Home Blog Page 4346

Колумна: Подалеку од мојот џеб

Во последниов период доста е актуелен новиот закон за плаќање придонеси за хонорари. Закон за кој во јавноста се крева голема прашина. Закон против кој се поотворено се противат голем број граѓани и граќански организации.

Овој закон, кој е предвидено да стапи на сила од 1 јануари предвидува граѓаните за приходот оставарен преку хонорарна работа да мора да плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување и наместо досегашните 10% персонален данок, давачките ќе достигнат до 45% од вкупниот износ.

Оправдувањето на Владата за овој закон е дека добар дел од фирмите одбегнуваат да плаќаат придонеси, на тој начин што нивните вработени ги пријавуваат како хонорарни работници. Меѓутоа реалноста е далеку поинаква.

Со носењето на овој закон, се намалува атрактивноста од вработување на хонорарци, заради високите давачки, со што компаниите и организациите ќе ангажираат помалку хонорарци и нивните хонорари ќе бидат помали.
Несомнено, државата со ова ќе може на хартија да прикаже помала невработеност, но реалната ситуација ќе биде далеку од таква.

Најконтроверзниот момент од овој закон се студентите и редовно вработените кои имаат и хонорарни ангажмани. Редовно вработените кои имаат и дополнителни хонорарни активности, од 1 јануари, ќе треба да плаќаат двојно пензиско и здравствено осигурување, едно од нивната постојана работа и едно од хонорарот, а реално ќе корисистат само едно. Додека пак редовните студенти кои имаат хонорарни активности, со плаќањето на пензиско и здравствео осигурување, си допишуваат работен стаж на нивното конто, во период кога не смеат да бидат постојано вработени.

Целосно го поддржувам бунтот и протестот на граѓаните и граѓанските организации против овој закон, меѓутоа сметам дека тој не смее да се ограничи само на придонесите за хонорарците.

Ова е вистински момент кој македонските граѓани треба да го искористат, безразлика дали се постојано вработени, дали се хонорарци или се невработени, и да го кренат својот глас и да ја избркаат долгата рака на државата која посегнува и по приватните џебови.

Ова е моментот кога треба да се побуниме и против тие 45% од нашата плата која оди за давачки за кои и не сме се согласиле. И при тоа не мислам само на давачките од хонорарната работа, туку и од платата која ја добиваме од редовно вработување.

Треба да го искористиме овој момент и овој период на бунт да го отфрлиме задолжителното пензиско и здравствно осигурување, кое полека но сигурно оди кон пропаст. Без разлика дали сакаме да признаеме или не, ситуацијата покажува дека големи се шансите идните генерации, па дури и сегашните да не видат никаква корист од истото. Треба да го искористиме овој момент да превземеме контрола врз нашиот паричник, врз средствата кои се плод на нашиот труд.

Добар дел од граѓаните на Македонија, не се противат на овие задолжителни придонеси, бидејќи тие ги плаќа работодавецот, а тие си го гледаат само нето приходот кој легнува на нивните сметки.

Сегашниот систем на пензиско осигурување е базиран врз солидарноста и правен во период со поголем број на вработени во однос на пензионери. Со други зборови, сегашните вработени плаќаат за сегашните пензионери. Со оглед на тоа што бројот на вработени во однос на пензионери е до толку намален, што можно е и изедначување, системот почнува да тоне. За да биде издржлив државата мора да се задолжува или да зголемува давачки, како што се задолжителни придонеси за хонорарни работници.

Мора час поскоро да го замениме овој систем и да преминеме кон вториот пензиски столб и кон третиот приватен столб, каде што секој граѓанин самостојно ќе одлучува што ќе прави со неговите приходи.

Со неплаќањето на овие задолжителни придонеси ќе дојде до зголемување на платите и без закон за минимална плата, а граѓаните сами ќе одлучуваат каде и како ќе ги трошат своите пари. Исто така се отвара можност за нови вработувања, бидејќи се намалуваат давачките на работодавеците.

Јас сум сопственик на мојот паричник, а не државата, затоа подалеку од мојот џеб.

