Груевски за италијанска „RAI“: „Во затвор ќе ме убиеја, затоа побарав азил“

Во интервју за италијанската национална телевизија RAI, бившиот премиер на Македонија и актуелен азилант и бегалец пред правдата, изјави дека побарал азил во Унгарија поради две причини – едната е дека судскиот процес во кој бил обвинет и осуден наводно бил политички монтиран, а втората е дека во затвор неговиот живот ќе бил загрозен.

„Малку пред да ја напуштам земјата испратив писмо до Јоханес Хан, европскиот комесар за проширување, Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ и на многу други, мислам дека и на Ангела Меркел, во кое побарав да испратат судија во пензија од поразвиените земји, да ги прочита документите според кои ме обвинуваат, да зборува со обвинителите, со нас, со судиите ако е потребно, но на моето писмо не добив одговор“ – вели Груевски.

Тој вели дека избегал и решил да бара азил од две причини

„Првата е дека бев под политички прогон, под притисок на владата и нашите судови кои решија да ме затворат. Случајот за кој бев осуден е фабрикуван и фалсификуван. Втората причина е дека во затворот ќе бев во опасност“ – вели тој.