Негативен тест дури и за во продавница – Грција воведува нови мерки за невакцинираните лица

Соочувајќи се со нов драстичен пораст на бројот на лица заразени со Ковид-19, грчката влада објави дека воведува задолжителен негативен ПЦР или антигенски тест на коронавирус за невакцинираните лица да влезат во простории на јавната администрација, продавници, банки, фризерски салони.

Мерката стапува на сила во сабота.

Вработените во приватниот и јавниот сектор кои не се вакцинирани ќе треба два пати неделно да покажат негативен тест на ковид 19, кој треба сами да го платат.

Казните за продавници и ресторани кои не ги почитуваат владините мерки се двојно зголемени на 5.000 евра.

„Нашето главно оружје против пандемијата е вакцината“, изјави денеска министерот за здравство Танос Плеврис.

Министерот предложи и сите лица кои ја примиле втората доза од вакцината пред повеќе од шест месеци да се вакцинираат со трета, бустер доза.

Досега, според министерството, вакцинирани се 63 отсто од општата популација.

Грција денеска забележа 6.700 нови случаи на инфекција со коронавирус во претходните 24 часа, што е рекорд од почетокот на пандемијата, а 59 лица починале.