Со премиера на „Novi val – 40 godina nakon“ почнуваат деновите на Croatia Records во Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со македонската премиера на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“ („Novi val – 40 godina nakon“), на 17-ти август во Кинотека на Република Македонија ќе започнат деновите на „Croatia Records“ во Скопје- информираат од издавачката куќа.

Имено, во чест на четири децении од објавувањето на култниот албум „Пакет аранжман“, но и серија други албуми, кои му припаѓаат на движењето познато како „новиот бран“ („нови вал“, „нови талас“) – „Шарло Акробата – „Бистрији или тупљи човек бива кад…“, како и деби-проектите на „Електрични оргазам“ и „Хаустор“, најголемата дискографска куќа во регионот – „Croatia Records“ на почетокот на оваа година реализираше филм „Нов бран – 40 години подоцна“, на авторот Никола Кнежевиќ, музички уредник во „Croatia Records“.

Кнежевиќ, заедно со белградската новинарка Олга Кепчија (радио-водителка на Београд 202), за таа прилика направи серија интервјуа со главните актери кои беа дел од приказната, новинари, музички продуценти, дизајнери, дискографи… и со помош на CMC Телевизија тоа беше склопено во филм, со времетраење од 101 минута.

По проекцијата на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“, на летната сцена на Кинотека – „Мирно лето“, Никола Кнежевиќ, заедно со Иван Беќковиќ, супервизор на „Croatia Records“ за Македонија, ќе имаат трибина на која ќе зборуваат за значењето на „Новиот бран“ на овие простори, за што интересот од страна на публиката, и по 40 години не се намалува. Напротив.

До сега филмот беше претставен во Белград, на „Мартовскиот фестивал“, како и на „Dok’n’Ritam“ фестивал во српската престолнина, и во Крагуевац, во рамките на Арсенал фест. Утредента, пак (18-ти август), на прва промоција на „Croatia Records“ во Скопје, по цели 30 години, ќе биде претставена актуелната винилна програма на оваа издавачка куќа – винилите од „Нови вал“, „Индекси – Модра ријека“…, како и компакт-дискот „Зафир пјева, Македонија пјева“, кој беше објавен ланската година за „Југотон Croatia Records“, но, заради короната не можеше да и биде претставен на јавноста.