Актуелно

Одложено рочиштето за „Таргет-Тврдина“: Сопругата од Мијалков позитивна на КОВИД-19, тој има симптоми и ќе се тестира

Новото судско рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“ кое беше закажано за денес се одложи затоа што обвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков, има симптоми и денеска ќе се тестира за ковид-19. Неговиот адвокат Љупчо Шврговски во судницата утрово соопшти дека сопругата на Мијалков имала позитивен резултат на тестот, по што и Мијалков денеска ќе прави тест.

Според информациите што беа споделени во судница, кај ексдиректорот на УБК вчера се појавиле симптоми – покачена температура и сува кашлица.

Денеска во судницата за „Таргет-Тврдина“ требаше да се изведуваат материјални докази, а беше најавено и сведочење на министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Покрај Мијалков, на обвинителна клупа во „Таргет-Тврдина“ седат и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски, и уште неколку лица од УБК. Обвинети се и бегалците Горан Грујевски како тогашен началникот на Петтата управа и ексразузнавачот Никола Бошковски, на кои им се суди во отсуство.

Случајот е сега во рацете на редовното обвинителство кое ги презеде предметите од згаснатото СЈО.

Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

На 1 541 број, пак, комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле прислушувани 5 827 телефонски броја. Прислушувањето, според обвинителството, опфатило над 20 илјади граѓани.

To Top