Кој е Мевлут Мерт Алтинтас – убиецот на рускиот амбасадор во Турција

Лицето кое вчера изврши брутален атентат врз рускиот амбасадор во Турција е идентификуван како Мевлут Мерт Алтинтас. Мевлут е бивш припадник на турската полиција кој беше отпуштен од работното место во текот на истрагата после неуспешниот воен пуч на 15-ту јули, пренесува Нова ТВ.

Алтинтас беше дел од полициската единица за контрола на демонстрации. Роден е во 1994 година, а се школувал во Измир.

Според порталот Хабертурк, чии наводи ги пренесува ТАСС, 22-годишниот Алтинтас бил припадник на терористичката организација на проповедникот Фетулах Ѓулен, кого турските власти го обвинуваат за обидот за државен удар.

20-12-mevlut1

Рускиот амбасадор Андреј Карлов почина откако за време на говорот на отварањето на изложба во Анкара беше застрелан со повеќе куршуми од страна на Мевлут.

Убиецот беше веднаш ликвидиран од страна на припадниците на обезбедувањето на зградата во која се организирала изложбата и кај него била пронајдена полициска легитимација. Медиумите јавуваат дека убиецот извикал „Алаху Акбар“ и „Не го заборавајте Алепо! Не ја заборавајте Сирија!“.