
Хенри Кавил не ја затвора вратата за можно враќање во улогата на Супермен. Четириесет и тригодишниот актер го играше суперхеројот од 2013 година, а последен пат се појави во таа улога во 2022 година.
Токму во 2022 година Кавил соопшти дека нема повторно да го облече костимот на Супермен, откако се сретнал со тогашните раководители на студиото, Џејмс Ган и Питер Сафран.
„Штотуку имав состанок со Џејмс Ган и Питер Сафран и, за жал, вестите не се добри. Сепак нема да се вратам како Супермен. Откако студиото ми кажа во октомври да го најавам моето враќање, пред тие да бидат ангажирани, оваа вест не е лесна за прифаќање, но таков е животот“, напиша тогаш актерот.
„Промените во раководството се случуваат. Го почитувам тоа. Џејмс и Питер треба да изградат нов универзум. Ним и на сите што се вклучени во него им посакувам многу среќа и успех“, додаде тој.
Обраќајќи им се на обожавателите што го поддржувале низ годините, Кавил порача: „Можеме малку да тагуваме, но потоа треба да се потсетиме дека Супермен сè уште е тука. Сè за што се залага и понатаму постои, а примерите што ни ги дава остануваат! Моето време со наметката заврши, но она што го претставува Супермен никогаш нема да исчезне. Беше прекрасно патување со сите вас. Продолжуваме напред и нагоре“.
Само неколку недели пред тоа соопштение, Кавил се појави како Супермен во „Црниот Адам“. Подоцна за новиот Супермен беше избран Дејвид Коренсвет.
Но во интервју за „Инверс“, објавено во средата, 11 ноември, Кавил откри дека не би ја отфрлил можноста повторно да ја преземе улогата.
„Има многу фантастични приказни. Секогаш има многу можности. Како што гулабот му пееше на Фајвел во ‘An American Tail’: ‘Никогаш не вели никогаш’. И јас верувам во тоа. Прекрасно си поминав играјќи го Супермен. Никогаш не би рекол дека тоа е засекогаш завршено“, изјави тој.
Кавил, кој минатата година потврди дека има ќерка, сподели и редок детаљ од семејниот живот.
„Понекогаш луѓето ѝ испраќаат на ќерка ми работи со Супермен, како шега. Пред некој ден отворивме една играчка Супермен, а таа ја погледна и рече: ‘Тоа е тато!’ Има само две години и четири месеци, па немам поим како знае дека тоа сум јас, каква космичка врска беше тоа. Но навистина ме трогна на посебен начин, бидејќи ми беше огромна чест да го играм Супермен“, раскажа актерот.
Тој додаде дека во годините додека ја толкувал улогата запознал многу деца и млади луѓе и дека секогаш го трогнувало кога родителите му ги подавале своите деца со зборовите: „Тоа е Супермен“.
„Но кога тоа се случи со мојата ќерка, која сè уште не знае кој е Супермен, тој миг доби сосема посебно значење. Тогаш навистина го почувствував тоа и ми го стопли срцето. Се сметам за неверојатно среќен што ја имав таа можност и што го доживеав моментот кога таа ја погледна играчката Супермен“, рече Кавил.
Извор: Just Jared