Home Blog Page 4337

Поезија за душа: Артур Рембо -„Мајски знамиња“

Во светлите гранки на липите
болникавиот повик на рогот умира.
Но гласот на духовните песни
летка меѓу рибизлите.
Нека крвта ни се смее во вените,
се заплеткуваат еве лозјата.
Небото е убаво како ангел.
Синилото и бранот се во врска.
Излегувам. Ако зракот ме рани
врз мовта јас ќе умрам.

Да бидеш стрплив, да се досадуваш
е премногу просто. Моите маки се глупи.
Нека драматичното лето ме врзе
за својата кола на изобилство.
Нека умирам долго покрај тебе
– помалку сам и ништожен – Природо.
Место што Пастирите, што е смешно,
умираат речиси поради светот.

Да ме истрошат годишните времиња сакам.
Кон тебе, Природо, јас се вреќам;
сета глад и сета жед ти ги давам.
Напој ме и нахрани ме ако сакаш.
Измамен не сум; исто како и кон сонцето
е и подбивот кон родителите.
Но јас на ништо не се смеам;
и нека владее таа несреќа.

Еверест му ја украде славата: Овој врв е вистински највисок на светот

Највисока планина на планетата Земја е Монт Еверест, нели? Е па, во голема мера и не е баш така – тврдат научниците. Според мерењата кои ги имаат направено научните тимови, вистински највисок врв на светот всушност е Монт Чимборазо во Еквадор, пренесува New York Times.

Неактивниот вулкан во Андите, врвот Чимборазо, се извишува околу 6.248 метри над морското ниво, што е значително пониско од висината на бескомпромисниот гигант Еверест со своите 8.848 метри. Но, нештата стојат малку поинаку кога нивната висина ја мерите од центарот на Земјата.

19.5.Mont-Cimborazo1

Тоа е така затоа што Земјата не е рамна, но не е ни совршена топка (добро, со ова веројатно нема да се согласи Миленко, ама што да му правиме 😀 ). Планетата е малку сплосната на половите и благо подиспакната кај екваторот, поради што обемот е за околу 21 километар поширок баш кај таа хоризонтала. А Чимборазо е блиску до екваторот, додека Еверест се наоѓа на 28-от степен северна географска ширина, на речиси една третина оддалеченост кон едниот пол на планетата.

19.5.Mont-Cimborazo3

Монт Чимборазо кај индијанскиот народ во преданијата е прикажан како маж кој е во олујна врска со пониската и активна женска придружничка, вулканот Тунгураху, кој исфрла пепел кој паѓа под ледените падини на Чимборазо.

Жозефина Васкез, археолог на Универзитетот Сан Франциско во Кит, вели дека Чимборазо е обожуван уште од предколумовското време, како и дека уште претставува света планина каде се смета дека сте поблиску до Бога.

19.5.Mont-Cimborazo2

За време на неодамнешното искачување со кое се прослави 280-годишнината од мисијата од 1736 година, под водство на Чарлс Мари Де Ла Кондамине, француски научник и истражувач, при што денешните научници открија дека Чимборазо е за околу 5 метри понизок отколку што претходно се мислеше дека е висок. Но, едногласно потврдија дека истиот претставува највисокиот врв на планетата мерен од самиот центар на Земјината топка.

19.5.Mont-Cimborazo4

Зошто тогаш Еверест ја собра сета слава? Поради искачувањето!

Искачувањето на Монт Еверест вообичаено, во идеални временски услови, бара десетдневно патување до базниот камп, шест недели аклиматизација и седум до девет дена искачување до самиот врв. Искачувањето, пак, на Чимборазо можем да се изведе за две недели, со еден до два дена посветени на искачувањето на самиот врв, откако претходно ќе се аклиматизирате, тврди Тод Барлесон, претседател на планинарската компанија Alpine Ascents International.

19.5.Mont-Cimborazo5

„Немојте погрешно да ме сфатите, јас воопшто не ја потценувам таа планина“, вели тој. „Чимборазо е фантастичен тренинг за подготовка за искачување на поголемите планини“.

Каква врска имаат Фанта, Сименс, Хуго Бос и Буба со нацистите?

Што им е заедничко на Кока-Кола, IBM и Фолксваген? Сите три компании за време на Втората светска војна соработувале со германските нацисти.

