Животните приказни на луѓето што ги обележале спортот, модата, музиката и поп-културата отсекогаш ја привлекувале телевизиската публика. Биографските серии го откриваат и она што останува во сенка на нивните успеси: амбициите, ривалствата, љубовните врски, личните кризи и цената на славата. Преку нив ги запознаваме познатите од поинаков агол, се враќаме во времето кога се граделе нивните кариери и ги следиме настаните што им го промениле животот. Ако барате што да гледате во студените вечери, овие наслови заслужуваат место на вашата листа.

Биографски серии за овој ноември
„Сена“
За љубителите на спортски драми и приказни за големи амбиции, „Сена“ е наслов што вреди да се погледне. Габриел Леоне го игра Аиртон Сена, бразилскиот возач на Формула 1 кој освои три светски шампионски титули и стана една од најголемите спортски икони. Серијата го следи неговиот пат од првите трки и заминувањето во Европа до светскиот врв. Истовремено, ги прикажува ривалството со Ален Прост, љубовните врски и притисокот што ја придружувал неговата кариера. Приказната завршува со трагичната несреќа на трката за Големата награда на Сан Марино во 1994 година, настан што засекогаш ја промени историјата на Формула 1.
„Халстон“
Модата од седумдесеттите и осумдесеттите години, њујоршкиот гламур и легендарниот клуб „Студио 54“ се заднината на серијата „Халстон“. Јуан Мекгрегор го толкува Рој Халстон Фровик, американскиот дизајнер кој со минималистичките креации изгради препознатлив моден израз и стана едно од најзначајните имиња на американската мода. Серијата ги прикажува неговиот професионален подем, соработките со познати личности, меѓу кои и Лајза Минели, но и сложениот однос кон сопствениот успех. Зад раскошните ревии и гламурозните забави се отвора приказна за творечките амбиции, деловните одлуки, личните проблеми и битката да ја задржи контролата врз сопственото име.
„Како се создаваше Карл Лагерфелд“
Пред да стане еден од најпрепознатливите дизајнери во светот, Карл Лагерфелд бил амбициозен млад човек кој се обидувал да го најде своето место во париската модна индустрија. Токму на тој дел од неговиот живот се посветува серијата „Како се создаваше Карл Лагерфелд“, со Даниел Брил во главната улога. Дејството почнува во 1972 година и ги преплетува неговите професионални и приватни случувања, врската со Жак де Башер и сè поизразеното ривалство со Ив Сен Лоран.
„Пем и Томи“
Лили Џејмс и Себастијан Стен ги играат Памела Андерсон и Томи Ли во серијата што нè враќа во времето на еден од најпознатите скандали со славни личности во деведесеттите. Во средиштето е приватната снимка на двојката, украдена од нивниот дом и објавена без нивна согласност, која предизвика огромно медиумско внимание. „Пем и Томи“ не ја раскажува само бурната врска меѓу актерката и музичарот, туку ги отвора и прашањата за границите на приватноста, медиумската експлоатација и почетоците на културата на вирални скандали. Особено интересна е споредбата меѓу овој настан од раните денови на интернетот и денешниот однос кон приватниот живот на познатите.
„Мајк“
Треванте Роудс го толкува Мајк Тајсон во оваа играна серија за животот на еден од најпознатите боксери на сите времиња. Приказната тргнува од тешкото детство и запознавањето со тренерот Кас Д’Амато, а потоа го следи неговото вртоглаво искачување во професионалниот бокс до светската титула. Но „Мајк“ не се ограничува на спортските победи. Во фокусот се и контроверзиите, приватните односи, проблемите со законот и медиумското внимание што го следело Тајсон. Во осум епизоди, серијата ја разгледува сложената поврзаност меѓу славата, парите, моќта и личните одлуки, прикажувајќи човек чиј живот надвор од рингот бил речиси подеднакво бурен како и во него.
„Кристобал Баленсијага“
Кристобал Баленсијага има посебно место во модната историја, а истоимената серија го раскажува неговиот пат до еден од највлијателните модни дизајнери на 20 век. Алберто Сан Хуан го игра шпанскиот креатор кој остава зад себе успешен бизнис во татковината и заминува во Париз, тогашниот центар на светската висока мода. Приказната ги следи неговите први колекции во француската престолнина, предизвиците со кои се соочува и обидите да изгради препознатлив стил во индустрија во која веќе доминираат големи имиња.
Извор: Lepota i Zdravlje