Home Blog Page 4347

Поезија: „Ти не си секогаш таков“ – Ацо Шопов

Пријателе, знам, ти не си секогаш таков,
и не се такви сите твои есени.
Тажно е да зборуваш осамен во мракот
за своите радости однесени.
Тажно е да копнееш за една средба само
кога ти е животот бескрајно патување,
галеби да носиш на своето рамо
a да не гo чуеш нивното милување.
Тажно е во ноќта да бидеш сам сo птиците,
да чекаш сo нив сам в некоја пуста станица,
и додека некој се лула низ улиците
да мислиш дека ти си, ти си тoj пијаница.
Пријателе, знам, не е секогаш така
и не се такви сите твои есени.
Понекогаш ја топлат твојата рака
стиховите од ветерот донесени.

Ацо Шопов

Четврто книжевно продолжение на „50 нијанси сиво“ – пристигнува на 18 јуни

Е.Л.Џејмс, авторката на плантарниот книжевен феномен „50 нијанси сиво“, се враќа со ново, четврто продолжение на популарниот еротски серијал.

Книгата под наслов „Grey“ (Сива), ќе биде објавена на 18 јуни, соопштија од издавачката куќа Vintage Books.

Овој пат приказната е раскажана од „машки агол“ т.е. од аголот на милијардерот Кристијан Греј, чија жешка романса со младата Анастазија Стил стана опсесија од меѓународни размери.

Британската писателка наведе дека новата книга е посветена на читателите  кои ја „молеле и молеле и молеле“ да го напише романот каде наратор ќе биде Кристијан.

„Кристијан е комплексен лик и читателите од самиот почеток беа фасцинирани од неговите желби и мотивации, како и неговото проблематично минато“, наведе Џејмс.

„Како што знае секој кој бил во врска, во секоја приказна постојат две страни“, истакна таа.

Од издавањето на првиот роман во 2011 година, трилогијата „50 нијанси“ продадена е во повеќе од 125 милиони примероци и ги собори рекордите во продажба, како на печатени така и на електронски изданија.

„Прилеп На Точак“ со првороденденска 12-та Критична маса

Во среда (27.05.2015), во Прилеп, по дванаесетти пат се вози Критична Маса.

КритичнаМаса #12, е различна од другите бидејќи е РОДЕНДЕНСКА.

Веќе една година Прилеп НаТочак се обидува да ја подигне свеста и значењето на возењето велосипед, како и позитивните придобивки за целото опшество.Прилепчани се повеќе го користат велосипедот како превозно средство, а со тоа се зголемува и потребата за подобрување на условите за велосипедистите.

Во Прилеп, Критична Маса се вози еднаш месечно, секоја последна среда од месецот.
Оваа Критична Маса се очекува да биде најмасовна досега, покрај тоа што ќе се вози вообичаена рута низ градските улици, по завршувањето следат изненадувања, мала прослава и дружење со точакољубците.

Повелете,заедно да го прославиме првиот роденден и да си посакаме уште многу заеднички возења.

Среда,27мај,2015

Место: Споменик „Александар Македонски“

Старт: 19:00часот

Прилеп На Точак е градска иницијатива која има за цел подигање на јавната свест на љубителите на велосипедизмот, шоферите, пешаците, децата, родителите, јавните институции и сите други во Прилеп за користењето на точакот како урбано и модерно превозно средство за секаде и во секое време.

Што е критична маса?

Критична маса е возење точак! Се создава кога група велосипедисти ќе се соберат на едноместо и заедно се возат по улиците од нивниот град.
Критична маса нема раководство. Тоа е возење каде никој не е главен. Секој е одговорен за себе и за Масата.

Приказната зад името

Името „Критична маса“ е земено од документарниот филм за велосипедизмот на Тед Вајт(Ted White) „Return of the Scorcher” (1992) – „Враќањето на велосипедот“ (Scorcher е сленг имеза велосипед од 19 век). Во филмот, Џорџ Блис (George Bliss) опишува типична сцена во Кина, каде што велосипедисти не можат да поминат крстосници бидејќи има премногуавтомобили, а нема семафори. Полека полека, се повеќе велосипедисти се собираат чекајќида ја преминат крстосницата, и кога ќе има доволен број од нив, односно ќе се создаде “критична маса“, како штоБлис ја нарекува, благодарејќи на својата бројност тие можат да си го пробијат патот.

