Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Претстава „Делириум Тременс“ работена во копродукција помеѓу „Театарска Работилница“ и театарот „Војдан Чернодрински“ ќе биде изведена на престојниот фестивал за монодрама „Алба Моно“ во Корча, Албанија на 30 Мај. Текстот, напишан од Благоја Ристески – Платнар или македонскиот Шекспир како што неретко го нарекуваат, својата премиера, воедно и праизведба ја доживеа на фестивалот за монодрама во Битола пред еден месец.
Носител на главната улога во претставата е Игор Трпчески, кој е потпомогнат од музичарите Димитар Ѓорѓиевски, Методија Костоски, Борче Миленкоски и Бојан Андревски кои во живо изведуваат свои композиции како и познати музички теми преаранжирани за потребите на претставата. Костимите и сценографијата се дело на Бојана Артиновска – Трпческа, видео поекциите се на Емил Петров, тонското и светлосно обликување на Томе Темелкоски, а преводот на текстот на англиски јазик кој исто така е издаден и во печатен формат е дело на Лидија Митоска – Ѓорѓиевска.
Веднаш после премиерите во Битола и Прилеп следуваа покани за фестивалот „Алба Моно“ во Албанија и „Охридско Лето“ во Охрид што кажува дека задоволството на премиерската публика го споделија и селекторите за соодветните фестивали.
Претставата ќе се одигра како дел од редовниот репертоар на прилепскиот театар во Сабота на 23.06.2015 година со почеток во 20:00 часот. Влезниците може да се резервираат на телефоните 075/539-957 и 075/230-650 и чинат по 80 денари.