На денешен ден, 18. април, 1941 година, Хитлер дава амин Бугарија да ја окупира Македонија

На 18 април 1941 година, откако Бугарија доби дозвола од Хитлеровата врховна команда, единиците на Петтата бугарска армија, со Шестата и со Седмата пешадиска дивизија, ја започнаа воената окупација на Македонија, пишува Независен.

Овој историски факт, под рефлекторите на денешното политичко препрочитување на историјата на Македонија, Бугарија настојува овој настан од историјата наместо окупација еуфемизирано да се третира како администрирање со Македонија.

Но, историските факти говорат нешто сосема друго.

Пред да почне окупацијата од Бугарија на Македонија на 6 април 1941 година Германија и Италија ја нападнале кралска Југославија, која била поразена за десетина дена. Бугарија не учествува во воените дејствиjа. Германците на 18 април ја поканиле Бугарија да ја преземе контролата врз дел од територијата на тн. Вардарската Бановина, односно на Македонија.

На 19 април 1941 година, при навлегувањето на бугарските единици во Струмица, биле организирани масовни демонстрации со учество на неколку илјади граѓани. Пред седиштето на есперантистите се собрало маса граѓани и во поворка тргнале по улиците на Струмица. Носејќи ја картата на Македонија ги извикувале паролите Македонија на Македонците, Да живее слободна Македонија, Долу шпиони…

Бугарија по окупацијата го воведува бугарско законодавство. Се обновуваат некогашните епархии на Бугарската егзархија и бугарски училишта.

По окупацијата и организирањето на административната власт се започнало со создавање и на други институции: граѓански судови, обласна финансиска дирекција, инспекциски служби и слично. Во административно-политичкиот систем во спроведувањето на новата бугарска власт значајна улога имале и институциите кметство и кметско намесништво (старешина на селото – определен од власта), како органи на централната власт во Софија.

Раководниот кадар и најголемиот дел од службениците биле регрутирани од Бугарија. Заедно со воено-полициската администрација од Бугарија пристигнале и голем број на службеници, сите тие заедно ја претставувале главната потпора на бугарската власт во Македонија. Со оваа политика на Царството Бугарија покажало дека немале доверба во македонското население. Одделни пратеници во бугарското Народно собрание побарале бугарската влада да преземе мерки против манифестирањето на македонската национална самобитност. Бугарското собрание побарало за Македонците да се употребува терминот Бугари од Македонија, а не Македонци.

Иако Македонија била анектирана од страна на Бугарија, бугарските власти се стремеле да остават впечаток дека не се создава посебна окупаторска власт во Македонија.

На 6 април, Нацистичка Германија започнала напад врз Грција, која била разбиена и окупирана до 30 април. На 13 април Адолф Хитлер ја објавил директива бр 27, која предвидувала идната окупација на Грција. На 20 април 1941 година Втората бугарска армија влегла во Беломорска Тракија и во источниот дел од Егејска Македонија, односно на територијата меѓу реките Струма и Марица. На исток од Струма, вклучувајќи го стратешкиот важен град Солун се утврдиле германски окупаторски сили, како и на запад од реката Марица, каде што се утврдува демилитаризирана зона на границата со Турција.

Германски војници влегле и во градот Лерин, иако фашистичка Италија и Бугарија го оспориле таквиот чин. По излегувањето на Италија од војната во летото 1943 година, бугарски сили ги зазеле и централните делови на Егејска Македонија со Солунско (без самиот град) и полуостровот Халкидик.

За време на бугарската окупација на Македонија е извршена и депортацијата на Евреите од Македонија, што била организирана од владите на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија, со цел систематска елиминација на еврејското население од тн. „новоослободени територии“ од страна на бугарската власт.

Депортацијата на Евреите од Македонија претставува дел од депортација на Евреите од сите „новоослободени територии“ (Вардарска Македонија, Егејска Македонија, Поморавјето во Србија и Тракија).

Сите Евреи од Македонија биле депортирани во нацистичкиот логор Треблинка во окупирана Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Од Треблинка не се вратил никој.

Од Вардарска Македонија биле иселени над 7.000 Евреи, а вклучувајќи ги и оние од Егејска Македонија и Тракија околу 11.400. Според податоци од октомври 1945 година, на територијата на денешна Македонија преостанале само 419 Евреи.