Денес критична маса се организира во над 300 градови во светот. Нема лидери, немаформална организација, само критична маса велосипедисти. Најмасовната КМ се одржала во Будимпешта, Унгарија во 2008 година, кога учествувале 80.000 велосипедисти.

Трпче и компанија ќе прават театарски делириум во Албанија: „Делириум тременс“ гостува во Корча

Претстава „Делириум Тременс“ работена во копродукција помеѓу „Театарска Работилница“ и театарот „Војдан Чернодрински“ ќе биде изведена на престојниот фестивал за монодрама „Алба Моно“ во Корча, Албанија на 30 Мај. Текстот, напишан од Благоја Ристески – Платнар или македонскиот Шекспир како што неретко го нарекуваат, својата премиера, воедно и праизведба ја доживеа на фестивалот за монодрама во Битола пред еден месец.

22.05.deliriumtremens

Носител на главната улога во претставата е Игор Трпчески, кој е потпомогнат од музичарите Димитар Ѓорѓиевски, Методија Костоски, Борче Миленкоски и Бојан Андревски кои во живо изведуваат свои композиции како и познати музички теми преаранжирани за потребите на претставата. Костимите и сценографијата се дело на Бојана Артиновска – Трпческа, видео поекциите се на Емил Петров, тонското и светлосно обликување на Томе Темелкоски, а преводот на текстот на англиски јазик кој исто така е издаден и во печатен формат е дело на Лидија Митоска – Ѓорѓиевска.

22.05.deliriumtremens2

Веднаш после премиерите во Битола и Прилеп следуваа покани за фестивалот „Алба Моно“ во Албанија и „Охридско Лето“ во Охрид што кажува дека задоволството на премиерската публика го споделија и селекторите за соодветните фестивали.

Претставата ќе се одигра како дел од редовниот репертоар на прилепскиот театар во Сабота на 23.06.2015 година со почеток во 20:00 часот. Влезниците може да се резервираат на телефоните 075/539-957 и 075/230-650 и чинат по 80 денари.

Бертолд Брехт – „На оние кои легнале на брашното“

За да не го изгуби лебот
Во време на засиленото злоставување,
Понекој решил вистината
За злосторствата на режимот кој го организира грабежот
Веќе да не ја каже, но,
Исто така, да не ги шири лагите на режимот, значи,
Вистина, ништо да не разоткрива, но
И ништо да не разубавува. Оној што така постапува,
Само изгледа како уште еднаш да ја потврдува решеноста
Ниту во времињата на се’ поголемото злоставување
Да не го загуби образот, а заправо,
Само е решен
Да не го загуби лебот. Да, таа негова решеност
Да не ја каже невистината му служи за отсега
Да ја премолчува вистината
. Иако тоа е можно
Само некое време. Но и за тоа време,
Додека уште влегуваат во канцелариите и редакциите,
Во лабораториите и во фабричките дворови како луѓе
Од чиишто усти не излегува невистината,
Тие веќе прават зијан. Кој ни со око не трепнува
На глетките на крвави злостори, им дава, имено,
Привид на природност. Тој со тоа
Страшното злодело го прикажува небаре е
Нешто неупадливо како дожд,
А и неизбежно како дожд.
Та така веќе со своето молчење ги поддржува
Злосторниците, а набрзо ќе
Забележи дека, за да не го загуби лебот,
Не само што мора ја премолчува вистината
Туку е приморан да блаботи лаги. Благонаклоно
Злоставувачите го прифаќаат оној што е спремен
Да не го загуби лебот.
Тој се држи како да не е подмитен,
Оти ништо не му е дадено, само што
Ништо не му е ни одземено.

Кога наздравичарот,
Станувајќи од масата на властодржецот,
Ја отвора устата, па меѓу забите
Му се гледаат остатоците од ручекот,
Неговата славопојка се слуша со сомнеж.

А славопојката на оној
Кој до вчера поткарувал
И не бил викан на победничката гозба
Вреди повеќе. Тој
Сепак е пријател на злоставуваните. Тие го знаат.
Што вели тој, така е.
Што не вели, тоа не е.
А тој, еве, вели
Дека нема злоставување.

