Реномираниот „Марка“ тврди дека Кристиано Роналдо веќе го избрал својот следен клуб – ја откриваат и платата која ќе ја зема


Викенд најава - Најинтересно во Серија А! ↓↓↓



Португалскиот репрезентативец Кристиано Роналдо е блиску до договор со Ал Наср, а во клубот од Саудиска Арабија треба да заработува 200 милиони евра по сезона, пишува шпанскиот спортски весник „Марка“.

Шпанските медиуми тврдат дека Роналдо треба да потпише договор со клубот од Саудиска Арабија до јуни 2025 година.

„Роналдо е блиску до договор со Ал Наср. Тој во овој клуб ќе заработува 200 милиони евра по сезона, а во договорот ќе биде ставена и клаузула за рекламирање. Роналдо нема избор. Ниту еден европски клуб не може да ја следи финансиската понуда на Ал Наср, а не можат ниту клубовите од МЛС“, пренесува „Марка“, која е блиска до менаџерот на Роналдо, Жорге Мендеш.

Шпанскиот весник тврди дека зделката ќе биде објавена по Светското првенство, бидејќи Роналдо игра со Португалија на Мундијалот во Катар.

Тренер на Ал Наср е Французинот Руди Гарсија, а најголеми ѕвезди на клубот се голманот Давид Оспина и поранешниот играч на Виљареал Алваро Гонзалес. Ал Наср, заедно со Ал Хилал, најтрофејниот клуб во Саудиска Арабија.

Роналдо неодамна го раскина договорот со Манчестер Јунајтед, а претходно настапуваше за Спортинг, Реал и Јувентус.