Судбината на СЈО е одредена од овој фамозен член од законот за СЈО – еве што вели тој

Според членот 22 од Законот на СЈО, јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.

Кога Собранието го основа Специјалното јавно обвинителство, беше договорено мандатот на Катица Јанева да биде 4 години, со право на реизбор (тука зборуваме за мандат, а во членот 22 – за рок од 18 месеци). Следствено на тоа, произлегува дека СЈО ќе може да покренува обвиненија до јуни 2017 година, а потоа нема да има право да работи на нови случаи, освен на веќе покренатите 5, 10 или 20 кривични предмети. Тие веќе се влезени во судска процедура и ќе зависат од судската ажурност за секој посебен предмет.

Според правниците со кои зборувавме, постои можност по јуни 2017 секој друг предмет поврзан со сомневања за сторени криминали од прислушуваните разговори да не може веќе никогаш да биде покренат. Овој, очигледно несмасно дефиниран член остава простор за разни толкувања, велат правниците, но во деновите на донесувањето бил можеби единствената прифатлива дефиниција за пржински политички компромис.

Така, сега никому не му е јасно дали ова значи дека сѐ друго што би можело да произлезе како нов, неоткриен криминал од аудиоснимките би завршило со мандатот на СЈО.

Едно друго толкување, според Кривичниот законик, пак, вели дека некои кривични дела застаруваат по 5 или 15 години, што значи дека Основното јавно обвинителство би можело и по истекот на мандатот на СЈО да ги покренува овие предмети и во наредните 5 до 15 години да води истраги за можни други кривични дела. Експертите имаат разни толкувања и за оваа правна стапица, но за жал, се чини дека сѐ ќе остане на ниво на толкување, а не на јасно законско решение.

Една друга закана за работата на СЈО е и толкувањето на Уставниот суд за неговата уставност. Досега уставните судии не се изјаснија дали основањето на СЈО како паралелно обвинителство во Македонија е уставно можно. Очигледно е дека и уставните судии со ова прават политичка калкулација, па своето експертско толкување го оставија за по изборите.

Што ако Уставниот суд по изборите реши дека основањето на СЈО било неуставно? И за тоа ќе треба закон, а тоа ќе значи непочитување на пржинската обврска и проблеми со медијаторите на тој договор – ЕУ и САД. Дали тогаш ќе се активира пржинскиот договор, со кој партиите се обврзаа во рок од 5 дена по укинувањето да изгласаат законски измени со кои би го направиле СЈО уставно? Специјалната обвинителка Ленче Ристоска еднаш рече дека една институција што се бори против криминалот и корупцијата и против газењето на основните човекови права не може да биде неуставна, но дали и уставните судии ќе мислат така?

СЈО до Собранието веќе поднесе барање за бришење на членот 22 од Законот за СЈО, односно неговата работа да нема рок. Правниците исто така велат дека никаде во светот не постои правна формулација со која се дава рок за откривање криминали.

Искусните обвинители со кои зборувавме ни рекоа дека за да се докаже некое сериозно кривично дело, некогаш се потребни и две-три години, да се дојде до докази и да се покрене обвинение. За разоткривање финансиски криминал, за следење на парите, на перењето пари. Некогаш се потребни и повеќе од две-три години. А СЈО има еден куп токму такви материјали, од кои се отвораат голем број сомневања за сторен сериозен финансиски криминал.

Од друга страна, поради обемот на добиените прислушувани материјали, од СЈО велат дека за внимателно преслушување се потребни години.

На крајот на краиштата, кој ќе каже кога почнале да течат тие 18 месеци? На денот на преземањето на материјалите од СДСМ (30 декември 2015), на денот кога обвинението е испратено до судот, на денот кога судот го примил предметот или на денот кога судијата одлучувал дали се прифаќа обвинението? Во ниту еден кривичен закон во светот не постои ваква формулација, велат правните експерти.