Најдобро му е на убиецот
Да го прати братот на убиениот,
Кого го поткупил, да потврди
Дека брата му
Го убила цигла од покривот.
Простата лага, вистина,
Му помага на оној што не сака да го загуби лебот,
Но не долго. Ги има и премногу
Од неговиот сој. Набрзо,
Тој упаѓа во неумоливиот натпревар на сите оние
Што не сакаат да го изгубат лебот: веќе не е доволна
Само спремноста да се лаже.
Потребно е умеење, се бара страст.
Желбата да не се изгуби лебот се спојува со
Желбата со посебна вештина и најбудалестото ломотење
Да стекне некаква смисла, неискажливото
Сепак да се искаже.
Покрај тоа, таквиот мора на злоставувачите
Да им чати повеќе од другите, бидејќи е
Под сомнеж дека еднаш порано
Ги оцрнувал злоставувачите. На тој начин
Оние што ја знаат вистината стануваат најлути лажговци.
А сето тоа трае само
Додека некој не дојде и им ги докаже
Некогашната честитост, поранешната чесност;
И тогаш тие го губат лебот.

Превод: Пандалф Вулкански

Колумна: Збор-два за парите, патримонијализмот и даноците

Една често повторувана флоскула е дека парите се угнетувачки и дека доколу би се укинале, светот би бил подобро место за живеење. Ова е тотално аисториска бајка, која губи од предвид дека парите се само инструмент за складирање на вредноста и дека се релативно нов изум, од Аксијалното Доба (средина на првиот милениум п.н.е.).

Конкретно, првите монети се ковани во Лидија во Мала Азија околу 640 п.н.е. од електрум – природна легура од злато и сребро – и претставувале потврда – автентикација – на чистотата и тежината на истата, со што мошне се олеснила трговијата која веќе неколку века се одвивала со помош на скапоцени метали – злато и сребро – кои при секоја трансакција морале да бидат мерени и премерувани.

Но даноците постоеле многу пред тоа, всушност откако постојат државите и тие се всушност угнетувачкиот елемент во приказната. Да се задржиме на оданочувањето во Древниот Египет. Во теорија, сета земја била во сопственост на боговите од египетскиот пантеон, управувана од страна на ‘живиот бог отелотворен на земјата’, т.е. Фараонот. Е , сега, претпоставувам дека читателите не веруваат во древноегипетските божества, уште помалку во божественоста на Фараонот, па можеме да се согласиме дека сета земја била всушност негова сопственост – патримониум. Меѓутоа, дури ни најалчниот и најекстравагантен Фараон со своето семејство не можел да изеде, испие и на друг начин да конзумира сѐ што Египет ќе произведе, нели? Требало да се даде нешто и на номенклатурата – великодостојниците и свештениците, па нешто помалце на бројната бирократија и на крајот тоа ситното што ќе остане да и се дистрибуира на рајата, која сето тоа го произвела. Со други зборови, сопственоста била во рацете на државата.

article-2333517-064A5B5E000005DC-818_634x467
Како одело оданочувањето во Древниот Египет? Рајата кога било сезона ги обработувала државните ниви, го собирала државното жито и го складирала во државните амбари. За тоа време добивале леб, пиво и облека од истите тие амбари колку да се одржат во живот. Сето тоа контролирано под будното око на бирократите, се разбира. Вон сезоната, биле врбувани да работат ангарија на ‘работни акции’ да му градат пирамиди, палати, храмови и останати ‘општествено-полезни’ проекти на ‘Саканиот Водач’.

Истовремено, добивале за себе и своите семејства уште дополнително храна, пиво и облека – повторно од истите гореспоменати амбари. Еве да треснеме паушален износ, можеби 25% од производството се редистрибуирани назад на населението. Со други зборови, 75 % си ги земала државата како данок. Ако се земе предвид и целата тотално непродуктивна работа околу градежните зафати, можеме слободно да кажеме дека процентот бил поблиску до 85%. Останатото производство одело за ранење на владетелот, династијата, номенклатурата, бирократијата и за извоз во регионот заради увезување луксузна роба повторно за потребите на гореспоменатите (иако, во периодите на јакнење на египетската воена моќ, Фараонот инсистирал соседните земји да му праќаат роба, на пр. либански кедрови на име данок).

