
Роби Вилијамс се огласи по коментарите дека песната „Take Me Home (4 Christmas)“ на Оливија Родриго наликува на неговиот хит „Candy“ од 2012 година.
Изминативе денови, новата песна на Оливија беше споредувана и со други композиции, меѓу кои и божиќниот класик „Christmas Wrapping“ на групата „The Waitresses“ од 1981 година.
Во објава на Инстаграм, Вилијамс откри дека ја сака Оливија како уметница и дека, според него, станува збор за мала, ненамерна сличност.
„Ја обожавам Оливија Родриго. Мене ми звучи како во една од нејзините нови песни случајно да се појавило музичко ехо од некоја моја песна. И знаете што? Воопшто не ми пречи“, напиша тој.
„Не знам дали, технички гледано, има некаков проблем со издавачките права, со авторските права или, пак, воопшто нема проблем. И не сакам да знам. Немам намера да преземам правни чекори против неа. Затоа што мислам дека во одреден момент мора, по ѓаволите, да надвладее здравиот разум“, продолжи пејачот.
Вилијамс потсети дека бројот на музички ноти и акорди е ограничен и дека уметниците неизбежно понекогаш стигнуваат до нешто што некој друг веќе го создал.
„Вистинската кражба е вистинска кражба. Уметниците заслужуваат заштита. Но постои разлика меѓу тоа да го заштитите своето дело и секоја низа ноти што звучи барем малку познато да ја третирате како добитно ливче на лотарија“, порача тој.
„Сите се потпираме врз делото на оние што биле пред нас. Понекогаш свесно. Понекогаш без воопшто да го знаеме тоа. Ако продолжиме да ги казнуваме луѓето затоа што случајно стигнале до нешто до кое некој друг веќе стигнал, на крајот со страв ќе ја задушиме креативноста кај сите“, додаде Вилијамс.
Извор: Just Jared