Славни

Таткото од Ѓоковиќ грубо го обвинува Димитров за коронавирус аферата која го потресе турнирот „Адриа“

Таткото на Новак, Срѓан Ѓоковиќ, малку грубо се нафрли со обвиненија врз бугарскиот тенисер Григор Димитров, сметајќи дека Бугаринот е виновникот што „Адриа Тур“ наместо спектакл заврши како извор на коронавирус.

Цел свет е бесен на Новак Ѓоковиќ поради лошата организација на турнирот. Неговиот татко природно застана во одбрана на својот син, но се чини малку грубо го нападна Григор Димитров.

Иако е логично во вакво време сите тенисери да бидат тестирани пред почетокот на турнирот во Белград, тоа не беше случај. Тенисерите се однесуваа како да нема коронавирус. Немаше речиси никакви правила, се играше пред полни трибини, а Ѓоковиќ организираше и забава во ноќен клуб.

Таткото на Новак смета дека Димитров го донел вирусот и од него потекна сѐ. Бугаринот од САД пристигна во Белград, а потоа беше и до Бугарија пред да отиде во Задар.

Не му беше добро по мечот со Чориќ, се врати во својот дом во Монако каде што направи тест за коронавирус и испадна дека е позитивен.

„Зошто се случи сето ова? Затоа што човекот веројатно дојде болен, којзнае од каде. Тука не се тестираше, се тестирал на некое друго место… Мислам дека тоа не е во ред. Добро, што да се прави. Нѝ нанесе голема штета и на Хрватска и на нас како семејство и на Србија“, вели Срѓан Ѓоковиќ за хрватската телевизија РТЛ.

Тој додава дека Новак иако физички засега е во ред, психички не е добар поради целата ситуација.

„На никого не му е добро, па ни нему. На никој не му е мило поради оваа ситуација. Секако дека не се чувствува добро, но што да се прави, ситуацијата е таква каква што е. Од ова мора да излеземе посилни, да сфатиме дека ова мора да помине, на некој начин сите да се заштитиме“.

Таткото на Ноле вети дека турнирот повторно ќе се одржи кога за тоа ќе има услови, во некое подобро време.

„Ние ќе направиме и во иднина, во некое нормално време кога нема да имаме вакви стравови, да го повториме сето ова. Со задоволство повторно ќе дојдеме во Задар“.

To Top