Медиумите тврдат дека Јуве се ослободува од него – неговиот менаџер негира

Италијанските медиуми објавија неочекувана вест за можниот трансфер на Марко Пјаца, кој минатото лето во рекорден трансфер од Динамо премина во дресот на Јувентус.

Медиумите пишуваат дека Јувентус е спремен да го прати Марко во Фиорентина, во замена за Федерико Бернардески, од кој Фиорентина ќе се откаже само ако и Пјаца е вклучен во трансферот.

Јувентус би го пратил Марко во Фиренца на двегодишна позајмица, заедно со опцијата подоцна да го откупат неговиот договор.

Фиорентина е заинтересирана за младиот хрватски напаѓач кому дебитантската сезона во Серија А му ја расипа тешката повреда. Јувентус, кој неодамна го доведе Даглас Коста од Баерн, наводно е спремен да се откаже од Пјаца, а одлуката би требало да биде на бившата ѕвезда на Динамо кој во Торино отиде за 23 милиони евра.

Менаџерот на Пјаца, Марко Налетиќ, за торинските новинари изјави: „Пјаца во Фиорентина? Тоа се измислици, се опоравува од повредата и се спрема за новата сезона“.