Мерак за гледање: Бернардо Силва е фудбалска поезија на теренот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Нант немаше што многу да бара на југот од Франција против одличните Монако.

Без сомнеж, еден од најубавите тимови за гледање во Европа. И не, не забораваме на одличната Севилја, но она што дечките од Монако го прават оваа сезона е фудбалска поезија на терените. Ќе биде вистинска штета (а е голема веројатност), ако во летниот период најбогатите клубови на европската сцена го раскрчмат тимот на Леонард Жардим.

Веројатно е доста нереална опција, но ако Бернардо Силва, Килијан Мбапе и лудата дружина од Луи останат на едно место уште барем две години, сигурно би ја нападнале и европската клупска круна. Сега е уште рано, се виде тоа од првиот меч со Манчестер Сити во осминафиналето од Лигата на шампионите кога лесно ја прокоцкаа предноста, но титулата во Франција?

За тој успех Монако го започна одбројувањето. Во 28-то коло од француската лига тие го декласираа Нант со 4:0 и ја задржаа предноста од три бода пред ПСЖ, а до крајот на сезоната имаат уште десет првенствени натпревари. По она што можеше да се види вчера на теренот – момците од Жардим немаат страв. Уште повеќе, им годи сето внимание на фудбалската планета.

Мбапе со своите 18 години продолжи да ја „тероризира“ противничката одбрана со два гола, а по еден постигнаа Валер Жермиен и Фабијано.

Но, Бернардо Силва? Тоа момче е вистински дар за очи. И ако во првата сезона во кнежевството не ги оправда во целост 15.750.000 евра колку што Монако им плати на Бенфика за неговиот договор, во оваа втора половина веќе докажа дека е еден од најголемите бисери во светот на фудбалот. Леснотијата при играта, елеганцијата во нозете – сето тоа кај 22-годишниот Португалец вреди многу повеќе од било која статистика.

И двата гола на Мбапе паднаа после фантастични потези на Силва, кај првиот и со голема помош на дефанзивците од Нант, но потези кои, иако не беа крунисани со некој негов конкретен погодок, сепак вредеа речиси исто како да поентирал.