Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Од Фејсбук објавија дека го укинуваат системот за препознавање на лице кој автоматски ги идентификува корисниците на фотографиите и видеата, а како причина ја наведе зголемената загриженост поради употребата на таквата технологија.
„Регулаторите сè уште се во процес на давање јасни правила со кои се регулира употребата на таа технологија“, напиша на блог Џером Песенти, потпретседател на Фејсбук задолжен за вештачка интелигенција.
Одлуката доаѓа како дел од „потегот на компанијата за ограничување на употребата на препознавање на лице во нашите производи”, додаде тој.
„Гледајќи напред, ние сè уште ја гледаме технологијата за препознавање на лице како моќна алатка, на пример, за луѓето кои имаат потреба да го потврдат својот идентитет или да спречат измама и лажно претставување“, напиша Песенти, но исто така истакна дека „многуте специфични случаи каде што препознавањето на лице може да биде корисно мора да се мери со растечката загриженост за употребата на оваа технологија во целина“.
Фејсбук, кој беше преименуван во Мета платформс минатата недела, наведе дека повеќе од третина од дневно активните корисници ја вклучиле поставката за препознавање лице, а промената сега ќе ги избрише шаблоните за препознавање лице за повеќе од милијарда луѓе.
Отстранувањето ќе биде глобално и се очекува да биде завршено до декември, изјави портпаролот на Фејсбук.
Фејсбук додаде дека нејзината алатка за креирање описи на слики за лицата со оштетен вид повеќе нема да ги вклучуваат имињата на луѓето препознаени на фотографиите по отстранувањето, но инаку ќе функционира нормално.
Отстранувањето на препознавањето на лице доаѓа откако најголемата светска социјална онлајн платформа, но и целата технолошка индустрија, се соочија со предупредувања и критики дека технологијата може лажно да ги идентификува луѓето како сторители на кривични дела или да им даде предност на белите лица пред луѓето од другите раси.
Фејсбук е исто така под интензивна контрола од регулаторите и законодавците поради безбедноста на корисниците и широкиот спектар на злоупотреби на своите платформи.