„Најсиромашниот“ претседател на светот, Мухика, со нов потег ја воодушеви светската јавност


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Бившиот уругвајски претседател, Хозе Мухика, кој за време на својот претседателски мандат стана познат како „најсиромашниот претседател на светот“, одби да ја прима пензијата што му следува за времето од неговата професионална кариера поминато како член на уругвајскиот Сенат.

Како што јави Би-Би-Си, Мухика во вторникот поднесе оставка на функцијата сенатор, која ја презеде по истекот на неговиот претседателски мандат во 2015 година, по што синоќа најави дека ќе се откаже од пензијата што законски му следува.

„Мотивите за мојата оставка се лични. Би го нарекол тоа умор по долгото патување. Секако дека додека мојот мозок функционира, не можам да се откажам од солидарноста и борбата за идеи“, наведе Мухика во оставката доставена до претседателската на Сенатот, Луција Тополански, со која е во брак веќе 13 години.

За време на својот претседателски мандат од 2010 до 2015 година, 83-годишниот Мухиха поголемиот дел од својата плата ја даваше во добротворни цели.

Единствено нешто што поседуваше кога ја презема должноста шеф на државата беше автомобил марка „Фолксваген буба“ од 1987 година, за кој во 2014 година му беа понудени милион долари, но Мухика го одби предлогот со образложение дека ако го продаде возилото ќе нема со што да го вози неговото куче кое има три нозе.