Фосил од нов вид на диносаурус откриен во Австралија – бил голем колку едно кошаркарско игралиште


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во Австралија е откриен нов вид диносауруси. Судејќи според фосилот кој го пронајдоа истражувачите, тој е најголемиот досега познат вид во таа земја и еден од најголемите во светот.

Фосил од диносаурус, наречен „Купер“ од научниците, е пронајден во југозападен Квинсленд во 2007 година, во реката Купер Крик. Но, скелетот останал со години мистерија и дури сега е научно категоризиран, пишува Си-Ен-Ен.

Експертите од музејот за природна историја Ероманга (ЕНХМ) и од музејот Квинсленд ги објавија своите откритија вчера во научното списание PeerJ. Се верува дека Купер (Australotitan cooperensis) одел по Земјата пред повеќе од 90 милиони години. Станува збор за титаносаурус – огромен тревојад што припаѓал на семејството сауропод, најголемиот вид диносаурус.

Се проценува дека овој диносаурус можел да порасне од 5 до 6,5 метри и да биде долг од 25 до 30 метри, што значи дека бил висок како двоспратна зграда и долг колку игралиште за кошарка. Со долгиот врат и опашка, наликувал на познатиот брахиосаурус.

Палеонтологот Робин Мекензи, коосновач на ENHM, рече дека научниците утврдиле дека станува збор за голем вид диносаурус врз основа на големината на коските.

„Парчињата коска беа прилично големи. Ги измеривме и ги споредивме со другите видови во Австралија и другите делови на светот”, рече Мекензи.

Откриено е дека Купер е поврзан со уште три австралиски сауроподи откриени на север од градот Винтон, што значи дека во оваа област може да се најдат повеќе остатоци од овие древни суштества.

„Овие откритија ја ставија Австралија на картата и и дозволија да им се придружи на другите водечки земји во областа на палеонтологијата“, рече Мекензи.