Забрана за работа на локалот во ТЦ „Бисер“ каде имаше забава за млади без почитување на протоколи (снимка)


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Снимка од журка на која не се почитуваа заштитните протоколи против коронавирусот, која се одржала синоќа во кафуле во трговскиот центар „Бисер“ во скопски Аеродром, од утрово покрена лавина реакции на социјалните мрежи, пренесува 360 Степени.

Како што може да се види на видеото, на забавата присуствувале голем број млади лица, без да ја почитуваат мерката за социјална дистанца. Во еден дел од видеото се гледа и како младите меѓусебе делат наргиле.

Со случајот е запознаен и Пазарниот инспекторат, од каде што велат дека настанот го пријавиле совесни граѓани, 15-ина минути пред полноќ. За помалку од половина час, велат оттаму, најблиската екипа инспектори се упатила во локалот и констатирала низа неправилности.

Било констатирано дека локалот е сè уште нерегистриран, а било пречекорено и работното време, кое од 1 септември (освен во петок и сабота кога е до 1 часот) е до полноќ.

Директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, за „360 степени“ вели дека инспекторите направиле записник, ќе биде поднесена прекршочна пријава и ќе има забрана за работа до 30 дена.

За непочитување на протоколите, пак, со оглед дека локалот е сè уште нерегистриран, ќе биде поднесено барање до МВР да постапува понатаму.