
Пристигнаа првите рецензии за „Клејфејс“, а новиот филм на „Ди-си студиос“ предизвика различни реакции кај критичарите.
Филмот го режира Џејмс Воткинс, а главните улоги ги толкуваат Том Рис Харис, Наоми Аки и Макс Мингела. Ова е првиот исчекор на „Ди-си студиос“ во жанрот хорор-трилер, со возрасна ознака R.
За што раскажува „Клејфејс“?
Официјалниот синопсис ја најавува следнава приказна:
Вртоглавиот подем на Мет Хејген, од дете од улиците на Готам до холивудска ѕвезда, трагично запира кога постапките на еден локален криминален бос го оставаат со тешко обезличено лице и тело. Напуштен од својот тим и без ништо што би можел да изгуби, Мет бара најсовремен третман што чудесно му го враќа некогашниот изглед. Но, третманот неочекувано го нарушува и неговото чувство за реалност, туркајќи го по разорен пат на одмазда што целосно го обзема.
Додека едни критичари ги пофалуваат крвавите сцени и хорор-елементите, други сметаат дека приказната не успева да го постигне посакуваниот ефект.

Какви се оценките на критичарите?
Заклучно со среда, 21 октомври, „Клејфејс“ има 75 проценти позитивни оценки на „Ротен томејтос“, врз основа на 89 рецензии.
„Колајдер“ го опишува филмот како „одвратен“, но во позитивна смисла.
Критичарката Габриел Мос пишува: „Имајте предвид дека во овој контекст ‘одвратен’ е комплимент. ‘Клејфејс’ беше најавен како влез на филмскиот универзум на Ди-си во жанрот телесен хорор и го исполнува тоа ветување во секој поглед, бидејќи главниот лик Мет Хејген, кого го игра Том Рис Харис, навистина има ужасно тело. Во текот на филмот неговата кожа се растегнува и се топи, се вдлабнува и се преобликува, а врз него се користи сè — од куршуми и ножички за нокти до брич и отворач за конзерви. Ако го гледате во кино, речиси сигурно ќе слушнете неколку заеднички извици ‘Бљак!’ од публиката“.
„Скринкраш“ му даде оценка од 60 проценти.
Критичарот Мет Сингер вели: „Да не ги разубавуваме работите: Клејфејс е прилично одвратен тип. Тој е куп кал што оди. Ако веќе снимате филм за него, тогаш треба да ја натерате публиката да се превиткува од непријатност. Како трагична студија на еден скршен човек, ‘Клејфејс’ никогаш навистина не навлегува под површината. Но, како забавен, гадлив хорор, навистина ви се вовлекува под кожа“.
Филмот пријатно го изненади критичарот на „Асошиејтед прес“.
Марк Кенеди пишува: „‘Клејфејс’ е изненадувачки добар спој на трилер за одмазда, романса и приказна со телесен хорор за потеклото на еден помалку познат негативец од стриповите за Бетмен. Можеби не сме го барале, но ова е филм што ѝ угодува на публиката, следејќи ја способноста на својот насловен лик да понуди по нешто за секого“.
„Ролинг стоун“, пак, не беше импресиониран.
Критичарот Дејвид Фир вели: „Гледањето на оваа приказна, која на хартија звучи интересно, за негативец од светот на Бетмен повторно претворен во трагичен антихерој што се справува со психолошките последици од својата нова, сосема откачена телесна состојба, е како да јадете грст пластелин ‘Плеј-До’ — само двојно побезвкусно“.
„Индипендент“ му додели на филмот три од пет ѕвезди.
Критичарката Кларис Локри пишува: „Директорот на фотографија Роб Харди… и тука има тешкотии да воспостави препознатлив визуелен јазик, исто како во безличниот и мрачен ‘Супергрл’ од ова лето… Рис Харис го носи најголемиот товар; актерот, во својата прва голема главна улога, ја исполнува секоја сцена со толку силно чувство на повреденост што, дури и да му додадете уште десетина слоеви протетска шминка, неговата изведба повторно би дошла до израз“.
Извор: Just Jared