Актуелно

Вчера Велес доживеа пекол – стравично видео од пожарот над езерото „Младост“

Според информациите кои за јавноста ги изнесоа од велешката полиција, тие потврдија дека четири лица од градежна фирма од истиот град кои извршувале градежни работи со брусалица, се приведени под сомнение дека го предизвикале пожарот над езерото „Младост“.

Тој избувна во вчерашните доцни попладневни часови и зафати повеќе хектари нискостеблеста шума и сува трева. Во еден момент во опасност беа доведени стопански објекти кај езерото Младост, но за среќа не беше предизвикана голема штета врз нив. Поради силниот ветер, огнот вчера доцна попладне се прошири и во еден момент дојде и до автопатот Скопје – Велес.

Поради тоа сообраќајот на неколку часа беше во прекин, па возилата беа пренасочувани кон стариот пат од езерото кон Велес. Синоќа, пожарот сè уште беше активен на повеќе локации, во горниот дел над акумулацијата тој е ставен под контрола, но се прошири кон Башино Село и отпадот „Дине“ кај автопатот, соопшти Центарот за управување со кризи.

За среќа, огнот кој осум часа му се закануваше на Велес, на крајот беше локализиран. Изгорена е голема површина со борова шума и сува трева, а материјалната штета е огромна. Околината на омиленото велешко излетиште Езеро Младост е пеплосана. Во гаснењето на пожарот учествуваа пожарникари од Велес, Свети Николе, Штип, Кавадарци, Неготино и Скопје, како и два ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и еден армиски хеликоптер. Ним на помош им дошле и околу 150 вработени од ЈП Македонски шуми и стотина вработени од велешкото јавно комунално претпријатие Дервен со цистерни и припадници на АРМ.

„Вкупно се опожарени 400 хектари површина, од нив изгорена е педесетгодишна црноборова шума на 200 хектари и исто толку трева“, изјави Зоран Ѓеоргиев директор на ЈП Македонски шуми.

Advertisements
To Top