Мануел Ото, авторот на популарната видеоигра Stick Run, почина од самоубиство на 30-годишна возраст. Според достапните информации, тој си го одзел животот за време на пренос во живо на Твич.
„Со голема тага ја потврдуваме и ја соопштуваме смртта на нашиот креатор, развивач и член на заедницата на Stick Run, Марк-Мануел Александер Ото“, се наведува во соопштението на тимот зад играта.
„Денес не жалиме само за нашиот креатор, туку и за еден од нас, чие дело стана дел од нашите животи. Неговото наследство ќе продолжи да живее преку секој спомен, секое трчање во играта и секој играч што пораснал со Stick Run. Изразуваме најдлабоко сочувство до неговото семејство, пријателите и сите врз чии животи оставил трага“, стои во продолжението на соопштението.
Тимот ја заврши пораката со зборовите: „Ти благодариме, Мануел, што беше дел од нашето детство. Никогаш нема да бидеш заборавен“.
Портпарол на Твич во средата изјави за People дека платформата брзо реагирала и го отстранила видеото на Ото „за да спречи други да го гледаат“. Отстранет бил и неговиот канал. Портпаролот не даде детали за тоа што се случило за време на преносот во живо.
„Она што се случи е ужасно, а менталното здравје и добросостојбата на нашата заедница ни се исклучително важни. Ги охрабруваме сите што минуваат низ тешкотии да побараат поддршка. На Твич нудиме и алатки што им помагаат на луѓето да се поврзат со локални служби за ментално здравје“, изјави портпаролот.
Ото ја создаде Stick Run во 2010 година, кога имал само 14 години. Играта првично беше достапна преку Фејсбук, а во 2013 година доби и верзии за Андроид и iOS.
Извор: US Weekly