Низ историјата во многу од овие компании се провлекуваат случаи на мачење, ропство и давање поддршка на нацистичкиот режим. Иако на ваквата листа се наоѓаат компании чие воено профитерство можеби и нема многу да ве интересира, постојат и такви зад чии весели реклами се крие мрачно минато.

Кока-Кола (посебно Фанта)

Компанијата за време на Втората светска војна беше „играч од двете страни“. Ги поддржуваа американските трупи, но продолжуваа да прават сокови и за нацистите. Во текот на 1941 година огранок од компанијата остана без сируп, а не можеа да ги обноват залихите поради американските воени рестрикции. Така, во таква нужда, тие иновираа нов пијалок, посебно создаден само за нацистите.

Станува збор за сок со овошен вкус кој беше наречен Фанта. Оттука, пред да стане портокаловата сестра на Кола, Фантата беше неофицијален пијалок на нацистичка Германија.

Форд

Хенри Форд беше на глас како познат антисемит, па неговата поддршка на нацистичкиот режим и не е некое големи изненадување. На својот 75 роденден (1938 година) Форд прими нацистички орден наменет за „важни странски личности“.

За време на војната, како секој класичен воен профитер, заработуваше од двете страни. Произведуваше возила и за нацистите и за сојузните сили, а познато е дека Адолф Хитлер често го истакнувал Хенри Форд како голема „инспирација“ и во личната канцеларија чувал негов голем портрет.

Стандард Оил

За своето воздухопловство да го подигне од површина, на Луфтвафе му беше потребно гориво со додаток од тетраетил олово, а Стандард Оил беше една од трите компании кои во тоа време можеа да произведат такво гориво.

Поради тоа, во компанијата одлучија дека заработката е побитна од идеалот, па на нацистите им продаваа гориво без кое тие ќе имаа голем проблем во воздухопловните сили. Компанијата подоцна се реформираше во Ексон Мобил, Шеврон и БП.

Чејс

Многу банки за време на Втората светска војна биле на страната на нацистите, а Чејс е една од најистакнатите (читај најлошите). Парискиот огранок на банката тргувал со нацистите, со амин од американската централа, и пред и после Перл Харбор.

Но, тоа е само врвот од сантата мраз, бидејќи со текот на годините, Чејс беше на удар од критиките поради замрзнување на сметките на европските Евреи, на кои со тоа им беа поткопувани шансите да преживеат и да стигнат до побезбедни краишта и земји. Истрагата која ја направи ВВС разоткри дека банката замрзнала повеќе од 100 сметки за време на војната.

Ај Би Ем (IBM)

Компанијата за време на војната произведувала уреди кои следеле сè, од залихи на нафта, преку возни редови на возовите кои сообраќале кон логорите на смртта, па сè до банкарските сметки на жртвите од холокаустот.

Во септември, 1939 година, кога Германија ја нападна Полска, Њујорк Тајмс пишуваше дека три милиони Евреи истиот миг ќе бидат одведени од Полска и голема е веројатноста дека ќе бидат истребени. Реакцијата на IBM на тоа? Допис во кој стои дека, поради новонастанатите „ситуации“, треба да се забрза производството на опрема за брзо распределување по азбучен ред.

Издавачка куќа „Рандом Хаус“ (Random House Publishing)

И додека денес во нивната издавачка понуда можете да најдете сè, од „Марсовци“ до Даниела Стил, компанијата Бертелсман А.Г., во чија сопственост била и RHP, за време на Втората светска војна објавувала пропаганден материјал за Хитлер или книги од типот на „Стерилизација и евтаназија: Придонес кон христијанската етика“.

Иако во сопственост на Бертелсмен биле и други компании, Рандом Хаус е интересна поради контроверзиите со кои беше поврзана во 1997 година, кога во речникот на Вебстер одлучија да ја прошират дефиницијата за зборот „нацист“ врз основи кои се „фанатично посветени на контролирање на одредени активности, пракси и слично“.

Многумина овој потег го осудија како тривијализација на погубните намери и потези на нацистите.

Кодак

Германскиот огранок на Кодак, за време на Втората светска војна, ги користел логорашите од концентрационите логори, а и многу други европски ограноци соработувале со нацистичката влада. Вилхелм Кеплер, еден од водечките економски советници на Хитлер, бил поврзан со Кодак, а и пред почетокот на војната ги соведувал Кодак и многу други американски компании дека е паметно да ги отпуштат своите вработени со еврејско потекло.

