Актуелно

Став: Алтернатива на „преговорите“ со Грција!

Ај уште еднаш, малку политичка писменост во морето од будалаштини. Македонија и Грција немаат НИКАКОВ спор, околу било што. Ние не сме засегнати страни околу нешто што е заедничко. Грција и Македонија имаат однос на АГРЕСОР и ЖРТВА. Грција е агресор кој прави штета, Македонија е жртва која штетата ја трпи. Преговорите тука се погрешен пристап кој не ја штити жртвата, туку ја изедначува со агресорот. Оттука и резултатот на преговорите НЕ МОЖЕ да биде легитимен, без разлика на легитимитетот на оние кои ќе стават потпис.

Јас сум Македонец по свој слободен избор, ЈАС сум ја донел таа одлука слободно и свесно, и не ми е гајле ниту што биле моите предци, не ми е гајле ниту за античката, ниту за словенската историја, ниту имам намера да чепкам по гробови за некому да му докажувам колку и зашто сум Македонец. Мој живот, мој личен избор, мое право… нема тука што да се преговара. Не само што не треба да се разговара со Грција, туку не треба да се разговара ниту со оние Македонци кои веруваат во илузијата наречена „преговори“. Тоа се луѓе со таталитарна матрица бидејки се спремни да го жртвуваат слободниот избор во името на сигурноста, во името на незаработените и поклонети пари. Тоа е тотално погрешен мајндсет со кој НИКОГАШ нема да најдете заеднички јазик, не само по прашањето за нашето име.

Прекинот на преговорите има алтернатива, а тоа е дипломатска борба против грчката агресија. Собранието треба да изгласа резолуција со која ќе бара признавање од страна на европските земји на РМ под уставно име. Потоа треба да следат билатерални преговори со секоја земја од ЕУ одделно, во која ние ќе ги браниме нашите слободи и права. НЕ ПОСТОЈАТ контра-аргументи на човековите слободи и права…односно кој би бил контра-аргументот на Грција, освојувањата на Александар пред 2000 и кусур години?


Македонските интелектуалци треба да потпишат декларација, која понатаму ќе ја потпишат и сите политички партии, и што повеќе граѓани на Македонија, а понатаму истата да биде слободна за потпишување на сите луѓе во светот…на оние кои веруваат во човековите права и слободи. Во 21 век, кога права имаат не само луѓето, туку и животните, па дури и дрвјата, па дури и глечерите на високите планини…апсурдно е некој на ваков експлицитен начин, да ви гази врз вашиот слободен избор.

Ова е комплетно нова стратегија, во која на наша страна се сите аргументи врз кои почива модерната цивилизација (човекови права и слободи). Грција со ваков пристап нема НИКАКОВ аргумент на своја страна. Античката митологија нема шанси да се бори против концептот на човекови права и слободи. Ниту пак принципот на „европска солидарност“. Видете Полска со какви проблеми се соочува од страна на Брисел поради правата на бегалците од Сирија. Проблемите на Грција, со ваквата дипломатска стратегија, би биле далеку поголеми и покомплицирани.

Дипломатската борба против грчката агресија нема да оди мазно, ниту многу брзо…ама еднаш треба да почне, односно фарсата наречена „преговори“ треба да престане.

пишува: Виктор Трифуновски

Advertisements
To Top