Замина Дилан од „Беверли Хилс“: Почина актерот Лук Пери

Како последица од претрпениот мозочен удар, од кој не успеа да се опорави, во болницата Сент Џозеф, Бурбенк, САД, почина холивудскиот актер Лук Пери, кој стекна светска слава со ликот на Дилан МекКеј од славната тинејџерска серија „Беверли Хилс 90210“.

52-годишниот Пери не успеа да се опорави од мозочниот удар кој го доживеа пред неколку дена. Како што објави неговиот портпарол , покрај Пери биле неговите деца Џек и Софи, вереницата Венди Медисон Бауер, поранешната сопруга Мини Шарп, родителите, братот, сестрата и најблиските пријатели.

„На семејството многу му значат поддршката и зборовите на утеха од луѓе од целиот свет и ги молат фановите да ја почитуваат приватноста во овие тешки моменти на голема тага. Во овој час семејството нема да објави други детали. “ , соопшти неговиот портпарол.

Во моментов се емитува и последната серија што ја снимаше, „Ривердејл” . Имаше и една од главните улоги во најновиот филм на Квентин Тарантино, „Беше еднаш во Холивуд“ кој ќе ја има својата премиера во јули.