Наум Локоски
апсолвент на политички студии

Милениумска вечер во Прилеп

Оваа сабота по повод 1000 години, градот под Марковите кули ја одбележа Милениумската вечер која беше проследена со голем број на културно уметнички настани. Филмски маратон, театарски претстави, изложбени поставки, научни трибини итн… беа дел во која прилепчани имаа можност да уживаат во целовечерна бесплатна културна програма.

22.12mileniumska2
Во прославата беа вклучени и угостителите, односно прилепската стара чаршија како познат бренд на градот Прилеп. По повод „1000 години Прилеп”, подготвена е и монографија за милениумски Прилеп во која се вклучени 30-ина научници и стручни кадри. Монографијата ќе опфати период од 1000 години, од 1014 година кога Прилеп првпат се споменува во пишаните документи како Прилапон.

„Питачи“ – 93 години од раѓањето на единствениот Блаже Конески

И така, мачно, најпосле стануваме свесни дека е за нас, кои веќе нагло старееме, љубовта толку скапоцена, што нема надеж дека воопшто може да ни припадне, ако еднаш сме ја загубиле или никогаш и не сме ја сретнале. Ние мораме дури и од своите деца да питаме малку наклонетост, поблага насмевка, трошка повеќе внимание, писменце поинтимно интонирано – ние стануваме питачи на љубов. Се фаќаме сами себе во мислата дека би сакале да застанеме на аголот, приквечер, кога се палат излозите, и кога забрзано врват луѓето. Се надеваме на средба, иако е тоа сосем илузорна надеж.

Блаже Конески

„Фактурални завиткувања“ – изложба на прилепскиот скулптор Филип Перески

Насловот „Фактурални завиткувања“ непосредно нè води кон првата самостојна изложба на скулпторот Филип Перески. Неговите скулптури претставуваат отворени естетски волумени со експресивна, експериментална и уметничка форма. Тие се дела кои му припаѓаат на новото време, во чија содржина се препознава современата скулптура со сите нејзини пропратни елементи.

Така вели историчарката на уметност Елизабета Дерменкоска-Цефи во својот осврт кон првата изложба на скулпторот Филип Перески од Прилеп.

Изложбата ќе биде отворена во галеријата во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“, на 20 декември (сабота), во 20 часот .

Перески на првата самостојна изложба ќе се претстави со 10 скулптури. Изложбата се отвора во рамките на манифестацијата „Милениумска вечер“ со која се одбележуваат 1000 години од постоењето на Прилеп.

Првата „Поетска везилка“ помина повеќе од успешно

Настанот „Поетска везилка“ во чест на Блаже Конески помина повеќе од успешно. По успешно спроведениот конкурс за избор на најдобра лична творба на кој учествуваа 54 автори од цела Македонија, автори и од Канада и Германија, во просториите на Градската библиотека се одржа Поетска вечер на која покрај програмата беа доделени награди и благодарници на учесниците.

Прва награда освои Габриела Стојаноска Станоеска со творбата „Јас ќе ги спомнам зборовите“
Втора награда Гаврило Миловановиќ со „Антиепитаф“

17.12vezilka2

Трета награда е во рацете на двајца учесници, Сузана Ѓорѓиевска со творбата „По сокак со чекор бавен“ и Гоан Тодороски со „Мавзолејот на моетите“.

17.12vezilka3

Со согласност на авторите на пристигнатите лични творби ОК на ВМРО-ДПМНЕ издаде алманах „Поетска везилка“ кој беше промовиран на поетската вечер.

– Од предговорот на книгата: Од скоро 7000 јазици во светот, лингвистите велат дека повеќе од половината се во изумирање. Фактот што по еден јазик на секои две недели изумира, од различни причини, беше повод да организираме поетски конкурс со кој ќе поттикниме нашите сограѓани да дадат свој придонес кон негување на македонскиот јазик, култура и традиција.

17.12vezilka4
Блаже Конески оставил зад себе ризница од литературни дела напишани на македонски јазик. Илјадниците страници научна литература, проза и поезија се дела во кои живее посебноста на македонскиот народ, милозвучноста на македонскиот јазик и трепетот на македонската душа. Црвено – црниот конец со кој е извезена историјата на Македонија, а опеан во неговата „Везилка“ го нафрли котелецот на ова поетско издание во чест на македонскиот јазик.

