КОВИД-19 едни ги остави на улица, други ги дозбогати – 26 милиони без работа во САД, милијадерите „во ќар“


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


САД веројатно најдраматично го доживеа економскиот потрес предизвикан од епидемијата на коронавирусот. Но, додека за мнозинството беше економски фатална ситуација, за најбогатите воопшто не беше црно сценарио. Од една страна, над 26 милиони Американци останаа без работа, а од друга страна, милијардерите во САД го зголемија своето богатство 308 милијарди долари, објавува Гардијан.

Позната е изреката: „Немој да дозволиш добрата криза да замине залудно“. И додека пандемијата на коронавирусот го покори светот, еден процент од најбогатите Американци ја искористија профитабилноста на таа стара поговорка.

Некои од најбогатите луѓе во САД застанале први во ред кога Владата делеше билиони долари за поддршка на економијата, која е блокирана поради пандемијата на коронавирусот. Истовремено, милијардерите на своето конто додадоа 308 милијарди долари за четири недели, иако во тој период 26 милиони луѓе останаа без работа.

Според новиот извештај на Институтот за проучување политики, меѓу 18 и 22 април богатството на американските богаташи се зголемило 10,5 отсто. Меѓутоа, по последната рецесија требало да поминат две години за имотот на милијардерите да се врати на нивото од 2007 година.

Осум милијардери забележале раст на богатството за над една милијарда долари, меѓу кои се шефот на „Амазон“ Џеф Безос и неговата поранешна сопруга Макензи Безос, основачот на „Зум“ Ерик Јуан, поранешниот шеф на „Мајкрософт“ Стив Балмер и сопственикот на „Тесла“ и „Спејс икс“ Илон Маск.

Приливот од милијарди долари доаѓа од „пловидбата на цела флота големи бизниса на милионерите и милијардерите, низ дупките на прописите за помош, вредна 349 милијарди долари, наменета за спасување на тешко погодените мали бизнис. Имено, околу 150 јавни компании успеале да „приграбат“ повеќе од 600 милиони долари неповратни кредити, пред да исчезнат средствата.

Банките, кои биле најголеми примачи на парите од помошта во текот на минатата рецесија, исто така, добро поминаа, добивајќи 10 милијарди државни кредити, покажува анализата на Националното јавно радио.

– „Глава“ ние добиваме, „писмо“ вие губите, изјави Чак Колинс, директор на програмата за нееднаквост и општо добро при Институтот за проучување политики и коавтор на новиот извештај. Тој додаде дека пандемијата дополнително ги покажала лошите страни на американската политика, која го зголемила јазот меѓу навистина богатите и останатите во текот на децениите.

Колинс наведува дека „економските правила се во корист на сопствениците на капиталот, а против сите останати“.

Имено, до 2016 година, седум години по завршувањето на последната рецесија, 90 отсто најсиромашни домаќинства во САД се уште не се „застанати на нозе“ од кризата, додека оние 10 отсто на врвот биле побогати отколку во 2007 година.