Вебкафе

Оглас за чувар на мачки на рајскиор Сирос стана вирален хит – над 35.000 пријавени кандидати

Парот кој ја води организацијата за спасување и грижа за мачки, „God’s Little People Cat Rescue“, објави оглас за „шептач“ на мачки кој на грчкиот остров Сирос би се грижел за 55 мачки по четири часа дневно.

Идеалниот кандидат е опишан како вистински и страстен љубител на мачки кој ужива во мир и природа. Посакувани вештини се „шепотење“ на мачките, познавање на мачешката психологија и основи на ветеринарството. Платата е скромна, 360 евра за половично работно време, но ако ја добиете работата добивате целосно покриен престој на Сирос.

Џоан Бауел, основачка на организацијата, огласот го објавила на Фејсбук минатиот месец, не насетувајќи дека ќе стане вирален хит. Месец дена после објавата на огласот, Џоан и нејзиниот сопруг Ричард мораа да ангажираат пет волонтери кои ќе им помогнат во над 35.000 пријави за работното место.

На Сирос денес живеат околу 25.000 луѓе, а на неговите улици се наоѓаат над 13.000 мачки.

„Лошо изгледаа и живееја во ужасни услови. Во Грција мачките се сметаат за штетници, исто како глодачите. Таму ги минавме празниците пред 20 години и ги храневме мачките, ги носевме на ветеринар и им дававме лекови. Беше страшно да ги оставиме. Не можев да го поднесам тоа, па со Ричард разговаравме за тоа колку би било прекрасно да изградиме наша куќа таму и да им помагаме на сите тие мачки“, раскажува Џоан.

Тие ја продале својата куќа во Данска во 2011 година и се преселиле на Сирос, каде направија засолниште за мачките. „Ситуацијата беше страшна. Мачките живееја околу контејнерите и се бореа за парче храна“, се потсетува Џоан.

Засолништето за мачки го изградиле со финансии од продажбата на илустрациите од Џоан и со мали донации. Не било лесно да се оствари таа цел, но за среќа на многуте мачки таму, овој пар успеал во својата намера.

Во нивната куќа, која истовремено е и засолниште за мачки, и во дворот денес живеат 55 мачки. Но, со оглед на тоа дека Ричард поради деловни обврски мора да се пресели во Њујорк, парот бара помош за чување на имотот и мачките.

„Сакаме некој да ја продолжи нашата визија. Идеален кандидат би бил некој кој е љубител на мачки и природа. Тешко е да се избере бидејќи повеќето кандидати кои аплицираа се вистински љубители на животни. Но, оваа работа бара многу повеќе од тоа само да се љубители на животни. Потребен ни е некој кој ќе препознае ако мачката не е добро, ќе ја одведе на ветеринар и ќе ја лекува со лекови“, вели Ричард.

Освен тоа, Џоан и Ричард сакаат да отворат прифатилиште за мачки и да воспостават огранок од нивната спомената организација и во Америка.

To Top