Јоксимовиќ, сепак, нема да настапи на Охридско лето


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


После лавината од бурни реакции на македонската јавност и домашните музичари за евентуалниот настап на Жељко Јоксимовиќ на Охридско лето и важноста на оваа културно-уменичка манифестација која ќе се деградира со ангажман на пејач од таков калибар, беа причина раководство на Фестивалот да го преиспита својот став за настапот на Жељко Јоксимовиќ, и покрај тоа што преговорите со Јоксимовиќ сè уште течеа. Ова во изјава за Телма го потврди директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ. Големиот број реакции се однесуваат на естрадизацијата на културата на која многу пати сведочиме.

„Јас, како селектор на овогодишната музичка програма на фестивалот Охридско лето, изјавувам дека концерт на Жељко Јоксимовиќ нема да има. Директорката Наташа Поповиќ најверојатно ја има разгледувано можноста за пошироката публика која со години наназад доаѓа да ги проследи концертите на уметници кои не се од класичната сцена и се во офф-програма и тука е дојдено до недоразбирање со сите социјални мрежи кои ни помогнаа на еден начин да се спомене и прозбори за фестивалот Охридско лето“, изјави за СакамДаКажам пијанистката и професорка Даница Стојанова.

„Во ова специфично време, кога сите сме под страшни притисоци и катадневно живееме во стрес, како да се научивме да живееме без вистинските предизвици, ами одвај чекаме секоја вест да ја објавиме и исценираме небаре сме Холивуд. Сиот новинарски еснаф знае дека наназад шеесет години, додека не излезат селекторите заедно со директорката на фестивалот на прес да ја објават програмата за фестивалот, сè друго е само зборување, размисли и преносни информации по коридори. Фактот дека излезе фотографија од програма на фестивалот која уште не е потврдена, ниту излезена е чин кој имаше за цел да направи голема штета, пред сѐ на Уметноста. Денови нѐ делат од најновото издание на Охридско лето 2020 каде ќе ја славиме, музиката, театарот, играта а некој тоа не го почитува ами го користи за некакви односно никакви цели. Пред вистината и боговите молчат, до сите вас кои нестрпливо ја чекате објавата на програмата за Охридско лето 2020, ве поздравувам и посакувам добро здравје и носете маски“, вели селекторката.

Инаку изминатите години на Охридско лето настапувале светски ѕвезди од рангот на Хозе Карерас, Енио Мориконе, Џеси Норман, Вадим Репин, Џулијан Рахлин, Стефан Миленковиќ, и многу други домашни и странски уметници.

Јубилејното 60 то издание на „Охридско лето“ ќе започе на 4 август и ќе трае до 30 во месецот со почитување на протоколите на Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Уредбата на Владата. Сите настани ќе се одржуваат на отворено на сцените на Античкиот театар, Долни Сарај и предворјето на црквата Света Софија. Содржините на фестивалот ќе бидат објавени на прес конференција во текот на претстојната недела.