Поезијата е најинтимниот пријател на душата и токму затоа длабока благодарност кон учесниците на конкурсот „Поетска везилка“ кои што споделија парче од сопствената душа. Искрено се надеваме дека сите заедно дадовме сопствен придонес кон афирмација на македонскиот јазик преку поезија, преку ослободување на емоцијата и поттикнување на инспирацијата, осоено кај помладите генерации.

Поетот Игор Исаковски го напушти земскиот свет

Исаковски е основач и директор на културната установа „Блесок“, каде што работеше како главен и одговорен уредник на истоименото списание. 

Автор е на романот „Писма“ (1991) и „Пливање во прашина (2005) за кој ја доби и наградата „Прозни мајстори“.
„Црно Сонце“ (1992), „Вулкан – Земја“ (1995), „Небо“ (1996), „Длабоко во дупката“ (2004), збирката раскази „Песочен часовник“ 2002 и други.

Исаковски е роден на 19 септември 1970 во Скопје. Работел како радио и ТВ водител од 1991-1999, 2001-2003, на различни фреквенции.

Уредник е на списанието на Независни писатели на Македонија, „Наше писмо“.

Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии).

Во негов превод на македонски, објавени се книгите на Алеш Дебељак (2), Лудвиг Гиц, Марија Тодорова, Душан Гојков, Клод Фримен, Роберт Млинарец, Јосип Ости (8), Рони Сомек, М.Т.Ц. Кронин, Горан Глувиќ, Томас Шапкот, Џек Галмиц, Герит Бусинк, Ханс ван де Ваарсенбург, Том Петсинис (2), Сибила Петлевски (2), Хенк ван Керквијк (Дејвид Винвуд), Павле Горановиќ, Предград Луциќ, Хенри Милер, Оља Савичевиќ Иванчевиќ, како и една антологија на црногорската поезија.

Делата на Исаковски се објавени на англиски, холандски, романски, словенечки, хрватски, српски, бугарски, црногорски, босански, чешки, унгарски, полски, словачки, корејски, хебрејски и турски, во дваесетина земји.

Погребот на македосниот поет ќе биде утре во 13 часот на градските гробишта во Бутел.

Колумна: Радуј се Македонче на пијана Грција

Дали Грција и дел од Европа ќе тргнат по стапките на Аргентина и Венецуела? Следните претседателски избори во Грција, закажани на 17 декември во грчкиот парламент, би можеле да предизвикаат предвремени парламентарни избори во кои фаворит би била екстремната грчка левица Сириза, предводена од популистот Алексис Ципрас. Па, ако им се верува на инвеститорите во Грција кои веќе „ги пакуваат куферите“ таквиот исход е многу веројатен.

Заговарајки масовна државна потрошувачка, игнорирајки ги предупредувањата од кредиторите, а поготово движењата на берзите, Ципрас би вовел економски мерки слични на оние кои ги гушат Аргентина и Венецуела во последниве години. Понатаму се знае, за дополнителното влошување на економијата виновни ќе бидат меѓународните финансиски корпорации, а не револуционерите на власт.

13.12grcija2
Сириза има план според кој сите грчки граѓани би добивале бесплатна струја и вода, би пораснале пензиите, би имало обемни субвенции за градежништвото, би биле избришани долговите кон банките на многу граѓани, итн. Тоа подразбира уште поголемо задолжување на државата…долгови кои понатаму би ги откупувала Европската Централна Банка (ЕЦБ).

Колку што знам, Ангела Меркел жестоко се спротивставува на идеата за откуп на државните долгови од страна на ЕЦБ, така што ваквите планови тешко би можеле да се изведат со заедничката евро-валута. Но, доколку Ципрас наиде на поддршка во Брисел, Еврото ќе биде во невоља, бидејки откупот националите долгови од страна на ЕЦБ ќе го загрози неговиот курс.  Доколку тоа не се случи, би следело патетично сценарио на Атина според кое „народната власт“ во Грција, ќе разгласи дека е оневозможена да го „спаси сопствениот народ“ поради притисоците на наводните финансиски насилници.

