Приказната за потопувањето на рускиот воен крстосувач „Москва“ – што точно се случи? (снимка)


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На 13 април Украинците пред остатокот од светот соопштија дека во ракетен напад го потопиле воениот руски крстосувач „Москва“, еден од најмоќните бродови на црноморската флота и општо на руската морнарица. На 15-ти април на руските медиуми беше објавена кратка информација дека крстосувачот Москва потонал во невреме на Црното море.

Ретко кој брод ја има историјата на Москва. Изградбата на бродот почнува во 1976 во украински Миколаив, едно од најголемите бродоградилишта во СССР, а бродот, под името Слава официјално влегува во советската морнарица на 30 јануари 1983.

До крајот на Студената војна опремен е и со нуклеарни ракети, но без некои поголеми ангажмани, главно крстари и го заплашува непријателот.

Во 1989 бродот треба да биде симболот на помирувањето меѓу Западот и СССР и на него треба да се одржи средбата меѓу Џорџ Буш и Горбачов. Во последен момент заради временски непогоди самитот е преселен на бродот Максим Горки.

Во 1990-та Слава се враќа во бродоградилиштето во Миколаив, каде речиси 10 години се работи на негова ре-адаптација. Во меѓувреме, во 1995 тој е прекрстен во Москва, но и покрај тоа што е во украински води по распадот на СССР тој останува руски брод.

Од кога е вратен во вода, тој е најмоќниот брод на руската црноморска флота.

Во првите години Путин го користи бродот за пречекување на странски лидери и нивно развозување. Бродот дури е вкотвен и во Ла Мадалена пристаништето на НАТО во Италија, што се толкуваше како симбол за зголемување на довербата меѓу Русија и членките на НАТО.

Како што односите меѓу Русија и НАТО не продолжуваат на подобро, така и Москва почнува да добива се поактивна воена улога:

– 2008 учествува во инвазијата на Грузија и има борби со грузиската морнарица, по што Русија ја признава независноста на Абхазија.

– 2014 го блокира излегувањето на украинските воени бродови од езерото Донузлав и учествува во анектирањето на Крим.

– Во војната во Сирија, Москва е вкотвена во источниот Медитеран во близина на границата меѓу Турција и Сирија, каде ја помага руската авијација во Сирија.

– Во 2018 е вратен на поправка овој пат на Крим, која завршува во 2020.

– Во 2022 Москва како најмоќен брод во Црното море е дел од руската инвазија на Украина. Една од акциите на Москва е освојувањето на Змискиот остров, и таа е рускиот брод на кој Украинците му враќаат со „Руски воен брод, оди еби се“.

Доцна вечерта на 13 април, советникот на Зеленски, Олексиј Арестович, објави дека бродот Москва во близина на Одеса бил погоден до две Р-360 Нептун противбродски ракети.

Неколку часа по украинските тврдења, руското министерство за одбрана објави дека бродот бил зафатен од пожар предизвикан од експлозија на муницијата, без да биде спомената украинската верзија.

Според два украински извештаи, бродот Москва потона пред 3 часот наутро на 14 април.

Според руската верзија, во текот на 14 април и понатаму траат обидите за спасување на бродот. Веста за потонувањето на Москва руските медиуми ја објавија на 15 април, а како причина беше наведено лошото време.

Во американската верзија на настаните, Москва е погодена од Нептун ракети од батерија поставена во близина на Одеса, во време кога бродот се наоѓа на 110 до 120 километри од брегот. Според непотврдени извори Украинците искористиле Бајрактар 2 дрон за попречување на радарот на Москва, која заради тоа не можел да ги забележи и пресретне двете Нептун ракети.

Москва е опремена со три нивоа на воздушна одбрана која е сосема доволна за пресретнување на Нептун ракетите и навремено алармирање. Не постои никаков запис дека екипажот на Москва активирал кој било од овие системи, вклучително и С-300 системот што е монтиран на бродот. Процената е дека доколку овие системи биле активирани, Украина ќе требала да лансира 11 Нептун ракети истовремено за да го потопи бродот. Една од калкулациите е дека грешката била кај екипажот на Москва кој не бил доволно подготвен и обучен за да ги пресретне ракетите.

На почетокот од мај беше објавено дека САД им испорачале изобилие на разузнавачки информации на Украинците кои помогнале во уништувањето на бродот, нагласувајќи дека „одлуката за уништување била чисто украинска“.

Сега се тврди дека потопувањето на Москва го спречило или одложило поморскиот напад и истоварување на руските сили на Одеса.

Во меѓувреме местото на потонување на бродот Киев го прогласи за подводно културно наследство на Украина.

Извор: ОффНет