Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети, а и поранешен премиер на Бугарија, познат во тамошната јавност како Царот, лично дал писмена согласност за здружението во Охрид да го носи името на неговиот татко.
Писмената согласност од Симеон Сакскобурготски е дел од документите со кои Централниот регистар го впишал Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“-Охрид, пренесува „360 степени“ откако од медиумот имале увид во документацијата.
Станува збор за јавно достапни документи што може да ги добие секој граѓанин ако поднесе соодветно барање и плати надомест според тарифникот на Централниот регистар.
Со оригиналната изјава е приложен и нејзин превод од бугарски на македонски јазик од судски преведувач од Скопје.
„Почитуван г. Блажески,
Со интерес дознав дека вие и вашите истомисленици сакате да основате културно-просветно друштво во Охрид. Ви благодариме за иницијативата ова друштво да го носи името на мојот татко цар Борис III. Вашиот предлог ме трогна и секако дека ја имате мојата согласност и мојата поддршка.
Мило ми е што знам дека младите како вас имаат време и желба да се зафатат и со оваа задача, така што ќе се зачува во историската меморија.
Ви посакувам успех во вашиот напор и се надевам дека ќе се видиме еден ден“,
пишува во преводот на изјавата од Симеон Сакскобурготски.
На писмената согласност стои датумот 14 октомври 2021 година. Здружението е основано на 9 ноември 2021 година, пријавата во Централен регистар е поднесена на 16 ноември, а е одобрена на 17 ноември 2021 година.
На изјавата и во другите документи никаде не фигурира името на Симеон Сакскобурготски, но посредно може да се дојде до заклучок дека станува збор за него, со оглед на тоа што согласноста е испечатена на меморандум на кој стои Дворец Врана, резиденција на бугарското кралско семејство, а го има и карактеристичниот потпис на поранешниот бугарски цар и премиер.
Инаку, Симеон Сакскобурготски, едно од двете деца на Цар Борис Трети, е роден 1937 година во Софија. По смртта на татко му, од 1943 до 1946 е бугарски цар – Симеон Втори, по што ја напушта Бугарија. Се враќа во 2001 година и станува активен во политиката. По победата на изборите во 2001 година, застанува на чело на владата. Премиер е до 2005 година. На изборите во 2005 г. кандидат за пратеник од листата на Движењето „Симеон Втори“ е и подоцнежниот бугарски премиер и сè уште актуелен лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов.
По реакциите во јавноста, особено од eврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, од каде што соопштија дека се згрозени и навредени од регистрацијата на Здружението „Цар Борис Трети” и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот“, од Министерството за правда вчера рекоа дека до нив не било доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација.
Подоцна во денот од Централниот регистар соопштија дека Здружението е впишано во согласност со Законот за здруженија и фондации.
„Согласност од Министерство за правда не е доставено како прилог кон пријавата за упис, од причина што подносителот на истата доставил прилог доказ согласно член 49 став 2 од Законот за трговски друштва, а во врска со член 8 од Законот за здруженија и фондации, имено доставил согласност од сродник за внесување на името Цар Борис Трети во името на Здружението“, го пренесува Канал 5 објаснувањето од Централен регистар.
Според Законот за здруженија и фондации, Министерството за правда издава одобренија само доколку се користи зборот Македонија. Освен оваа, нема друга одредба под кое име смее или не смее едно здружение да се регистрира, туку само дека името треба јасно да се разликува од другите организации запишани во Регистарот.
Сепак, законодавецот предвидел дека „за прашањата за името кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредува име на фирма на трговско друштво“.
Во тој закон, пак, пишува дека може да се користи име и презиме на историска личност и тоа по две основи: ако за тоа дадат согласност нејзините сродници до трет степен по права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.
Кога во април годинава стана актуелен случајот со културниот центар на Здружението „Иван Михајлов“ во Битола, поранешната министерка за правда Рената Дескоска, во чие време е регистрирано битолското здружение, порача дека „треба веднаш да почне постапка за носење измени на Законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за нивно регистрирање, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или неодобрување на употреба неговото име“.