Хуго Бос

Уште во периодот од триесеттите години на минатиот век компанијата почнала со производство на униформи за нацистите, а причината за тој потег е едноставна – самиот Хуго Бос се придружил на Национал-социјалистичката партија и склопил доходовен бизнис за изработка на униформи за младината на Хитлер, пешадијата и СС силите. Сето тоа ја подигнало компанијата на повисоко ниво и тоа само осум години откако била основана.

Работата им одела толку добро што морале да увезат робовска работна сила од Полска и Франција. Во 1997 година, синот на Хуго, Зигфрид Бос, за едно австриско списание, изјави: „Секако дека татко ми бил со нацистите. Но, кој во тоа време не бил со нив?“

Фолксваген

Фердинанд Порше, човекот кој стои зад Фолксваген и Порше, со Хитлер се запознал во 1934 година и со него разговарале за идејата да се создаде „автомобил за народот“. Фирерот му сугерирал да создаде возило во форма на бубачка. На тој начин настанала легендарната Буба, иако многумина тврдат дека Хитлер идејата за истата ја украл од еврејскиот дизајнер Јозеф Ганц, кој слично возило претставил една година порано.

Се верува дека за време на Втората светска војна, четири од пет вработени во фабриката од Фолксваген биле таму принудно, а Порше, кој лично се познавал со Хајнрих Химлер, робовите директно ги доведувал од Аушвиц.

Бајер

За време на војната, компанијата IG Farben го произведувала озлогласениот “zyklon B” кој нацистите го користеле во гасните комори. Финансиски ги помагале и „експериментите“ на Јозеф Менгеле, а откако завршила војната, иако далеку побогата отколку на почетокот, компанијата се распаѓа. Бајер, како еден од нејзините делови, станува самостојна компанија.

Инаку, познатиот аспирин го создал вработен во Бајер, Артур Ајхенгрун, но имајќи во предвид дека бил евреин, компанијата не сакала да признае дека лекот го иновирал евреин, па заслугите му ги припишале на Феликс Хофман.

Хелга Вехмајер, прв човек на компанијата во 1995 година јавно се извини на Ели Вајсел за соучество на компанијата во холокаустот.

Сименс

Како и многу други компании, така и Сименс, за време на војната, ја искористил робовската работна сила, но оваа компанија нив ги ангажирала за време на изработката на гасните комори во кои нацистите подоцна ќе ги убиваат.

После завршувањето на војната, компанијата го имаше еден од најлошите моменти во историјата на било која компанија. Имено, во 2001 година тие се обидоа да го заштитат зборот zyklon, бидејќи планираа со тоа име да ја наречат новата линија производи, меѓу кои е линијата плински печки.

Неколку здруженија реагираа поради очигледната поврзаност со zyklon B, кој се користел во гасните комори од страна на нацистите.

Ѕирнете во „Мериот“ – луксузниот хотел на скопскиот плоштад (галерија)

Мериот Хотели, брендот со потпис на MarriottInternational, го отвори својот прв хотел во Македонија, SkopjeMarriottHotel.

11.5.meriot1

Еве што се нуди од страна на услуги во луксузниот хотел:

СМЕСТУВАЊЕ
164 убаво опремени гостински соби, кои вклучуваат 108 Deluxe соби, 35 Executive соби, 6 Junior апартмани, 5 Executive апартмани, 8 Premier апартмани, 1 апартман за заменик-претседател и 1 претседателски апартман.

????????????????????????????????????

11.5.meriot8

Сите соби се опремени со пристап до брз интернет, луксузна постелнина со јоргани и памучни чаршави и перници, индивидуална контрола на системот за климатизација, ТВ со рамен екран 48”, канали со филмови со доплата, просторна работна маса и удобна бања. Политика на хотелот е дека пушењето е забрането.

РЕСТОРАНИ & ЛАУНЏ БАР

Нашиот главен ресторан „DistriktBar&Kitchen“, со дизајн на отворена кујна, ќе ви понуди невообичаено искуство со вкусно мени и пријателска услуга. Ресторанот е со пристап од улица • „DistriktBar“ е местото каде се спојуваат работата и задоволството, во кој се нуди прекрасен избор на локални вина и премиум коктели. • Лаунџ бар – поинтимно место, во кое се нуди избор од премиум алкохолни пијалаци.

