Претседателот Доналд Трамп го нападна политичкиот коментатор Бил Мар во објава на социјалните мрежи долга 1.323 зборови, во која го нарече „целосен губитник“ и ја критикуваше неговата телевизиска емисија.
„Ајде да зборуваме за овој целосен губитник, Бил Мар. Има слабо гледана емисија на исто толку слабо гледаниот ХБО, кој некогаш, многу одамна, беше телевизија со квалитетна и возбудлива програма — но сето тоа исчезна“, напиша Трамп.
Дел од критиките се однесуваа на гостувањето на Каролин Левит во емисијата. „Каролин Левит беше одлична, но од самиот почеток се соочи со пристрасен, глупав простак кој ѝ поставуваше прашања“, наведе претседателот. „Толку добро ме бранеше мене, а и себеси, но не можеше да ѝ биде пријатно додека се спротивставуваше на лага по лага.“
Трамп го обвини Мар, кој има 70 години, дека користи „лажни анкети“ за да прикаже наводно неповолен рејтинг за претседателот и дека лаже „за сè“, вклучително и за содржините во својата емисија „Во живо со Бил Мар“.
„Мислам дека ме излажа кога го прашав каква машина за снимена смеа користи, со оглед на сиот аплауз и смеа што ги добива по речиси сè што ќе каже во емисијата, дури и кога не е смешно, ниту пак добро“, напиша Трамп. „Не е можно луѓето да мислат дека е смешен.“
Во објавата претседателот изнесе и свое видување за две вечери со Мар во Белата куќа, за кои тврди дека коментаторот и неговиот тим повеќепати барале да бидат организирани. Првата од нив, според напишаното, му оставила силен впечаток.
„Сакав да му кажам на Бил дека премногу пуши марихуана. Мора да престане, тоа е многу лошо за неговото здравје. Овојпат изгледаше ужасно“, напиша Трамп. Тој тврдеше и дека Мар бил пијан и држел алкохолен пијалак додека се движел низ Белата куќа. На вечерата со нив биле и Стивен Еј Смит и Кид Рок.
Трамп потоа наведе дека во епизодата со Левит имало „уште многу невистини што Бил ги изнесе“, но додаде дека нема да ги проверува неговите тврдења бидејќи „не вреди“.
„Бил, немој повеќе да се јавуваш. Бескорисно е… За тебе нема надеж, само се обидуваш да ѝ угодиш на својата мала група ‘обожаватели’. Исто така си кукавица што се плаши да ја каже вистината за тоа колку добро функционира нашата земја, поради тие неколкумина ‘обожаватели’, и колку лошо постапија ‘глупократите’, кои речиси ги уништија САД. Да не победев на изборите, земјата ќе беше мртва“, продолжи претседателот, користејќи погрден назив за демократите.
На крајот повторно се осврна на смеата во емисијата и порача дека ќе побара републиканците повеќе да не му посветуваат внимание на Мар.
„Исто така, исклучи ја машината за смеа. Смешно е кога неконтролирано се смеат дури и кога не кажуваш ништо смешно. Ќе им кажам на републиканците повеќе да не ти посветуваат внимание, бидејќи се обидуваат да зборуваат за тебе како за човек што носи промени. Ти не носиш промени, ти си губитник! И порано ретко ја гледав твојата емисија, но сега веќе никогаш нема да ја гледам… Ви благодарам за вниманието посветено на ова прашање. Претседател ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, заврши објавата.
Извор: US Weekly