Венгер: Имавме добра игра, судиите го уништија натпреварот – жал ми е за навивачите


Викенд најава - Најинтересно во Серија А! ↓↓↓



Според стратегот на Топџиите, арбитрите се тие кои се одговорни за прелом на мечот од добра партија во катастрофа за неговиот тим во дуелот против Баерн Минхен.

Арсенал повторно „петардиран“, повторно од Баерн. Со вкупни 2:10, Топџиите беа катапултирани од Лигата на шампионите доживувајќи го најтешкиот пораз откога играат на Емирати. Новата резултатска катастрофа само го засили притисокот врз Арсен Венгер чија оставка ја бараат навивачите.

Но, Французинот не ги гледа така црно работите. Тврди дека неговиот тим имал добра почеток на натпреварот, до моментот кога судиите не го уништиле истиот.

“Имавме други очекувања од овој натпревар, успеавме да ја играме нашата игра, но немавме доволно среќа поради некои чудни судиски одлуки. Некои од нив беа невозможни за разбирање. Не ни беше досуден чист пенал над Волкот. Левандовски беше во офсајд за нивниот пенал, не беше пенал за Баерн и наш играч доби жолт картон, а потоа, како врв на сè, и црвен. Тоа го уби натпреварот и после тоа не беше лесно да го завршиме истиот. Тешко е да се разбере што се случи. Но, мојот тим вложи максимум напор и играше многу добро“, изјави Венгер после дуелот.

Тренерот на Арсенал е огорчен од судењето и им се извини на навивачите.

„Останавме со играч помалку во ситуација кога моравме да постигнеме четири гола, па во главите на играчите стана невозможно да се вратат во натпреварот. Тоа беше преломен момент на натпреварот. Она што не поремети беше офсајдот на Левандовски. Пенал не постоеше, а потоа добивме и црвен картон. Тоа едноставно не е сериозно! Кога ќе ја видите која е важноста на натпреварот и потоа таквото однесување, мора да се чувствувате револтирани. Жал ми е поради луѓето кои платија карти и дојдоа да гледаат ваков фудбал. Не знам како би реагирал Баерн да го постигневме тој вториот гол. За жал, судиите го уништија вториот дел од натпреварот и сето тоа изгледаше многу лошо“, коментираше Венгер.