11.5.meriot4

11.5.meriot3

ПРОСТОРИИ ЗА РЕКРЕАЦИЈА

Покриен базен со машина за пливање во место • Џакузи • Голем број простории за релаксација • Теретана& Фитнес центар • Спа центар со голем избор на професионални третмани • 4 типа на сауна • Третмани за убавина и третмани за коса.

11.5.meriot2

11.5.meriot5

УСЛУГИ ЗА ГОСТИТЕ

Брз безжичен интернет во јавните простории • Бизнис центар отворен 24 часа • Ексклузивен лаунџ бар • Услуги за перење и хемиско чистење во истиот ден • Сефови • Опрема за пеглање • Уреди за бесплатен чај и кафе.

СОСТАНОЦИ И КОНФЕРЕНЦИИ

8 места за одржување настани со вкупна површина од 800 m2 флексибилен простор за состаноци и конференции • Голема сала со простор за одржување состаноци со површина од 565 m2 (6000 ft2) со капацитет до 600 лица.

(Извор: еМагазин)

Како дошло на 9 мај да се слави победата над фашизмот?

На 7 мај германските трупи се веќе распаднати и генералот Алфред Јодл, овластен од в.д претседателот на рајхот, Карл Дениц, ноќта спроти 8 мај потпиша капитулација во Реимс, Франција и тоа утредента осамна по сите медиуми во западна Европа и САД.

Меѓутоа на Сталин тоа не му се допаднало, па потпишувањето на капитулација морало да оди на поправен испит. На 8 мај се чекала делегацијата на сојузниците да стигнат до Берлин до 22ч. Капитулацијата овој пат ја потпишал генералот Кајтел, пред делегации од сите сојузници во 23ч по средноевропско време, но бидејќи било 1ч по полноќ во Москва, советската власт почна да си го слави овој ден како ден на победата над фашизмот, додека Западна Европа продолжи да го одбележува 8 мај. Сепак по Шумановата декларација дадена на 9 мај 1950, некако компромисно датумот 9 мај почна да се одбележува секаде во Европа, дали како Ден на Европа или како Ден на победата над фашизмот.

Советскиот сојуз дефинитивно даде најмногу жртви во 2 светска војна и е една од најзаслужните држави за победата над фашизмот. Сепак, остануваат два белези кои во источноевропската историографија (а и кај нас) се занемаруваа до падот на Берлинскиот ѕид. Првиот дека во периодот од потпишувањето на договорот Рибентроп-Молотов па се до 22.06.1941, Хитлер и Сталин практично беa сојузници во поделбата на Европа. Додека едниот ја освојуваше западна, другиот хараше во источна Европа, а Полска практично си ја поделија како торта. Вториот белег е железната завеса и огромните злосторства кои ги нанесоа комунистите врз жителите на источноевропските држави, вклучително и на граѓаните од поранешниот СССР.

Пишува: Костадин Стојаноски

Зошто ја сакаме Швајцарија, а се однесуваме како Венецуела?

Не можеме да станеме Швајцарија ако се однесуваме како Венецуела!

Секој си има свои причини зошто ја сака или не ја сака Швајцарија, но еве некои поради оваа централноевропска земја треба да им биде помеѓу омилените на љубителите на слободата.

Швајцарија е економски убедливо најслободна земја во Европа, па поради тоа е и горе-долу најбогата. Доколку се гледа БДП по жител, пред Швајцарија од европските земји се само Луксембург, Лихтенштајн и богатата со нафта Норвешка.

18.2.switzerland-pictures1
Иако законите за работа во Швајцарија се прилично флексибилни, не постои законски пропишана минимална плата, а политичката моќ на синдикатите е минимална. Стапката на невработеност е најниска во Европа (во моментов околу 3.5%, просекот на ЕУ е 9%), а просечните плати се речиси највисоки (повисоки се само во Лихтенштајн) и изнесуваат преку 4 илјади евра месечно, додека скоро никаде во ЕУ не поминуваат 3 илјади.