Ситуацијата во Аргентина е многу слична на второво сценарио. Во 2013 година Владата во Буенос Аирес трајно неможеше да ги финансира обврските (што по дефиниција е банкрот) па посегна по печатење пари. Но, кога Аргентинското Пезо почна нагло да ја губи вредноста, и поготово кога излезе во јавност информацијата дека Владата ги преполовила девизните резерви во само две години, кредиторите од Вашингтон ја провалија целата шема и го намалија кредитниот рејтинг на Аргентина согласно стандардите за банкротирана земја.

Кристина Де Кирхнер, која е актуелен претседател на Аргентина, огорчена поради поразот на нејзината планска економија, најпрво измисли приказна според која само Аргентинското Пезо било во криза, но не и целата земја. Кога таа приказна не помина, таа почна да цмиздри по цел свет „објаснувајки“ како проклетиот финансиски пазар и ги срушил „хуманите планови“ кои, да се подсетиме, почнаа со масовна конфискација на приватен имот, а продолжуваат со девалвација на валутата која ги погаѓа токму најсиромашните.

Понатаму, дел од програмата на Сириза е и радикално зголемување на даноците (што исто така беше видено, и во Аргентина, и во Венецуела) особено за побогатите Грци. Посебно е интересен делот од партиската програма, според кој, Владата на Сириза би вовела масовна контрола врз цените во сите стопански сектори. Државната контрола на цените се сведува на политички притисок за намалување на цените под нивната пазарна вредност. Како функционираат ваквите мерки на дело може да се види по денешна Венецуела. Трговците немаат интерес да тргуваат, пазарот оди во илегала, и почнуваат да јакнат криминалците.

13.12grcija3
Границата меѓу Венецуела и Колумбија денес е преплавена од шверц на основни животни продукти, рафтовите во продавниците се празни, додека многу поранешни нарко босови од Колумбија сега тргуваат со брашно, зејтин, шеќер, кафе, па дури и со тоалетна хартија.

13.12grcija4(стандарден супермаркет во Венецуела, нешто слично како Југославија во 80-те)

Доколку победи на изборите, Ципрас би бил европска варијанта на Хуго Чавез. Незнам дали би ги приредувал истите дипломатски скандали како бившиот претседател на Венецуела, ама сум ептен сигурен дека влошувањето на грчката економија под негово водство, ќе го продава низ целиот свет преку емотивни говори, комбинирани со некомплетни информации. Ќе одржува „револуционерни“ самити, форуми, пленуми, конференции, трибини и други собири, барајки поддршка од соборците во Европа и пошироко. Ќе држи лекции по хуманост и планска економија пред групи од незадоволни студенти, нереализирани интелектуалци, неупотребливи уметници, филозофи пролетери, ултра-екологисти, и останати уфилмани „спасители на светот“.

Како Македонија да се однесува во целата ситуација? Многу би погрешиле доколку со симпатии го следиме неговото идеолошко тролање. Македонските медиуми тоа навистина го правеа пренесувајки ги гафовите на Чавез во полемиките со официјалните представници на САД, представувајки го Чавез како морално супериорна фигура . Деновиве гледам емисии посветени на оној црвен кловн од Боливија, Ево Моралес, кој наводно ја подобрил економијата на сиромашната земја од Лат.Америка. Не би се зачудил доколку и Ципрас биде пречекан со слични симпатии, што би било добра основа за појава на сличен популизам и овде. Тоа би било голема грешка!

Македонија треба прво да промени одредени членови од законот за девизно работење, со кои се ограничуваат нерезидентите при депонирање на средства во нашите комерцијални банки. Доколку Ципрас тргне во конфискација, би било за очекување дел од грчкиот капитал да заврши кај нас, а за тоа да се случи со поголем интензитет, потребна е уште поголема економска либерализација. Македонија треба да продолжи со подобрување на условите за привлекување странски капитал, во очекување истиот да почне да ја напушта Грција.

Доколку победи Сириза, меѓународната левица тоа ќе го представи (отприлика) како „уште еден триумф на револуцијата“. Тоа е вокабулар кој многу лесно проаѓа во држава која е генерално разочарана од транзицијата, како што е Македонија. Но како и да е, евентуалниот триумф на ваквиот грчки популизам, има огромни шанси да го влоши нивниот имиџ во ЕУ. Тоа пак би било шанса повеќе за нас, да ги подобриме своите позиции во однос на проблемот, кои тие го создадоа во однос на нас.