Еден куриозитет: Самиот Карл Маркс гореопишаниот економски систем го има наречено ‘Азијатски начин на производство’ и го сметал како основа за ‘ориенталниот деспотизам’ како негова политичка надградба . Набргу по укинувањето на НЕП (Новата Економска Политика) и воведувањето на ‘социјализмот во една држава’ во 1928 , Сталин и неговите соработници забележале непријатни сличности помеѓу ‘азијатскиот начин на производство/ ориенталниот деспотизам’ и реалноста на советскиот модел. Се разбира, наместо да се смени моделот, решено е да се смени историографијата. Со таа цел, во 1931 е свикан собир на видни марксистички теоретичари на кој е одлучено ‘азијатскиот начин на производство/ ориенталниот деспотизам’ да се исфрли од делата на Карл Маркс и од марксистичката историографија. Па така, според истата таа историографија, сега човештвото одеднаш од првобитното општество (уште наречено и првобитен комунизам, но ова е веќе тема за друга статија) непосредно преминува во ‘робовладетелскиот начин на производство’, инаку карактеристичен за класичната антика.

levi_Се разбира милениумите поминати во ваква зачмаеност речиси сосема ги дистанцирале Египќаните од реалноста во која живееле. Некои дури тврдат дека селаните со песни оделе на ‘работна акција’. Можно е, сосема е возможно. И веројатно биле изненадени – шокирани – кога некое племе ‘примитивни азијатски номади’ (или ‘злобни семитски капиталисти’, зависи кому која реторика му е поблиска), непросветлени за ‘општествената корисност’ на ваквите ‘работни акции’, одбиле да бидат забрани да му градат палати на ‘Саканиот Водач’ и дури го нарекле барањето да го дадат својот ‘справеден удел’ во ‘градењето подобра иднина’ со името Ропство. Еден од нив, Мојсеј (Моше Леви, Хазрети Муса) дигнал бунт и ги повел своите сонародници вид виделија што подалеку од бирократскиот колективистички ‘Рај на земјата’.

Се разбира, не можеме да знаеме со сигурност дали ова навистина се случило, но да го земеме и ова предвид – никој, дури ни неопаганите не верува во божественоста на Фараонот, но половина од човештвото- Самарјаните, Евреите, Христијаните и Муслиманите- верува во наративот за Егзодусот. На пазарот на идеи и идеологии, слободарството на една збирштина пребези од работна акција далеку ја надживеало идејата дека единката треба да и служи на Државата и нејзиниот Сакан Водач.

2-18-Israel-Treasure
Да се вратиме на парите и нивната појава во Аксијалната Ера. Со тоа било овозможено селаните и занаетчиите да си ги продаваат своите производи на пазарот во замена за пари. Со истите пари сега можел да и се плаќа данок на државата. Ова е веќе еден елемент на привидна одвоеност на формата на данокот од неговата суштина. Исто било и во времето на повторната обнова на паричното стопанство кон крајот на средниот век. Во средновековието, поради пропаста на паричното стопанство, рајата данокот го плаќала најчесто или со ангарија или во натура – слично како во Древниот Египет, иако, за волја на вистината, угнетувањето во феудализмот поради неговата децентрализираност било донекаде ублажено во однос на египетскиот патримонијализам. Но суштината си останува иста.

Подоцна, данокот се плаќал со книжни пари, па вирмански во банка, за денес се почесто електронски од својот дом. Или пак, вработениот и хонорарецот плаќаат персоналец за своите примања тотално in absentia, преку работодавецот-нарачателот. Конзументите плаќаат ДДВ вкалкулирано во цената на производот кој го купуваат. Сево ова се, како што реков, привидни одвојувања на формата од суштината на оданочувањето. Со други зборови, палијативи за да не не боли до толку кога го плаќаме данокот.

А суштината си останала иста сиве овие 5000 години. Ceteris paribus, еве да земеме при даночна стапка од 50%. Дали египетскиот селанец половина од времето ќе ‘рмбал за државата, дали закрепостениот селанец половина од своето производство ќе му го дадел на феудалецот, дали нашите предци во антиката и во ‘пусто турско’ ќе го одврзеле ќесето за половина од заработените пари да им ги дадат на арачлиите, или ние денеска со едно притиснување копче на компјутерот од удобноста на својот дом ќе и префрлиме на УЈП половина од заработката – е во суштина совршено исто.

Во текстов генерално се осврнувам на древните општества, бидејќи оданочувањето е древен изум. Се сменила само формата како истото се врши , не и суштината. Ниту пак начинот на крчмење на собраниот данок – било и останало начин на редистрибуција на средствата од производителите кон политички моќните групи. Дали тие групи ќе бидат бирократијата – како во древниот Египет и кај нас во Македонија, феудалците во средниот век, римската толпа при крајот на републиката, тоа се веќе секундарни финеси.

