Вебкафе

Воена фотографија од Сараево, 1992 година, која ги крши срцата

Ноември, 1992 година, Сараево. Мајка со својата расплакана ќерка во прегратка, седи во автобусот кој тргнува кон Чешка. Фотографијата со оваа сцена пред неколку дена на социјалните мрежи ја сподели грчкиот фотограф Димитрис Месинис, не претпоставувајќи дека после неговата објава ќе следи необичен и трогателен расплет на ситуацијата. Ден-два подоцна, до фотографијата се појави коментар: „Ова сме јас и мојата мајка“.

Расплаканото, тогаш тригодишно, девојче од фотографијата, речиси три децении подоцна, се препозна на истата. Грчкиот фоторепортер открива дека веднаш стапил во контакт со сега 31-годишната Маша од Сараево, чиј поглед на трогателната фотографија е вперен во нејзиниот татко, не знаејќи дека, всушност, тогаш го гледа за последен пат во животот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dimitri Messinis (@dimitrimessinis)

Со нејзината мајка, преку Црвен крст, тие заминале за Чешка, а нејзиниот татко останал во Сараево, каде загинал една година подоцна.

Месинис, за Македонската информативна агенција (МИА), се потсетува на тој момент од пред 29 години, кога ја направил фотографијата.

„Се сеќавам на тој момент. Тогаш до мене беше нејзиниот татко, но не ја знаев целата приказна. Сега, кога стапив во контакт со Маша, таа ми кажа дека кога ја видела фотографијата останала без зборови, сфаќајќи дека станува збор за моментот кога за последе пат го видела својот татко“, раскажува фотографот.

Веќе следниот ден после разговорот со Маша, Месинис стапил во контакт со својот пријател и колега, фоторепортер од Сараево, со кој соработувал во 1992 година, велејќи му да ја отпечати фотографијата, да ги запознае мајката и ќерката и да им ја даде.

Така, печатената верзија од срцепарателната фотографија од ноември, 1992 година, стигна во рацете на Маша и нејзината мајка. Тој момент со објективот го долови фотографот Адемир Демири, а новонастанатата фотографија ја објави новинарот Костас Кукомакас во грчкото издание на „Weiss“.

Маша за „Weiss“ рече дека постоењето на фотографијата за неа донело еден вид на чувство на ослободување.

„Ми рече дека сето ова е многу емотивно, дека постоењето на фотографијата, сега кога ја има во раце, ја олеснува нејзината болка“, изјави Месинис за МИА.

To Top