Во Шпанија одржан експериментален концерт со безбедносни мерки против КОВИД-19 – еве кои резултати ги добија научниците


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Шест лица во период од 14 дена по концертот во Барселона се заразиле со корона, но инциденцата е помала од онаа што се гледа кај општата популација, пишува Би-би-си.

Околу 5.000 љубители на музика учествувале во експеримент откако добиле негативен резултат на тест за корона. Носеле маски, но не морале да одржуваат меѓусебно растојание.

Научници во Шпанија не пронајдоа докази за зголемено ширење на заразата меѓу луѓе кои минатиот месец присуствуваа на голем експериментален концерт. Од шесте лица кои по концертот се заразиле, научниците заклучиле дека четири од нив се заразиле на друго место, а не на самиот настан.

Борис Револо, вирусолог вклучен во дизајнирање на безбедносните протоколи во арената Палау Сент Џорди, рече дека не може категорично да исклучи дека другите две лица биле заразени за време на концертот, но дека постои голема веројатност пренесувањето да се случило на друго место.

„Мерките што ги спроведовме беа многу безбедни“, додаде тој.

Шпанските власти дозволија концерт на бендот „Лов оф лезбијан“ да биде дел од истражувачкиот проект за ширење на вирусот, а стапката на инфекција кај учесниците била двојно помала од онаа на луѓето на иста возраст во Барселона, откриле истражувачите.

„Ништо не сугерира дека пренесувањето на вирусот се случило за време на настанот“, рече специјалистот за инфективни болести Хосеп Марија Либре на прес-конференција во вторникот.

Бендот што учествуваше во експериментот, Лов оф лезбијан, им се заблагодари на организаторите на настанот и на научните советници.

„Се надеваме дека отсега, по овие одлични резултати, светот на културата ќе се слуша како што заслужува“, објавија тие на Твитер.

Концертот е еден од најголемите собири во Европа од почетокот на пандемијата, во време кога земјите ширум светот бараат нови начини за безбедно одржување јавни настани.

Сличен дводневен експеримент се одржал во Холандија во март и во него учествувале околу 1.500 луѓе.

Заменик-градоначалникот на Барселона Жауме Колбони рече дека резултатите од студијата покажуваат дека е можно да се релаксираат мерките и да се рестартираат културните активности.

Местото на одржување Палау може да прими до 17.000 луѓе, но 5.000 присутни минатиот месец не смееле на трибините, туку биле ограничени на подиумот за танцување.