Игор Тодоровиќ ја претстави колекцијата „Le Geste“ во Резиденцијата на Француската Република во Белград, на настан што излезе од рамките на вообичаената модна ревија. Појдовна инспирација му беше малиот црн фустан, еден од најпрепознатливите симболи на светската мода, кој годинава одбележува сто години постоење.

Колекцијата опфати 16 внимателно разработени креации — 15 во црна и една во бела боја. Преку нив, дизајнерот ги истражуваше различните облици што може да ги добие овој безвременски моден класик.
Секој модел имаше свој уметнички идентитет, потврдувајќи дека едноставноста по која се прослави малиот црн фустан остава широк простор за креативност и личен израз.

Посебен дел од вечерта ѝ беше посветен на легендарната Коко Шанел. Нејзиниот лик го долови актерката Вјера Мујовиќ, облечена во костим од претставата „Малиот црн фустан“, за која Тодоровиќ ја изработи костимографијата во 2018 година.
За таа театарска постановка била направена и верна реплика на првиот мал црн фустан, чиј оригинал се чува во музејот на уметноста „Метрополитен“ во Њујорк.

Со препознатливиот блејзер и чанта, Вјера Мујовиќ преку осмислен сценски настап ги долови духот на Коко Шанел и атмосферата на париската модна куќа. Така, ревијата доби и дополнителна уметничка и историска димензија.
„Le Geste“ е истовремено посвета на француската модна традиција и истражување на културните врски меѓу Франција и Србија. Токму допирот меѓу двете култури бил основата од која тргнал Тодоровиќ при создавањето на колекцијата.
– Главната инспирација беше средбата на две култури во еден фустан. Барав начин модата да ја изразам и преку значајните француски влијанија врз убавината на архитектурата, музиката, пишаниот збор или потезите со четката на многубројни уметници од Србија низ времето. Секој фустан е замислен како почеток на разговор меѓу две култури, но воедно и како почит кон наследството на Коко Шанел и создавањето на малиот црн фустан во далечната 1926 година – објасни дизајнерот Игор Тодоровиќ.

Покрај естетската страна, колекцијата потсетува и на револуционерната идеја што Коко Шанел ја внесе во женската мода. Малиот црн фустан прерасна од елегантно парче облека во симбол на женската самостојност, слобода и еманципација.
Испратен со овации од публиката, Тодоровиќ покажа како модата може да ги спои различните уметности, епохи и култури, а наследството на еден од нејзините најзначајни симболи да го претстави низ современ авторски израз.
Извор: Story.rs