Синоќа беше отворено 62. издание на Струшките вечери на поезијата – лауреат оваа година е македонскиот поет Влада Урошевиќ


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Стиховите се зраци што светат, оти песните го возвишуваат духот и сите што искрено ја сакаат поезијата неминовно ги поседуваат и врвните човекови доблести, порача поетот Милован Стефановски кој од светската престолнина на поезијата, Струга, вечерва го испрати поетско послание со што беше отворено 62 издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП).

„А ехото на брановите, и во времето што надоаѓа, нека нè потсетува дека непроценливите вредности на нашиот струшки поетски фестивал треба со пиетет и грижливо да ги чуваме, домаќински да ги негуваме и со заеднички сили да ги надградуваме истовремено како наша гордост и како светска културна придобивка“, порача Стефановски.

Споредувајќи ги Струшките вечери на поезијата како препознатлив знак за Струга, како што е Нобеловата награда за Стокхолм, Светскиот саем на книгата за Франкфурт, Филмскиот фестивал за Кан, Биеналето за Венеција…, токму Струга, нагласи, е светска поетска престолнина за светски признати мајстори на поетската реч, изговорена на многу јазици.

„И поетите, како и водите на Дрим, минуваат низ Струга и, во исто време, остануваат засекогаш приврзани со градот на Браќата Миладиновци, со градот на мостовите и улиците што сè уште чекаат да бидат именувани со имињата на светските поетски великани кои настапиле на СВП, а некои од нив, освен што овде биле пречекувани со почести, биле и наградувани и овенчани. Реката Дрим и натаму спокојно тече и засекогаш ќе го чува сеќавањето дека некогаш нејзиниот тек бил и пат на јагулите со уште поголемо значење од тоа што за Рим го имал патот Виа игнација што, исто така, минувал овде, затоа што едно е од вечниот град да патуваш до Константинопол, а сосема друго од Струга до Сарагаското Море“, нагласи Стефановски.

Навраќајќи се на почетоците на создавање на фестивалот кој само за неколку години станал светска поетска манифестација, подвлече дека некогашната реченица „сите патишта водат во Рим“ уште кон крајот на шеесеттите години на минатиот век била пресликана во модифицираното значење дека за поетите од сите меридијани во последната недела од август „сите патишта водат во Струга“.

Во овој живот полн со предизвици, поезијата е чувствотворност што нè разликува во оваа ера на бесчувствителна роботизација, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на отворањето на 62. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, што од денеска до 27 август ќе се одржува во Струга.

Инспирирана од годинашниот лауреат на највисокото фестивалско признание, „Златен венец“, академик Влада Урошевиќ и неговите зборови какво би било човештвото без поезија, посочи дека тој кажал дека човештвото може да се замисли и без поезија, но оти тоа би било многу потажно, побездушно, поздодевно. Затоа, пренесувајќи ја пораката на Урошевиќ, министерката подвлече, додека не дојде до тоа време, читајте поезија за барем да го одложиме некако тој момент.

„И го одложуваме, и вечерва и тука, со сета почит кон пишаниот збор, вткаен во безвременски стихови било да се тие напишани на парче хартија стуткана во џебот или во инспиративна поетска осама на некое посебно место. Едно од тие посебни места е и нашата Струга. На ‘мостовите на поезијата’ се сретнаа и Истокот и Западот. Токму тука, каде што сѐ уште боли Т ́га за југ“, рече Костадинова Стојчевска.

Ехото на Миладиновци, нагласи, е присутно и денес.

„И од година во година е сè погласно. Продолжи тоа ехо благодарение и на Струшките вечери на поезијата, создадени по промислата на величествените македонски современи автори чија визија нè крепи и по децении од нивното заминување“, додаде министерката за култура.

На поетите кои ја одржаа, етаблира и оние кои ја продолжуваат оваа престижна поетска манифестација, им порача да не се откажуваат од нивниот драгоцен отпор.

„Вашите стихови нека бидат бедемотпорни. Стиховите сведочат и ќе сведочат за човечкото, за чувствотворното. Македонскиот современ литературен јазик има збор за секоја песна, за секој стих, на сите поети од светот. Македонскиот современ литературен јазик има збор и за сè што е неизречено, што пристиска и пече… Го има и изразот „вештачка интелигенција“ која, можеби, ќе напише и поема, ама никогаш нема да допре до длабоката тишина, таа што сè ќе рече“, додаде Костадиновска Стојчевска.

Годинашен добитник на највисокото признание „Златен венец“ е македонскиот поет, писател и книжевник, академик Влада Урошевиќ.

Урошевиќ на вчерашната прес-конференција во Струга во рамките на 62. издание на Струшките вечери на поезијата изјави:

„Веста дека сум добитник на „Златниот венец“ на годинашниве „Струшки вечери на поезијата“ ми носи многу радост. Ја имав таа среќа да бидам, пред повеќе од шеесет години, еден од основачите на овој наш поетски Фестивал и еден од оние што учествуваа во дефинирањето на оваа награда. Во текот на годините, со внимание и задоволство следев како на листата на добитниците на „Златниот венец“ се допишуваат нови имиња – стануваше збор секогаш за вистински великани на поетскиот збор, личности чиешто значење ги надминува границите на националните литератури на кои тие им припаѓаат и навлегува во областа на светските вредности“, рече Урошевиќ.

Поезијата, додаде Урошевиќ, како највисок облик на користење на јазикот, како начин за негово претворање во уметничка вредност, извонредно многу придонесе за усовршување на македонскиот книжевен јазик и за неговото искачување кон високите области на современиот сензибилитет.

„Во еден безмилосен процес на материјализација и комерцијализација на сите вредности, кој денес се одигрува во светски рамки, поезијата е симната од некогашниот пиедестал на една од највлијателните уметности. Притоа нејзината улога можеби станала помалку видлива, но не помалку значајна. Поетите од целиот свет, како некакво тајно братство, ја продолжуваат својата мисија на одбрана на духовноста. Струшките вечери на поезијата, со своето долгогодишно плодотворно дејствување, докажуваат дека дејностa на поетите – и покрај сите обиди за поттурнувања на заден план – и натаму има свој значаен удел во основната задача на уметностите – осмислувањето на светот“, нагласи Урошевиќ.

Урошевиќ вчера, традиционално, во присуство на македонските и странските поети засади дрво во паркот на поезијата во Струга и изрази задоволство што ја има честа и неговото дрво да се најде во леата со светските поетски великани.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија ја доби Димитар Башевски за збирката „Дни, години“, а „Мосотви на Струга“ ирскиот поет Гевин Бредли.

Струга, градот на поезијата, наредните неколку дена ќе пулсира во духот на пишаниот збор, каде повеќе од 60 поети од земјава и странство ќе читаат поезија на своите јазици.