Градинките, училиштата и факултетите на пауза следните две недели – по еден родител ќе биде ослободен од работа


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Барањето од Комисијата за заразни болест за заострување на мерките во борбата против ширењето на коронавирусот беа прифатени од страна на Владата.

Оттука, следствено тие барања, во текот на наредните 14 дена ќе бидат затворени сите основни, средни и високообразовни институции, како и детските градинки. Вработените во овие установи се ослободуваат од работа, а како што информира министерот за здравство Венко Филипче, се дозволува платено отсуство на 1 родител на деца до 10 години во текот на наредните две недели.

– Апелирам да се избегнуваат и собирања на деца по игротеки – потенцира Филипче.

Досега во земјава има 8 случаи на заболени со коронавирус, а едно лице се тестира за вирусот. Во изолација се околу 100 лица.

Владата ги забрани сите масовни собири на отворено и затворено со над 1.000 учесници, а препорача да се откажат и оние со помалку учесници. Сите спортски настани треба да се организираат без публика.

Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица што доаѓаат од високо и средноризичните држави во период од 14 дена.

– Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од земјава, освен со посебна дозвола од Министерството за здравство. Се препорачува избегнување на патување во земји со висок и среден ризик. Се препорачува возрасните и повисоко ризичните категории граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз – рече Филипче.

Вработените во јавните здравствени установи, кои се ангажирани за потребите на изборниот процес, треба да бидат изземени од натамошно учество и да бидат заменети со други лица.
Листата со земји со висок и среден ризик ќе биде поставена на страната на Министерството за здравство и таа ќе биде секојдневно ажурирана.

Филипче истакна дека тие што не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети согласно со законот.