Од милионерка до бездомничка: Тажната судбина на Настасија Урбано


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Настасија Урбано во осумдесеттите години од минатиот век беше познат супермодел кој ги красеше насловните страници на престижниот Vogue, а своевремено беше и заштитно лице на парфемот Opium од Yves Saint Laurent.

Освен тоа, Урбано предводеше модни кампањи заедно со супермодели како Линда Еванџелиста. Иако во зенитот на својата кариера заработуваше милион долари годишно, сега е бездомничка која живее на улиците од Барселона.

„Работев за сите можни списанија. Заработував милион долари годишно за вкупно 20 дена работа и тоа беше така три-четири години со ред. Еден ден вечерав со Џек Николсон, друга вечер со Енди Ворхол, трета со Роман Полански“, се потсетува Настасија.

Се забавувала на журки со Мелани Грифит и Дон Џонсоон.

„Требаше да одам на венчавката од Мадона и Шон Пен, бидејќи тогашното мое момче Дејвид Кит беше поканет, но толку се испијанивме претходниот ден, што на денот на свадбата не можевме да станеме на време. Имав сè во животот, живеев како кралица“, реди спомени Урбано.

Но, сиот нејзин живот се променил кога го запознала својот бивш сопруг и татко на нејзините деца.

„Целосно го финансирав нашиот заеднички живот, а тој ме остави само во алиштата кои ги имав на себе. Ги трошеше моите пари, а само два дена после нашата венчавка ми бараше да му купам нов BMW автомобил, па јас, како секоја вљубена жена, го направив тоа. Единствена добра работа што излезе од тој брак се нашите деца“, објаснува Урбано.

Настасија денес страда од депресија и живее на улиците од Барселона, бидејќи нема доволно пари да си плати стан.

„Сакам да живеам, не само да преживувам. Уморна сум од преживување и барање пари. Сите околу мене ме напуштија. Најголема желба ми е да се опоравам. Да видат децата дека сум добра. Сакам да бидат горди на мене“, порачува Урбано.

Нејзината манекенска кариера таа ја започна во Барселона и беше модел за врвните брендови како Revlon и Yves Saint Laurent.

Откако разбраа за нејзината моментална состојба, група нејзини бивши колеги одлучија да направат сè што можат за да ѝ помогнат повторно да застане на нозе.

„Нејзината ситуација ме остави во шок. Никој не го очекуваше тоа. Ние бевме на ниво на принцези, а таа на ниво на божица“, вели Рут Шулер и додава дека се сеќава на Настасија како интровертна личност, многу убава и великодушна кон другите.

Уште еден модел, Хернандо Херера, вели дека смета оти Урбано уште многу може да му даде на модниот свет, како и дека е спремен да разговара со фотографите и агенциите со цел таа да почне повторно да работи.