Не правете фурна од спалната соба за да ви биде топло навечер во зима – погрешно е


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Кога ќе фатат зимските минусни температури, сите оние кои немаат греење во спалните соби (а и оние кои имаат не се ништо поарни), душа си вадат за навечер, кога ќе си легнат, да им биде што потопла таа соба. Но, истражувањата и научните факти поврзани со телесната реакција на студот додека спиете велат дека тоа е сосема погрешна пракса.

Студии покажуваат дека спиењето во топло простории доведува до утринско зголемено ниво на стрес хормонот кортизол. И испитувања во болници покажале дека пациентите подобро спијат на пониски температури.

Основната физиологија вели дека телото минува низ серија промени во текот на спиењето. Температурата на мозокот и телото се спушта, нивото на шеќер опаѓа, ритамот на срцето забавува. Спиењето во топло практично му тера контра ваквиот процес.

Најчестите препораки од здравствените инстанци препорачуваат спалната да биде загреaна меѓу 15,5 и 19,4 целзиусови степени. Некои инстанци заговараат фиксна температура од 18, 3 степени.

Американскиот департмент за енергетика има свои препораки по кои домот денски треба да се држи на 20 степени а ноќе пониско. Ова со напомена дека нивните препораки имаат повеќе врска со парите отколку со здравјето. Прв кој почна да се меша во тоа прашање беше Никсон за време на нафтената криза во 1973 година, за нацијата да заштеди на дефицитарните енергенси. Потоа, во 1977 година, Џими Картер дополнително ја заладува атмосферата па за домовите се препорачува дневна температура од 18 а ноќна од само 12,7 целзиусови степени. За да покаже дека е сериозен, и во Белата куќа биле спуштени термостатите на тие нивоа. Се проценува дека на тој начин Американците успевале да заштедат преку милион литри нафта дневно. Времето на зимурливите доаѓа со Роналд Реган кој во 1981 година ги укинува ваквите препораки како непотребен регулаторен товар.

Американската фондација за сон препорачува температурата во спалните да биде 15, 5 степени. Со напомена дека на оние што им е ладно, подобро е да ја регулираат температурата со затоплување на нозете (чорапи) и главата (капа или термофор под перница) отколку со трупање ќебиња и јамболии. И да бидат свесни дека, слично на влегувањето во море или базен, на почетокот може да им биде ладно ама телото брзо се прилагодува на новото „нормално“.