Шамарење на соиграчите: Видал и Кимих за овие тепачи се мали деца


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Фудбалот одамна е претворен во прашање на суров професионализам, па поради тоа сè почесто сведочиме за зачестени инциденти на терените помеѓу играчи кои играле или уште играат за исти клубови, но целосно ја губат главата кога ќе се соочат со своите соиграчи на различни страни од теренот во рамки на репрезентативните дуели.

Тоа синоќа го покажаа во пракса играчите на Баерн Минхен, Видал и Кимих, во финалниот дуел од Купот на конфедерациите.

Џеко vs Манолас

Неодамна, Един Џеко и Костас Манолас, соиграчи од Рома, се зарчкаа во дуелот помеѓу Босна и Херцеговина со Грција, во рамки на  квалификациите за Светското првенство. Од почетокот беше тензично. На првиот натпревар овие две репрезентации во Пиреја правеа сè и сешто – од навредување на репрезентативците на БиХ, обид за инвазија на грчките хулигани на дел од трибината со босански навивачи, до оној злобен и озлогласен транспарент „Нож, жица, Сребреница“.

Во Зеница се спремаше одмазда, а дека на Грците нема да им биде лесно беше јасно уште пред почетокот на натпреварот кога гостинската  химна беше брутално исвиркана. До самиот крај на натпреварот фудбалот, каков-таков, беше во прв план, но потоа следеше хаос. Повод за масовната тепачка беше судирот на тандемот од Рим, Џеко-Манолас.

Џеко го фати Манолас за врат, а овој му возврати со туркање, за судирот да прерасне во тепачка спречија Мехмед Баждаревиќ и грчкиот помошен тренер.

Но, само на кратко, бидејќи кон Манолас, кој се оддалечуваше кон тунелот опсипан со предмети од трибините, се залета фудбалерот Мухамед Бешлиќ. А кон него, од зад грб исто така, трчаше и грчкиот репрезентативец Јанис Јаниотис.

„Верижен судир“ и масовна тепачка беа спречени со туркање покрај корнер знамецето, која ја искористи Стефан Жили, помошен тренер на БиХ, кој со нога и десна рака го удри Јаниотис и му скрши два заба. Ужасна сцена, која по некое чудо, не прерасна во уште помасовна тепачка.


BH-GR_Zub by clipsbh

Роналдо vs Руни

Можеби најпознатиот судир на двајца клубски соиграчи додека ги бранат боите на своите репрезентации се случи во четвртфиналето од Светското првенство во Германија во 2006 година. Играа Англија и Португалија, а откако во 62-та минута Вејн Руни на центарот од теренот крвнички го згази Рикардо Карвахал таму каде што најмногу боли, Кристиано Роналдо беше наагилен во барањето од аргентинскиот судија да го исклучи Руни. Руни во бес го оттурна соиграчот од Јунајтед, а судијата му додели црвен картон.

Англија, по којзнае кој пат, испадна после изведувањето на пенали, а навивачите на Манчестер Јунајтед му порачаа на Португалецот дека веќе не е добредојден на „Театарот на соништата“. Тоа беа тешки моменти за Роналдо, па едно време сериозно размислуваше да го напушти Јунајтед, стравувајќи од одмазда на навивачите, но ситуацијата ја смири токму Руни, кој на навивачите им порача:

„Не правете глупости. Роналдо го направи истото што би го направил и јас. Играше за својата земја и секако дека сакаше да победи. Целосно го разбирам. Да беше ситуацијата обратна, и јас би ја направил истата работа ако тоа би значело дека Англија ќе оди понатаму“. Со тоа тој на некој начин му дозволи враќање на Роналдо на Олд Трафорд, а дека го направи вистинскиот потег се покажа две години подоцна, кога тие двајца го доведоа Манчестер Јунајтед до титулата прваци на Европа во рамки на Лигата на шампионите, во финалниот дуел против Челзи во Москва.

Ситуациите кои ги наведовме се случија додека соиграчите од ист клуб играа за својата земја и секој од нив ја бранеше честа на татковината, па ирационалните моменти кои неретко го поматуваат разумот на некој чуден начин биле и оправдани. Но, фудбалската историја памети и судири на соиграчи кои на теренот биле излезени во ист дрес, додека едниот се нафрлил врз другиот како соиграч од ист клуб.

Бојер vs Диер

Ли Бојер и Кјерон Диер, како фудбалери на Њукасл, се степаа за време на премиерлигашкиот дуел со Астон Вила во 2005 година. Црно-белите губеа со 3:0 и имаа играч помалку, а Бојер наводно му се налути на Диер бидејќи овој не му ја додал топката. Се разлетаа боксови и шамари, а двајцата „разбесните бика“ ги смируваа сите на тревата, од нивните соиграчи до противничките играчи од Астон Вила. Тие двајцата заслужено добија црвени картони. На прес после натпреварот и двајцата се извинија, но не можеа да ги избегнат драконските казни. Диер доби три, а Бауер четири натпревари суспензија и парична казна од дури 200.000 фунти.

Бати vs Ле Со

Нешто повозрасните фанови на фудбалот ќе се сетат на ситуацијата во која се посрамија играчите на Блекбурн, Дејвид Бати и Греам Ле Со, во Москва, 1995 година, за време на натпреварот од Лигата на шампионите против Спартак. Натпреварот само што започна, а во една акција се судрија Бати и Ле Со. До топката дојдоа Русите кои тргнаа во напад, но судијата Пјерлуиџи Паирето го прекина нападот на Спартак поради бизарниот инцидент кој се случуваше надвор од видното поле на камерите. Бали и Ле Со дивјачки се тепаа, а во ударите предничеше Ле Со. Тим Шервуд, капитен на Роверс, некако успеа да ги смири, но до крајот на натпреварот тие двајца не престанаа да се навредуваат меѓусебно.

И додека Англичаните меѓусебно се тепаа и караа, Русите даваа голови. Спартак со 3:0 го прегази сензационалниот освојувач на Премиершипот, кој во групната фаза од натпреварувањето заврши на срамното последно место во конкуренција на Спартак, Легија и Розенборг.

„Пред натпреварот на своите играчи им реков дека ќе играме против силни екипи чии играчи се спремни во сите 90 минути да се тепаат еден за друг. Искрено, не очекував дека ќе се истепаат меѓусебно“, подоцна изјави Олег Романцев, тренер на Спартак.