Пејсли-дезенот повторно е присутен во новите модни колекции, внесувајќи разиграност, боја и ретро-шарм во секојдневното облекување. Неговите препознатливи мотиви потсетуваат на капка, лист или цвет. Иако има долга модна историја, при секое враќање добива малку поинаков изглед. Овојпат го среќаваме на фармерки, блузи, марами, панталони и фустани, особено во спој со едноставни, класични парчиња.
Поради впечатливите шари, на прв поглед може да изгледа тежок за комбинирање. Сепак, пејсли-дезенот се носи полесно отколку што се чини: доволно е едно парче да биде во центарот на вниманието, а остатокот од облеката да биде во неутрални тонови.

@carnetsauvage

@carnetsauvage
Од каде потекнува пејсли-дезенот и како се враќа во современата мода?
Станува збор за украсен мотив во облик на закривена капка или стилизиран лист, често исполнет со ситни цветни детали и орнаменти. Неговото потекло се поврзува со Персија и Индија, од каде што во текот на 18 и 19 век се проширил и во европската мода. Името го добил по шкотскиот град Пејсли, познат по производството на ткаенини со овој мотив.
Во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, овој дезен станал еден од препознатливите симболи на бохо-стилот и психоделичната естетика. Денес повторно се појавува во продавниците за облека, но во посовремена верзија: носталгичните шари се спојуваат со модерни кроеви. Затоа повеќе не е врзан само за посебни пригоди или за изразено бохо-облекување, туку лесно наоѓа место и во секојдневната гардероба.

@ionakoa_

@ionakoa_
Како да го носите пејсли-дезенот
Блуза или кошула е добар почеток ако сакате да го внесете овој дезен во гардеробата. Моделите од лесни материјали, со малку набрани ракави или со опуштен крој, одлично се вклопуваат со едноставни фармерки и панталони. За деловен изглед, комбинирајте ги со елегантни панталони и чизми до глужд со висока потпетица.
Марамата е можеби наједноставниот начин да ја испробате оваа шара без големи стилски промени. Може да ја врзете околу вратот, да ја носите како украс на чантата или да ја врзете на косата. Особено се издвојуваат моделите во бордо, темносини, кафеави и крем тонови, кои лесно се усогласуваат со неутралната есенска и зимска гардероба.
Извор: Lepota i Zdravlje