Жителите на Трубарево, Јурумлери, Петровец и другите населени места денес на протест заради „патот на смртта“


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Локалниот пат Трубарево-Петровец тамошните жители го нарекуваат „патот на смртта“ поради брзото возење, управувањето автомобили под дејство на алкохол како и бројот на жртви на овој патен правец.

Преку социјалните мрежи жителите на Трубарево, Јурумлери, Петровец, како и останатите граѓани за денес во 17 часот се организираат да излезат на мирен протест. Тие од надлежните со години бараат на ова место на кое како што велат е населено места, а се вози како по автопат, да биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација и зголемена полициска контрола, а и измени во Законот за сообраќај, односно сообраќајките со жртва да се третираат како убиство со умисла.

Пред неколку дена кај Трубарево пијан возач усмрти 10 годишно дете кое стоело на автобуска постројка и 40-годишен маж кој по улицата се движел со мопед.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против возачот кој е на возраст од 72 години и е осомничен за кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 72-годишник, на 11 октомври, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи патничко моторно возило БМВ со скопски регистарски таблици во село Трубарево, во насока од исток кон запад, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Имено, тој постапил спротивно на член 228 став 1 и член 33 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па возилото го управувал во алкохолизирана состојба со содржина на алкохол во крвта од 1,78 промили и содржина на алкохол во урина 2,43 промили.

Автомобилот го управувал со брзина на движење која не била приспособена кон својствата и состојбата на патот, густината во сообраќајот и другите сообраќајни услови, поради што изгубил контрола над управувачот и со десните тркала излегол десно надвор од коловозот, се качил на тротоарот, а со предниот дел од возилото кое го управувал удрил во задното тркало од мопед „Баутијан”, без регистарски таблички управуван од учесникот во сообраќајот оштетениот Идриз Ќеримовски.

Од ударот, оштетениот со мопедот паднал на коловозот, се здобил со тешки телесни повреди на кои им подлегнал на самото место и починал.

Осомничениот продолжил со автомобилот да се движи во десно излегувајќи надвор од коловозот и со возилото се качил на тротоарот и платото пред „Маркет Бренд”, каде со предниот дел од возилото кое го управувал удрил во автобуското стојалиште на ЈСП Скопје и во телото на оштетено дете родено 2011 година, кое како пешак стоело на автобуското стојалиште.

Од ударот оштетеното дете задобило тешки телесни повреди, по што подоцна почина. Осомничениот и натаму со возилото продолжил да се движи по тротоарот каде удрил и соборил дрвена бандера сопственост и сообраќаен знак, по што со возилото излегол лево надвор од коловозот каде што автомобилот запрел.

По ова возачот Д.Д. заврши во притвор.

На истиот патен правец сообраќајка со жртва се случи и пред неколку години. На 20 септември, 2016 година Јонче Давитковски со автомобил под дејство на алкохол го усмрти 19 годишниот велосипедист Христијан Крстевски.

На возачот првично му беше определена мерка куќен притвор и му беше одземена возачката дозвола. Но во текот на истражната постапка поради непочитување на мерката куќен притвор, истата беше заменета со мерка притвор.

Давидовски на првото закажано рочиште даде нејасен одговор на прашањето од судот дали признава вина или не. Тој тогаш рече дека не сакал да го прегази момчето, но дека не чувствува вина. За оваа сообраќајка Давидовски доби затворска казна од осум години.

Основниот суд Скопје 1 го огласи Давидовски за виновен за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и освен затворска казна, му изрече и задолжително лекување од алкохол во времетраење од две години, како и забрана за управување на моторно возило во траење од пет години која ќе важи откако тој ќе ја одлежи затворската казна.

Обвинетиот Јонче Давидовски според евиденцијата на Основниот суд Скопје 1 и претходно бил осудуван за слични кривични дела за кои му биле изрекувани само парични казни.

Обвинетиот управувајќи патничко моторно возило марка „мерцедес” удрил во 19 годишно момче кое по десетина дена почина. Семејството на Христијан и граѓаните од околните населби излегуваа на протест барајќи правда за прегазениот велосипедист и максимална казна за возачот, а од општината побараа да се зголемат мерките за безбедност по улиците на патот кон скопската населба Петровец, каде, како што велат сообраќајките се честа појава и поради брзо и невнимателно возење често има и жртви.

И по 4 години сликата е иста, пак брзо возење, пак сообраќајки и нови жртви. Поради овие причини денес о 17 до 19 часот ќе биде одржан мирен протест во кое се бараат измени во Законот за сообраќај и секоја сообраќајка со смртни последици да се смета за убиство со умисла и за тоа и да им се суди на возачите.