Комплетна 3D-снимка на остатоците од Титаник која може да расчисти многу прашања во врска со потонувањето


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Легендарниот и веројатно најпознат брод на сите времиња, Титаник, чии остатоци повеќе од 110 години се наоѓаат на дното на Атлантски Океан, сега е можно да се види во сосема ново светло благодарение на 3Д-технологијата и мапирањето на дното на океанот.

Направено е првото целосно дигитално скенирање на Титаник, со чија помош е можно да се види целиот брод во 3Д-технологија, како да нема вода.

Истражувачите веруваат дека на овој начин ќе се откријат нови детали за тоа што точно се случило во таа кобна априлска ноќ во 1912 година, кога загинале над 1.500 луѓе. „Сè уште има прашања, основни прашања, на кои треба да се одговори“, изјави аналитичарот на Титаник, Паркс Стивенсон, за Би-би-си њуз.

Тој рече дека моделот е „еден од првите големи чекори во придвижувањето на приказната за Титаник кон истражување засновано на докази – а не на претпоставки“. Титаник е темелно истражуван уште од откривањето на потонатиот брод во 1985 година. Но тој е толку огромен што во темнината на длабочините камерите можат да ни покажат само делумни слики од бродот што се распаѓа.

Новата снимка го прикажува потонатиот брод во целост, откривајќи целосен поглед на Титаник. Се состои од два дела, а носот и крмата се оддалечени околу 800 м еден од друг. Огромно поле со отпад го опкружува уништениот брод. Скенирањето било спроведено во летото 2022 година од страна на компанијата Магелан, за мапирање на длабочина, и Атлантик продукција, кои снимаат документарен филм за проектот.

Подморниците, со кои од далечина управувал тим на специјализиран брод, поминале повеќе од 200 часа во истражување на остатоците надолго и нашироко. Тие направиле повеќе од 700.000 слики од секој агол, создавајќи точна 3Д-реконструкција.

Герхард Сајферт од Магелан, кој ја предводел експедицијата, рече дека тоа е најголемиот проект за скенирање под вода што некогаш го презел. „Длабочината, речиси 4.000 метри, е предизвик, а на тоа место има и струи – и не смееме ништо да допираме за да не го оштетиме потонатиот брод“, објасни тој.

„А другиот предизвик е што треба да го мапирате секој квадратен сантиметар – дури и неинтересните делови, како што е полето со отпадоци, мора да мапирате кал“.

Скенирањето ја покажува и големината на бродот, како и некои детали, како што е серискиот број на еден од пропелерите. Носот, сега покриен со сталактити од ‘рѓа, сè уште е препознатлив. Сепак, крмата е хаотично купиште метал. Овој дел од бродот се разурнал кога паднал на морското дно.

Во околината на бродот се расфрлани предмети, вклучувајќи раскошни метални предмети од бродот, статуи и неотворени шишиња шампањ. Има и лични предмети, вклучувајќи и десетици чевли, кои лежат на дното.

Паркс Стивенсон, кој со години го проучува Титаник, рече дека бил воодушевен кога првпат ги видел снимките.

„Тоа ви овозможува да ги видите остатоците како што никогаш не можете да ги видите од подморница, и можете да ги видите остатоците од бродот во целост, можете да го видите во контекст и перспектива. А она што ви го покажува сега е вистинската состојба на потонатиот брод“, тој рече.

Тој рече дека проучувањето на снимките може да даде нов увид во тоа што се случило со Титаник во таа кобна ноќ во 1912 година. „Навистина не ја разбираме природата на судирот со сантата мраз. Не знаеме ни дали таа го удрила на десната страна, како што е прикажано во сите филмови“, објасни тој.

Проучувањето на крмата, додаде тој, може да ја открие механиката за тоа како бродот удрил во морското дно. Морето го зема данокот на остатоците, микробите ги јадат, а делови се распаѓаат. Историчарите добро знаат дека истекува времето за целосно разбирање на морската катастрофа.

Но скенирањето сега ги замрзнува остатоците во времето и ќе им овозможи на експертите да навлезат во секој детаљ.