоа беше друго време. Денес нема гранични спорови, двете земји се членки на Европската Унија, Полска и Германија потпишаа договори една со друга. Сепак, елементите на симболиката што ја донесе гестот на помирување на Брант не се силно вкоренети“.

Во Германија има паричка од две евра со сцената како Брант клекнува во Варшава. Постои и комеморативна поштенска марка, а денес ќе се одржат многу конференции и говори. Годишнината исто така ќе ги охрабри историчарите како Ружниевич да разговараат за достигнувањата или недостатоците на Варшавскиот пакт.

А полската влада? Ружниевич вели не планира ништо.

Но дали тој момент на драматична политичка симболика ги инспирира луѓето денес? На плоштадот Вили Брант во Варшава, на само 200 метри од местото каде што беше создадена историјата, има спомен-плоча посветена на настанот од 1970 година. Многумина од посетителите што доаѓаат имаат силен нагон да го допрат клекнатиот канцелар.

Извор: Мкд.мк