Плаќањето данок, што би рекле старите мудри Евреи, било, е и ќе си остане Ропство.

Пишува: Дарко Ѓорѓиевски

„Враќањето на зборовите“ – нов роман на реномираниот писател Гоце Смилевски

Гоце Смилевски објави нов роман со наслов „Враќањето на зборовите“. Делото ексклузивно ќе биде изложено на штандот на издавачот „Дијалог“ на претстојниот саем на книгата во Скопје.

Романот „Враќањето на зборовите“ од Гоце Смилевски е посветен на темата за вечната борба помеѓу љубовта и амбицијата, помеѓу етичките вредности и бескрупулозната желба за власт.

Дејството се одвива преку исповедта на Елоиза,  која се споменува  единствено во контекст на приказната на теологот и философ од 12 век, Абелар. Романот „Враќањето на зборовите“ дава поинаква проекција на животот на Елоиза, една од најобразованите личности на своето време, која останала во сенката на Абелар, човекот во чие автобиографско дело „Историја на моите несреќи“ сликата за неа е површна.

Гоце Смилевски е автор на романите „Планета на неискуството“ (2000), „Разговор со Спиноза“ (2002), „Сестрата на Зигмунд Фројд“ (2010) и „Враќањето на зборовите“ (2015).  За „Разговор со Спиноза“ ја доби наградата Роман на годинатана „Утрински весник“. За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ добитник е на меѓународните признанија: Наградата за литература на Европската Унија и Наградата за медитеранска култура.

Колумна: „Да, Премиеру!“ или колку сме ние блиску или далеку од цивилизираниот свет?

Деновиве по сила на околностите имав прилика целосно да уживам во старата британска серија „Да, Министре“ односно нејзиниот продолжеток „Да, Премиеру“ од 80-те години на минатиот век со неповторливите Најџел Хоторн, Пол Едингтон и Дерек Фоулдс.

Веројатно од повозрасните голем дел ја гледале кога се прикажувала на ТВ екраните и кај нас, а за оние што немале можност накратко да појаснам: Во серијата главни ликови се Џим Хакер кој од уредник на опозициски весник станува министер за административни работи, а потоа и премиер, сер Хемфри Аплби кој е постојан секретар во министерството, а потоа и во премиерскиот кабинет и Бернард Вули кој му е приватен секретар на Хакер.

24.04yesmin2Низ серијалот (3 сезони од „Да Министре“ и уште 2 од „Да Премиеру“) на екстра комичен начин е прикажан антагонизмот исполнет со постојани меѓусебни подметнувања, сопки, блокирања на политичарите (Хакер) од една страна и државната професионална администрација (сер Хемфри) од друга, кои инаку (треба да) се најблиски соработници и кои скоро секогаш на крај успеваат да се договорат меѓусебе, се разбира обично на сметка на интересите на граѓаните.

Она што ми остави посебен впечаток е низ колку луциден, а истовремено суптилен начин се прикажани сите лоши страни на политичкиот живот во развиениот свет – од страшната бирократија, корупција, влијание врз медиуми, судство (звучи познато?), до продавање оружје на терористи, злоупотреба на моќта и тн.

Всушност, скоро секоја епизода обработува по една тема од општествено-политичкиот живот во Британија (одбрана, финансии, дипломатија, меѓупартиски поделби, прислушкување, медиуми, судство, субвенции, здравство, образование, транспорт, екологија и тн.) често алудирајќи на проблемите кои ги создава неспособната и трома бирократија.

24.04yesmin3
Сето тоа така прекрасно изведено, со екстра комични забелешки, коментари и дијалози што претставува магнет за британската, а потоа и за светската публика. Имено, во серијата во ниеден момент не се кажува од која партија е Хакер (Ториевци или Лабуристи), што овозможува критиката да биде насочена истовремено кон политичарите и администрацијата воопшто, без да се претвори тоа во обично меѓупартиско препукување.

Гледајќи ја, повеќепати се запрашав колку нашето општество е слично или различно со британското (во 80-те години од минатиот век), односно колку сме ние блиску или далеку од цивилизираниот свет. Иако темите кои го мачат обичниот граѓанин и политичар се слични, сепак лесно може да се дојде до заклучок дека разликите, трагично, се повеќе од евидентни, а како еден од показателите, меѓу другото може да ни служи што таму успеале да создадат таков неверојатно комичен популарен серијал, а кај нас синоним за популарност се сапуници (моментално турски нели). Сепак, ние живееме на Балканот, а нашето општество за жал е страшно партизирано и диференцирано, поделено по секоја можна основа и работите што во развиениот свет се прават на суптилен начин, кај нас се спроведуваат на, ќе го употребам зборот, безмилосно варварски.

