СПОДЕЛИ МУЗИКА: Мијата – „Невидени“, песна со која го слави споменот на сите кои ги зеде Ковид-19


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Наташа Мијатовиќ- Мијата, контролор на летање и поп пејачка, за која важи паролата да не се избрзуваат работите и да се чека на вистинската песна, вчера го промовираше своето ново дело, нумерата ,,Невидени”.

Ова е втора песна на Мијата оваа година, откако во февруари ја промовираше видеоприказната ,,Маска”, која беше и нејзино режисерско деби. И под видео записот за ,,Невидени,, таа се потпишува како режија.

За неформалната промоција, која беше и роденденска забава по повод 40-от роденден на Мијатовиќ, во локал во Скопје, вели дека е нејзина прва поголема дружба со драги луѓе од почетокот на пандемијата. И самата лани беше инфицирана од вирусот, а новата песна е посветена Бранко Стојоски, но и на сите блиски кои заминале во вечноста.

-На повеќето мои песни се потпишувам како автор, што не е случај со ,,Невидени”. Песната е со текст на Весна Малинова, а музиката и аранжманот се на Александар Јовевски. Би рекла, ова е од оние нумери, со личен печат, отпеана со помешани емоции. Тага поради сите оние кои ги изгубивме поради корона вирусот, но и начин да се слави нивниот живот, да се најде утеха и радост во сите идни денови кои доаѓаат.

Бранко Стојоски, човекот на кого му ја посветив, беше наш семеен пријател, адвокат и широка душа. Тој и неговата сопруга немаа деца, па јас и сопругот на нив секогаш гледавме како на родителска фигура. Бевме на прославата на неговиот 60-ти роденден, кога добив телефонски повик. Ми се јави композиторот Александар и ми рече дека Весна напишала песна, која само јас би можела да ја пренесам на сцена со автентична емоција. Тоа беше голем комплимент за мене, се договоривме да се најдеме, да ја слушнам песната. По прво слушање, знаев дека е за мене, решивме да ја снимиме – раскажува Мијата.

Вели дека еден месец по настанот, нивниот семеен пријател Бранко се инфицирал со вирусот. Таа била со него низ целото патување со болеста, од болничките ходници, па се до, како што вели, крајот.

-Бранко е само уште една од оние околу 5.500 жртви на вирусот во земјава. Тие луѓе не се статистички бројки, тоа се нечии блиски, кои оставиле празнина и трага зад себе. Песната е за него, но и за сите други кои не се изборија. Сакав да нема тага во ,,Невидени”, сакав да го прославиме животот и достоинствено да го чуваме споменот на сите драги луѓе кои ги изгубивме – појаснува кантавторката, додавајќи дека нумерата ќе се најде на нејзиниот втор албум кој е во подготовка.

-Промоцијата на песната, а воедно и роденденот ми беше повод да ги соберам блиските, сите кои ми значат, за заедно да се радуваме на животот и сите негови убавини. Долг период бевме затворени, изолирани, да се надеваме дека полека се движиме кон враќањето во нормала. Благодарна сум на авторскиот тим за песната, ова е моја трета соработка со Малинова. Таа ме познава духовно, а нејзините зборови дека само јас можам да ја испеам песната и да ја доловам магијата, верувам дека ги оправдав. Многу емоции се внесени во ова дело, и од тие емоции бев водена во тек на целиот процес на снимање- раскажа Мијата.

Таа е присутна на сцената околу 15 години, кога го привлече вниманието на јавноста со ,,Верувам во себе”. Нејзините песни се редовни во етерот, и секоја од нив има автентичен печат.