
Кара Делевињ и Џордан Фирстман разменија бакнеж на црвениот тепих на њујоршката премиера на нивниот филм „Клуб кид“.
Колегите и пријатели се бакнаа додека позираа пред фотографите во четвртокот вечерта, на 29 октомври, во киното „Регал Јунион сквер“ во Њујорк.
На премиерата им се придружија и колегите од актерската екипа: Реџи Абсолом, Колин Кемп, Сатурн Рајзинг, Мис Бени, Аљаска Рајли и Џек Камерон Кеј.


За што станува збор во „Клуб кид“?
Приказната следи њујоршки клупски промотор кој живее за забавите, сè додека неговото бурно секојдневие не се преврти наопаку со доаѓањето на десетгодишниот син за кого не ни знаел дека постои.
Фирстман не само што ја толкува главната улога, туку го напиша и сценариото. Со овој филм на А24 тој дебитира и како режисер.
Какви се реакциите на критичарите?
„Ова е искрен, трогателен и живописен поглед кон реалноста на родителството, кој ги слави топлината и љубовта во неконвенционалните начини на живот“, оценува TheWrap.
„Станува збор за самоуверено и возбудливо режисерско деби, со ненаметлив стил и пријатен ритам“, пишува THR.
IndieWire му додели оценка А−, со образложение: „‚Клуб кид‘ има вистински потенцијал да допре до многу поширока публика отколку што навестува неговата навидум тесно насочена тематика. Фирстман конечно го остава зад себе ироничниот настап што со години го негуваше на интернет и се покажува како искрен раскажувач со еднакво многу душа и хумор“.

Филмот во моментов има 100 отсто позитивни критики на Rotten Tomatoes, врз основа на 65 рецензии, а сè почесто се споменува и во разговорите за Оскарите.
Според актуелните прогнози, Фирстман би можел да добие номинација за најдобро оригинално сценарио. Тој се наоѓа и на листите со потенцијални кандидати за најдобар актер и најдобар режисер, додека „Клуб кид“ се споменува и како можен кандидат за најдобар филм.
Киноприкажувањето на „Клуб кид“ почнува на 6 ноември.
Извор: Just Jared