Зошто авганистанските воени сили не се бореа против Талибанците?


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Исклучително брзото преземање на Авганистан од страна на Талибанците ги изненади и самите Талибанци. Тоа беше резултат не само на нивната сила на бојното поле и на стратегијата што почна во руралните провинции, туку и на уривањето на моралот меѓу запоставената авганистанска војска, вели Франс 24.

Зошто авганистанската војска не се бореше?

И покрај 83-те милијарди долари и двете децении што САД ги потрошија за опремување и обука на авганистанската армија, во многу провинции војската се чини дека испари пред талибанските бунтовници.

Со повеќе од 300.000 персонал и опрема што беше понапредна од талибанскиот арсенал, силите на авганистанската армија беа импозантни – на хартија. Во реалноста, тие со години беа преплавени од корупција, мито, лошо лидерство, недостиг од обука и пад на моралот.

Дезертирањата беа вообичаени и американските владини инспектори долго време предупредуваа дека ситуацијата е лоша.

Владиниот пункт во Имам Сахиб, област во провинцијата Кундуз, издржа два месеци против талибанците. Но ресурсите и залихите наскоро се намалија. „Во последните денови немаше храна, вода и оружје“, изјави 38-годишниот војник Таџ Мохамад за Волстрит џурнал. Останатите војници на крај избегаа во главниот град на провинцијата, кој неколку недели подоцна и самиот падна во талибански раце.

На трупите на фронтот во вториот по големина авганистански град Кандахар минатата недела им беше дадена „една картонска кутија полна со излигавени компири“ како дневен оброк за една цела полициска единица, објави Њујорк тајмс.

Според Вашингтон пост, полицијата на Кандахар дека пред да падне градот рекла дека не се платени шест до девет месеци, што понудите од талибанците ги прави попримамливи.

Талибанските бунтовници комбинираа закани и поткупи, заедно со пропаганда и психолошка војна, додека заземаа град по град – некои со едвај испукан истрел – и на крај го зазедоа главниот град.

Почнувајќи од минатата година, талибанските лидери почнаа на очајните војници да им нудат пари во замена за оружјето, според Вашингтон пост, на средбите и договарањата што авганистанските власти ги нарекуваа „прекин на огнот“. „Во текот на следната година и пол, средбите напреднаа на ниво на област, а потоа брзо и до главните градови на провинциите, што кулминираше со неверојатна серија договорени предавања од страна на владините сили“, пишува Пост.

А сепак, кога странските војници го почнаа своето конечно повлекување според рокот на Трамповата администрација одреден до 1 мај, Вашингтон и Кабул беа уверени дека авганистанската војска ќе почне да се бори против талибанците.

Авганистанските сили навистина дадоа силен отпор во некои области како што е Лашкар Гах на југот, но се соочуваа со талибанците без американските воздушни напади или воена поддршка. Соочени со помалите, но многу мотивирани групи талибански бунтовници, многу војници, па дури и цели единици, едноставно дезертираа или се предаваа, оставајќи ги исламистите да заземаат град по град.

Во меѓувреме, процените на американските разузнавачи беа страшно оптимистички. Талибанците би можеле да го заземат Кабул во рок од 90 дена, проценија американски функционери минатата недела. Околу 72 часа подоцна, Кабул падна.

Наводно, дури и талибанците биле изненадени од тоа колку брзо успеале да ја преземат контролата врз некои провинции.

Како САД ја поттикнаа победата на талибанците?

За некои, колапсот на Авганистан се крчкаше 20 години, бидејќи во западниот проект за градење нација се правеа само грешки. Но последниот клинец во ковчегот на авганистанската влада дојде минатата година, кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп потпиша договор со бунтовниците за повлекување на американските војници до 1 мај.

За талибанците тоа беше знак дека нивната победа е неминовна по речиси две децении војна. За Авганистанците тоа беше предавство и значеше дека меѓународната заедница ги напуштила.

Талибанците продолжија да вршат напади врз владините сили, но почнаа да ги комбинираат со таргетирани убиства на новинари и активисти за права, зголемувајќи ја атмосферата на страв.

Тие, исто така, поттикнаа наратив за неизбежна победа на талибанците во своите пропагандни и психолошки операции. Војниците и локалните службеници, наводно, биле бомбардирани со СМС-пораки во некои области, во кои се барало од нив да се предадат или да соработуваат со талибанците за да избегнат полоша судбина.

На многумина им бил понуден безбеден премин ако го остават оружјето и не се борат, додека на други им било пристапувано преку племенските и селските старешини.

Што се случи со антиталибанските воени команданти?

Бидејќи авганистанските сили не можеа да го спречат напредокот на талибанците, многумина од озлогласените воени команданти на Авганистан ги собраа своите милиции и ветија дека ќе се борат против талибанците доколку ги нападнат нивните градови. Но откако почна да паѓа довербата во способноста на владата на Авганистан да преживее, црно им се пишуваше и на воените команданти.

Нивните градови паднаа без борба.

Долгогодишниот воен лидер Исмаил Кан, познат како „Лавот од Херат“, кој се сметаше за последна надеж на неговиот град, беше заробен од талибанците кога падна Херат.

Узбечкиот командант и поранешен потпретседател Абдул Рашид Достум, како и неговиот воен лидер Ата Мохамад Нур, накратко се приклучија во битката за Мазар-и-Шариф пред да побегнат во Узбекистан, додека нивните милиции ги оставаа своите хамвија, оружје, па дури и униформите.

Која беше стратегијата на талибанците?

Талибанците тивко ја следеа стратегијата на постепено стегање на контролата врз провинциските рурални области пред да тргнат на преземање на регионалните престолнини.

Бунтовниците, исто така, наводно почнале да преговараат за спогодби и предавања – со сите, од поединечни војници и неважни владини претставници до гувернери на провинции и владини министри – долго пред почетокот на нивната последна офанзива во мај.

Стратегиите се покажаа неизмерно ефикасни.

Сликите од последниот марш на талибанците до Кабул не беа со крвави битки, туку со талибанци и владини претставници како пријатно седат формализирајќи го предавањето на градовите и провинциите, кои беа преземени главно без борба.

До неделата, претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата, наводно, во Таџикистан, со што шокантно заврши 20-годишната меѓународна кампања за трансформација на Авганистан во модерна држава со централна влада, чија моќ се шири во разните провинции низ земјата.

Додека Кабул го обзеде напната смиреност, зашто многу луѓе се кријат во своите домови според наредбите на талибанците, стравот од враќање на бруталното владеење што талибанците го спроведоа кога последен пат беа на власт ги принуди другите да навалат на патиштата што водат до меѓународниот аеродром Хамид Карзаи, каде што се одвиваа хаотични сцени додека и Авганистанците и странците последен пат лудачки се тркаа да избегаат.

Извор: Мкд.мк