Државната потрошувачка се движи околу 33% од вкупниот БДП, што од либертаријанска перспектива е многу, но е значително пониско во однос на останатите развиени земји, особено доколку се земе во предвид висината на вкупниот национален доход и фактот дека богатите земји можат лесно да си дозволат висока јавна потрошувачка.

И покрај тоа што државната потрошувачка е ниска, а во последните 10 години, државниот буџет само два пати завршил во дефицит (и тоа 0.1% и 0.2% од БДП), Швајцарците не се соочиле со „катастрофалниот пад на агрегатната побарувачка“, туку гледаме дека константно имаат најниска невработеност на контитентот, а од рецесијата се извлекоа побрзо и посилно од повеќето европски земји.

Стандардната стапка на ДДВ во Швајцарија изнесува 8%, додека за некои производи се користи стапката од 2.5%, што е повторно забележително ниско во споредба со останатите развиени земји (од земјите членки на ЕУ, најниската основна стапка на ДДВ има Луксембург – 17%). Швајцарија, исто така, за денешни стандарди има и ниски стапки на данок на доход (иако имаат прогресивен данок, највисоката стапка на федерално ниво е 11.5%), додека не постои данок за капитална добивка и наследство.

5.1.svajcarija
Ниските даноци, односно релативно малиот рекет кон граѓаните, не ја доведоа Швајцарија до голем јавен долг. Напротив, јавниот долг на Швајцарија изнесува 34% од БДП, што е пониско од повеќето членки на ЕУ (во ЕУ помал јавен долг имаат само Естонија, Луксембург и Бугарија), а приносите на десетгодишните државни обврзници е дури негативни.

Швајцарската економија веќе неколку години поминува низ период на опаѓачки потрошувачки цени, односно дефлација. И покрај предвидувањата на кејнзијанските теоретичари, ова не доведе до ужаси и Швајцарија и понатаму остварува економски раст, а невработеноста се движи околу т.н. природна стапка.

18.2.switzerland-pictures2
За крај, швајцарските закони за поседување оружје на цивили се меѓу најлибералните, а швајцарското општество е највооружено во светот, гледајќи ја количината на оружје по глава на жител. Но и покрај ова Швајцарија редовно има една од најниските стапки на убиства во светот и е една од најсигурните земји во светот.

Швајцарија е и една од ретките земји чиј здравствен систем е целосно приватизиран и за чудо, сиромашните не умираат по улиците, туку швајцарските граѓани имаат највисок очекуван животен век (83 години), а нивните приватни болници и специјалистички клиники се меѓу најдобрите.

Швајцарија претставува трн во око на сите ортодоксни левичари, резиме на сето тоа што го презираат и против кое грчевито се борат, бидејќи претставува доказ што ги руши нивните убедувања.

Повеќто граѓани од Македонија, па дури и најтврдокорните левичари, би сакале во Македонија да имаме животен стандард сличен на швајцарскиот и услови за живот како во Швајцарија. Но доколку сакаме да станаме како Швајцарија, треба да го избереме и да тргнеме по тој пат и да почнеме да се однесуваме повеќе како Швајцарија, а помалку како Венецуела. Бидејќи со однесување како Венецуела може да станеме слични само на Венецуела, а не на Швајцарија.

Подготви: Наум Локоски
Извор: https://tkojejohngalt.wordpress.com/

Филмософско дружење со „Акиндин“ и ФФФ – проекција на филм и предавање

После минатогодишната одлична соработка и уште поубаво дружење помеѓу Филозофскиот филмски фестивал, Филозофското друштво на Македонија и првиот македонски филозофски портал „Акиндин“(akindin.com), логистички поддржани од Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, со големо задоволство и нескриена радост ви ја најавуваме и втората наша заедничка дружба – „Филмософско дружење во Прилеп“.

Poster2-1

Филмософкото дружење е договорено за 6 мај, 2016 година, со почеток во 19 часот, во библиотеката „Борка Талески“ – Прилеп. Концептот едноставен: првин следиме проекција на филмот “12 Angry Men” („12 гневни луѓе“) од Сидни Ламет, а потоа предавање на тема „Правдата, казната и гневот: Како се одлучува за животот и смртта?“ ќе одржи професорката од Филозофски факултет Ана Димишковска. После предавањето сите присутни ќе можат да се вклучат во општата дискусија инспирирана и иницирана од филмот и предавањето.

