Од Marvel до новиот од Тарантино: Филмови кои ќе ги гледаме во 2019 година


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Филмските фанатици сигурно веќе имаат направено листа со филмските остварувања кои ќе пристигнат во 2019 година, а кои веќе си ги зацртале како задолжителна филмска лектира во новата година.

Во кино салите премиерни проекции во 2019 година ќе имаат неколку филмски дела кои дефинитивно ќе ги одбележат новите филмски 365 дена.

Филмот „Glass“ премиерно ќе биде прикажан на 18 јануари, а се очекува со овој филм М. Најт Шајамалан да продолжи со својата серија квалитетни филмови. „Glass“ е третото поглавје од трилогијата која тој ја започна во 2000 година со „Unbreakable“, после кој следеше „Split“ во 2016.

Седум дена после него, премиерно пристигнува „Destroyer“, чија режија ја потпишува повеќекратно наградуваната Карин Кусама. Главна ѕвезда во овој филм е Никол Кидман, која ја игра детективката Ерин Бел, која има доживеано нервен слом после долготрајната тајна задача во чии рамки била инфилтрирана во еден калифорниски бенд.

Истиот ден со премиерата на „Destroyer“, пристигнува и „Vice“, филм на Адам МекКеј, во кој Кристијан Бејл се здебели до мера на непрепознатливост, со цел што поверодостојно да го отелотвори некогашниот американски потпретседател Дик Чејни.

Февруари го носи „Burning“ од корејскиот режисер Ли Ченг-донг, кој оваа година беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал во Кан, додека во март во кината пристигнува „Captain Marvel“, кој на големото платно донесува вистински женски суперхерој.

Вестернот „The Sisters Brothers“ во кино салите пристигнува на 5 април, а на 26 април пристигнува уште една авантура од Marvel. Станува збор за „Avengers: Endgame“, во која повторно ќе го гледаме Тони Старк, односно Iron Man кој во вселената ќе се бори со колегите и пријателите, тука ќе биде и Captain America (капетан Америка) кој ќе го игра Крис Еванс и Black Widow (Црната вдовица), која ќе ја глуми Скарлет Јохансон.

Во јули пристигнува „The Lion King“, играна филмска верзија на еден од најомилените анимирани филмови на сите времиња.

„Оnce Upon A Time In Hollywood“, долгоочекуваниот нов филм на култниот Квентин Тарантино, во кој главните улоги ги имаат Леонардо ДиКаприо, Бред Пит и Маргот Роби, во кино салите премиерно пристигнува на 26 јули.

На почетокот од септември премиера ќе има „It: Chapter Two“, вториот дел од филмската адаптација на дело од Стивен Кинг во кој дејството се случува во сегашноста. Некогаш деца, а денес возрасни и трауматизирани луѓе, ликовите уште еднаш ќе мора да се борат против Pennywise.

„The Joker”, кој ја пренесува приказната за потеклото на овој стрип анти-херој во кино салите ќе се прикажува од 4 октомври.