Дознав дека една од најголемите обожавателки на оваа серија е и тогашната британска премиерка, „Челичната лејди“ Маргарет Тачер, која дури при доделувањето на една награда за серијата ги замолила главните актери да одиграат краток скеч заедно со неа, кој го напишала лично таа.

Замислете кај нас било кој сегашен или екс премиер кој би напишал скеч и притоа лично би сакал да учествува во него, за серија која на перфиден начин се зафркава со државната администрација и политичарите воопшто и со нивната желба целосно да го контролираат животот на луѓето. Ќе се согласите дека реалноста во која живееме ни оневозможува да имаме толку бујна имагинација.

24.04yesmin4
Серијата чии автори се Ентони Џеј и Џонатан Лин која има добиено три БАФТА награди е прогласена меѓу најдобрите 10 британски ситкоми на сите времиња и според критичарите има толкаво влијание за развојот на свеста кај луѓето околу улогата на државата и нејзината тенденција да го контролира целиот живот на луѓето колку и неверојатното дело на Џорџ Орвел „1984г“. Се претпоставува и дека зборот „спин“ влегол во општа употреба благодарение на оваа серија која моментално се репризира на ХРТ1.

Во 2013 е снимена нова сезона како продолжеток на серијалот, но за жал со нови актери (Најџел Хоторн и Пол Едингтон се починати, а Дерек Фолдс е во неговата длабока старост), но според критиката, е далеку од оригиналната постава.

Пишува: Костадин Стојаноски, главен уредник на Таратур

Почина писателот нобеловец Гинтер Грас

Во својата 87 година од животот, во Германија, почина најдобриот германски писател по втората светска војна Гинтер Грас, пренесува МИА.
Добитникот на нобеловата награда за литература кој се прослави со своите драми, новели и драмски текстови често пати беше нарекуван „совест на својата генерација“ поради неговата осуда на нацизмот. Неговото признание дека во втората светска војна бил дел од „Вафен СС“ силите односно на военото крило на Национал Социјалистичката партија на Хитлер предизивка сензација во јавноста пред сè поради неговите предходни критики на нацизмот.
Во објаснувањето зошто во 1999 година ја доби Нобеловата награда за литература шведската академија ги цитираше неговите зборови „за жртвите, за губитницте и лагите кои што луѓето сакаат да ги заборават затоа што негогаш верувале во нив“.
Признанието дека бил од хитлеровите одреди на смрта дадено по 6 децении ја разниша неговата репутација како морална икона, а неговиот биограф Михаел Јургс напиша дека тој ја предал целата своја генерација.
На 15 години доброволно се пријавил за служба во германската морнарица каде што бил одбиен а во 1944 година на 17 годишна возраст бил мобилизиран во СС силите.
Тврдеше дека никогаш не испукал ниту еден куршум за време на втората светска војна. Негово најпознато дело е романот „Лимениот барабан“ издаден во 1959 година. Гинтер Грас е роден во Данциг, денешна Полска.

Велигденска велосипедска пелагониска тура – прекрасни глетки кои го полнат духот

Продолжениот велигденски викенд воедно донесе и комплет „викендашко“ убаво време кое како порачано ни дојде за едно привлечно велосипедско развозување низ нашата омилена Пелагонија која нуди импресивни рамничарски дразби, проследени со воодушевувачки панорамски погледи на околните планински масиви кои од сите страни стражарат околу неа.

Екипата, како и секогаш, непретенциозно голема, овој пат не повеќе од тројца луѓе, за опуштено, релаксирано и лезет пролетно возење по асфалтот низ пелагониските села (не дека преку зимата велосипедите ни беа хибернирани, далеку од тоа, ама сепак, пролетта ги нуди најубавите и најидеални временски услови за ваква рекреација). И без да ви должиме многу со детални и во случајов непотребно опширни описи на турата, ќе ви наведеме само основни параметри на рутата и топонимите, а останатото ќе им препуштиме да го раскажат фотографиите.