Проверена и добитна комбинација за прогресивна дружба. Повелете, нема да зажалите.

Од организаторите

Портите на земскиот рај се наоѓаат во Португалија

Местото се наоѓа во близина на градот Лагоа, „пештерата со отворен покрив“ се вика Алгар де Бенагил и е популарна туристичка дестинација затоа што личи како парче од рајот донесено на Земјата.

2.5.benagil

2.5.benagil1

2.5.benagil2

2.5.benagil3

2.5.benagil4

Бардсеј – остров со четворица жители и 20.000 светци

Бардсеј порано бил центар на моќ и едно од најсветите места во Велика Британија, а денес е дом на само четворица жители кои на островот живеат без електрична енергија, автомобили и тоалети.

Популацијата на островот ја сочинуваат 200 сиви фоки, 300 овци и само четворица луѓе кои го посетуваат овој остров во текот на годината. На островот Бардсеј односот на луѓето и овците е поголем дури и од Нов Зеланд.

29.4.bardsey1

Телефонскиот сигнал, ако можете да го фатите, доаѓа од Ирска, која се наоѓа на 88 километри западно преку Ирското Море.

Меѓутоа, со години на назад овој мал остров не бил зафрлено и заборавено место, туку бил супериорен во однос на копното. Овој мал остров, со површина нешто помала од 2 квадратни километри, во текот на историјата било фасцинантно место, пишува Би-Би-Си.

29.4.bardsey2

Сместен на 3,1 километар од источниот брег на Велс, во округот Лин Пенинсула, Бардсеј денес е познат како остров со 20.000 светци, кои ја претставуваат најголемата популација на островот која почива на него.

Многу легенди велат дека Бардсеј било свето место на келтските друиди, како и дека кралот Артур бил погребан токму на овој остров. Во шестиот век, кралевите на велшкиот округ Лун и Сент Кадфан почнале да градат манастир на ова место. Потоа дошле до одлична идеја, секој кој ќе умре на овој остров, нема да оди во пеколот.

29.4.bardsey3

Веќе до средниот век, Бардсеј станал едно од најсветите места во Британија, а многумина кога станувале свесни дека им се ближи крајот, на сите начини се обидувале да дојдат до овој остров.

Заедно со верската дошла и политичката важност, бидејќи моќниците на островот сфатиле колку Бардсеј е важен за верниците. Набрзо биле изградени и првите значајни институции, а како што поминувало времето, почнале да се градат и образовни институции.

29.4.bardsey4

Доказите за населеноста на островот се од 7.500 година пред Новата ера. Археолозите нашле траги од 45 праисториски населби на островот, вклучувајќи и примитивни оружја, погреби и земјени работи, кои можеби ги опкружувале куќите.

Потоа дошле свештениците. Островот наскоро станал познат и како британски Рим, а три п осети на Бардсеј вределе како една посета на Рим.

Откако островот практично бил прогласен за свет, со години телата на умрените се закопувале на островот. Се претпоставува дека на островот со површина од само 1,79 квадратни километри има над 20.000 закопани луѓе.

29.4.bardsey5

Четворицата преостанати жители на островот често се шегуваат дека не смеат да копаат никаде на островот од страв дека би можеле да ископаат некој костур. Се случува поради лошите временски прилики, дождови и силни ветрови, жителите да мора да поминат на островот и по неколку недели, но признаваат дека мирот, тишината и прекинот на комуникациите со светот, од време на време им годи и дека својот живот на островот не би го менувале.

„Бардсеј е место на едноставност и далеку е од 21 век‟ – вели Ричард Фармер, претседател на Bardsey Island Trust, кој го купил островот во 1979 година.

29.4.bardsey6

Ова веројатно претставува предизвик за сите кои живеат тука, на оттуѓениот остров. Но тоа исто така го прави и спектакуларно место, кое мора да го посетите, бидејќи Бардсеј е свето место каде се сретнуваат мирот, тишината и природната убавина.

Шекспир живее!

Еве што имаат да кажат македонските уметници, професори по книжевност и други интелектуалци за Шекспир, во рамки на кампањата од British Councile – “Shakespeare lives in 2016”. Почнуваме со Владимир Мартиновски, а вие само стиснете на autoplay и изгледајте ги и чујте ги сите ликови досега вклучени во оваа креативна кампања.