Пишува: Виктор Трифуновски, претседател на Либертаријански клуб Атлас

Избрани најдобрите творби за „Поетска везилка“ во чест на Конески

10748754_10203350898792980_836170749_n - CopyИзбрани се најдобрите творби на конкурсот „Поетска везилка“ во чест на Блаже Конески. Габриела Стојаноска – Станоеска со поемата „Јас ќе ги спомнам зборовите“ ја освои првата награда.

Во чест на роденденот на доајенот на македонската литература – Блаже Конески, ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп објави КОНКУРС „ПОЕТСКА ВЕЗИЛКА“ за избор на најдобра лична творба. На конкурсот кој беше творен од 07.11.2014 до 28.11.2014 година учество зедоа 54 автори.

Изборот на наградените учесници го направи стручна комисија во чиј состав беа Весна Михаиловска – професор по Македонски јазик и литература, Петар Петрески – директор на Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп и Цеца Видова-Трајческа – професор по Македонски јазик и литература.

На конкурсот прва награда освои Габриела Стојаноска – Станоеска со поемата „ Јас ќе ги спомнам зборовите“.

Втора награда освои Гаврило Миловановиќ со личната творба „Антиепитаф“.

Трета награда ја поделија Горан Тодороски со „Мавзолејот на поетите“ и Сузана Ѓорѓиевска со личната творба „По сокак со чекор бавен“.

Им честитаме на наградените и искрена благодарност на сите учесници. Доделувањето на наградите и благодарници за учество на сите учесници ќе биде на Поетска вечер на 16.12.2014 година во 19 часот во Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп.

Глигор Чемерски со инаугурациска изложба во Москва

Во галеријата „Зураб Цератели“ во Москва денеска ќе биде отворена изложба на уметникот Глигор Чемерски, со наслов „Настани и знаци на земјата македонска“.

Отворањето на изложбата е во чест на инаугурацијата на академик Чемерски во почесен член на Руската академија на уметностите „Императорска“ како прв уметник од Македонија во Академијата.

На изложбата ќе бидат претставени 43 дела од повеќе циклуси на авторот, како своевидна ретроспектива на неговото повеќедецениско творештво.

Изложбата на Чемерски во галеријата „Зураб Цератели“, која го носи името на големиот руски уметник, ќе биде отворена до 10 јануари 2015.

Организатор на настанот е македонската галерија „Грал“ во соработка со Руската академија на уметностите и со поддршка на министерствата за култура и за надворешни работи и на МАНУ. 

Тајните на генијалниот ум: Писмата од Ајнштајн објавени на интернет

Алберт Ајнштајн, покрај другото, беше пацифист и голем романтичар. А тоа е само мал дел од помалку познатите факти од неговиот приватен живот кои ги криеја досега никогаш објавените дневнички записи и други приватни документи.

Повеќе од 5.000 приватни записи од Ајнштајн отсега се достапни на интернет благодарение на проектот The Digital Einstein кој читателите ги води низ животот на големиот научен гениј во период од 1879 до 1923 година, поточно, во периодот до неговата 44-та година, пренесува Tech Analyst.

Зад овој проект стои тим експерти од Универзитетот Принстон, Технолошкиот институт во Калифорнија и Еврејскиот универзитет во Ерусалим.

„Документите беа внимателно прегледани и избрани. Гo одбравме периодот од 1879 до 1923 бидјеќи тоа е мачно доба за современата наука, а преку писмата од Ајнштајн забележана е интеракцијата меѓу научниците од тој период. Ајнштајн, меѓу другите, се допишувал и со Макс Планк, Ервин Шредингер и Нилс Бор“, изјави Дајана Кормос-Бухвалд, која стои на чело од овој проект, а најави и дополнително проширување на дигиталната база, така што, веќе на почетокот од идната година архивата ќе биде збогатена за уште 1.000 документи кои потоа ќе бидат вметнати во online базата.

Документите се достапни во оригинал, на германски јазик, и во превод на англиски, а софистицираниот начин на пребарување на посетителите на базата им овозможува на едноставен начин да ја истражуваат и прегледуваат содржината. Интернет базата The Digital Einstein е поврзана и со базата Einstein Archives Online која содржи илјадници висококвалитетни дигитализирани фотографии.