13.04.velosipedska1Првата дразба на патот – селската чешма во Мало Коњари

За секој кој е обожавател за рамничарско возење велосипед, далеку полесно и поедноставно од планинарскиот велосипедизам (многу моќна дразба и предизвик кој нуди убавини и силен адреналински набој, но за кој треба добра физичка подготвеност и добар, скап велосипед, заради ваша безбедност, што не е предуслов за ваков тип на рекреативно возење велосипед, каде можете да возите и со просечен точак), ова е една од оние идеално трасирани тури – немате потреба од носење на посебен багаж (освен можеби една резервна преслека на алишта, ништо повеќе), бидејќи на секои неколку километри поминувате низ живо и релативно развиено пелагониско село, каде можете тековно да си правите набавки за поткрепа со храна и освежување со некој пијалок, од локалните продавници. Значи, со многу љубов и волја во вас за возење велосипед, и со малку пари в џеб, можете да си овозможите интересно и привлечно велосипедско уживање кое би траело не повеќе од 5 часа, нормално, ако возите со опуштено средно темпо (истата тура, извозена со динамично темпо, би траела не повеќе од 3,5 часа, но тоа не е поентата, поентата е да се ужива).

13.04.velosipedska2Кон Кадино Село – со прекрасни пелагониски пејзажи околу нас (за жал Пелагонија во голема мера е под вода поради неколкуте изливања на Црна Река предизвикани од сезонските дождови, па полјоделската пролетна сеидба е генерално загорзена во добар дел од рамницата)

Почетокот на турата е од Прилеп, за потоа да поминете низ уште две општини, Кривогаштани и Могила, и во серија да ги поминете селата Мало Коњари, Кадино Село, Боротино, Обршани, Бела Црква, Воѓани, Бучин, Трновци, Ивањевци, Ново Лагово, а попатно, на непосредна близина од половина километар поминувате и до села како Свето Тодори, Подино, Вашарејца и Тополчани. Должина на турата – околу 65 километри. Теренот главно и најмногу рамничарски, со мали угорни делници кои најчесто се некој вид на мини превојчиња меѓу две села – ништо претенциозно, ништо посебно напорно и ништо опасно, секако. Ете, толку во дескрипцијата. Останатото на фотографиите, со некој пригоден текст под нив.

13.04.velosipedska3Молчалив дијалог на Месечината и осаменото дрво

13.04.velosipedska4Штрковите се веќе задомаќинети во Кадино Село

13.04.velosipedska5Преминуваме во нова регион – општина Кривогаштани ни посакува добредојде

13.04.velosipedska6Пасторална идила пред влезот во село Боротино

13.04.velosipedska7Боротино на повидок

13.04.velosipedska8Боротински зумбулчиња

13.04.velosipedska9Продолжуваме понатаму, преку Обршани, Бела Црква, Воѓани, кон Бучин – прекрасна глетка кон Солунска Глава

13.04.velosipedska10

13.04.velosipedska11Римскиот Стар Мост на Црна Река во селото Бучин

13.04.velosipedska12

13.04.velosipedska13Легендарниот бучински рид на кој се наоѓаат остатоците од античкиот град Алкомена

13.04.velosipedska16

Низа прекрасни панорами на околните планински масиви – уште еднаш Даутица и Јакупица со Бел Камен и Солунска глава, па (подолу) следни се Златоврв и прилепскиот Козјак, па уште една панорамска глетка на прилепските планини и врвови која ја вклучува и Селечка Планина

13.04.velosipedska18

13.04.velosipedska14

13.04.velosipedska17Мала пауза со поглед на дел од преостанатиот пат кон село Вашарејца кој се простира пред нас

13.04.velosipedska19Уживавме во крајпатните цветни убавини

13.04.velosipedska22Фантастичен панорамски поглед на Баба Планина со нејзините вгордеани врвови

13.04.velosipedska20Сцена како од разгледница пред влезот од селото Вашарејца – во позадина се наѕира Ниџе со Кајмакчалан

13.04.velosipedska21Продолжуваме кон Прилеп, со импресивни глетки на Солунска Глава кои ни ги полнат зениците и ни го возвишуваат духот

За овој пат толку, се надеваме дека сцените кои ви ги пренесовме тука, а кои прикажуваат еден многу мал дел од дразбите кои се редат и доживуваат во оваа велосипедска уживанција ќе ве привлечат и намамат и вие да ги искусите на непосреден начин.

Фотографии и текст: Александар Војнески